1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерлер: Мора да се земат предвид и грижите на Москва

Роберт Шварц/БГ23 октомври 2014

ЕУ треба да направи чекор кон Русија и да ги сослуша и нејзините размислувања за договорите за слободна трговија со земјите од нејзиното опкружување, вели ополномоштеникот на Берлин за Русија, Гернот Ерлер

https://p.dw.com/p/1DbCY
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Грузија на пат кон интеграција со Западот“- под овој наслов Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин организираше дискусија со грузискиот министер за надворешни работи Маја Пањикидзе. Но, кусо пред почетокот на настанот, беше објавена веста дека Русија сака дополнително да го приближи до себе грузискиот сепаратистички регион Абхазија. Со новиот договор се предвидува и поблиска воена соработка. Новата офанзива на Москва и стравот во Грузија од повторување на Кримското-сценарио преовладаа на дискусијата.

ДВ: Г-дине Ерлер, новиот договор со кој Москва се обидува уште повеќе да ја приближи до себе Абхазија, предизвикува страв во Грузија дека можеби регионот ќе биде анектиран. Гледате ли во овој развој повторување на украинското сценарио и сличности со анексијата на Крим?

Ерлер: Се работи за опасен развој, за кој дознавме неодамна. Засега не знаеме како ќе се одвива дебатата во рамките на Абхазија. Сметам дека се уште не е дефинитивно донесена одлуката, затоа што, според моите проценки, во Абхазија нема мнозинство за прифаќање на нешто такво. Секако дека по искуството со Крим, мора да бидеме претпазливи и да и испратиме јасна порака на руската страна. На ваквото однесување во Грузија ќе се гледа како на дополнителен притисок да не се продолжува со интеграцијата кон Западот. Тоа ќе доведе до протести од Западот и критички прашања до рускиот партнер.

ДВ: Гледате ли опасност за сличен развој на состојбата и во Молдавија?

Ерлер: Во Молдавија, Русија има на располагање далеку повеќе средства. На 30. ноември таму ќе се одржат парламентарни избори, и засега не е извесно дали на власт ќе остане актуелната реформска коалиција, или ќе биде формирано друго мнозинство. Таму е отворено прашањето за Гагазите и секако главната тема за Транснистрија. Притоа треба да се води сметка и за бројните сезонски работници од Молдавија кои работат во Русија, како и за трговската зависност на Молдавија од Русија- тоа се лостови кои во случајот на Грузија немаат значење, но можат да се покажат како одлучувачки за Молдавија. Би рекол дека таму имаме една многу тешка ситуација.

Porträt Gernot Erler
Гернот ЕрлерФотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Како можат Германија и ЕУ, со оглед на актуелната ситуација во регионот да им помогнат на овие три земји: Украина, Молдавија и Грузија?

Ерлер: Најголемата помош е договорот за придружување и за слободна трговија со овие земји. Во суштина тие значат долгорочна поддршка, во секој случај поврзана со јасни очекувања за еден процес на трансформација, низ кој мораа да минат и другите земји со европска перспектива.

ДВ: Какви сигнали испраќа германската влада кон Москва, кога станува збор за овие три земји и нивната желба да се интегрираат во западниот систем?

Ерлер: Најважниот сигнал е да се потсети Русија, дека и Москва ги има потпишано Завршните акти од Хелсинки од 1975 година, во кои јасно се наведува дека секоја земја може самостојно да одлучува околу сопствената припадност кон колективните системи. Притоа е исто така многу важно да се земат в предвид и разбирливите грижи на Русија. Ние јасно прифаќаме дека постојат и руски интереси за кои треба да се разговара, а тоа го покажавме и со одложувањето на влегувањето во сила на договорот за слободна трговија со Украина за 1. јануари 2016 година. Дотогаш има доволно време да се разговара за загриженоста на Русите и да се најдат решенија. Сигналот е јасен: ние правиме чекор и кон Русија. Доколку таму постојат разбирливи, конкретни размислувања кои немаат геополитичка заднина, ние сме подготвени за тоа да разговараме. Можеби требаше тоа и претходно да го сториме.