1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган под притисок по рударската несреќа

Томас Зајберт/дпа/афп/Жана Ацеска14 мај 2014

Во рударската несреќа во Сома во Турција загинале над 230 рудари, стотина се отсечени под земја. Турскиот премиер Ердоган го посети рудникот, поради чија недоволна безбедност неговата влада се најде под огромен притисок.

https://p.dw.com/p/1BziW
Фотографија: picture alliance/AA

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска соопшти дека бројот на загинатите во вчерашниот инцидент во рудникот во Сома се искачил на 232 лица. Поради рударската несреќа Ердоган ја одложи денешната посета на Тирана. Претходно, турското Обвинителство почна истрага за инцидент во рудникот во западна Турција. Обвинителството ќе ги испита и тврдењата за присуство на непријавени работници во рудникот.

Според обвинителот на Маниса, Дурду Кавак, причината за експлозијата во трафостаницата, од каде почнал и пожарот во рудникот, допрва претстои да биде анализирана. Поради рударската несреќа, во Турција е прогласена тридневна национална жалост.

Уште додека трае потрагата по преживеани и жртви во несреќата во Сома, критичарите на премиерот Ердоган денеска се мобилизираа. Опозицијата и синдикатите во повеќе градови повикаа на протести против владата во цела Турција.

Türkei Explosion in Bergwerk Proteste
Протести против политиката на Ердоган во рударствотоФотографија: Reuters

Учениците и студентите во различни делови на земјата стапија во штрајк. На сметка на владата се извикува обвинувањето за „масакр“ врз рударите во Сома - изразот во оптек го пушти левиот синдикален сојуз ДИСК.

Владата на Ердоган го испрати министерот за енергија Танер Јилдиз во Сома за да ги координира спасувачките работи. Но, министерот не може да направи повеќе отколку постојано да објавува зголемени бројки на загинатите.

„Нашите надежи исчезнуваат“, призна тој утрово.

Главното обвинение против владата е што ги запостави контролите врз рудниците во екот на приватизацијата на државните претпријатија во минатите години. Освен тоа, недоволен е бројот на државни инспектори во рудниците. Партијата на Ердоган АКП, само пред две недели го одби барањето на опозицијата за испитување на недоволните безбедносни мерки во рудникот во Сома. Од септември 2012 година, според наводите на владините противници, во пожари во рудникот за јаглен загинале 22 рудари.

Сега владата на Ердоган мора да се соочи со обвинувањето дека со едностраната политика на протежирање на работодавачите им ги загрозува и ги става на коцка животот и здравјето на многумина работници. Министерот Јилдиз лично лани изврши инспекција на рудникот Сома и ги пофали скапите системи за безбедност, но тие не се доволни.

„Во суштина, владата ги пушти по ветар сите предупредувања во врска со рудникот Сома, а работниците сега плаќаат за тоа“, вели познатиот колумнист Мурат Јеткин за онлајн изданието на весникот „Радикал“.

Вкупниот број на жртви на крајот ќе стигне до 350 или 400 луѓе, изјави пратеникот Хасан Орен од опозицијата кој во парламентот го застапува регионот во кој се наоѓа Сома. Тоа би била најголемата рударска несреќа во Турција во историјата. Во 1992 година во Зонгулдак на Црното Море загинаа 263 рудари.

Recep Tayyip Erdogan
Ердоган го посети местото на несреќатаФотографија: Reuters

Долгогодишните отстапки кон бизнисмените беа замаскирани со стопанскиот растеж, велат критичарите.

„Ова е најголемото злосторство против работниците во турската историја“, вели шефот на синдикатот, Четин Ујгур.

Колумнистката Асли Ајдинтасбас преку Твитер, пак, порача дека денес е ден за тага, а не за напади врз владата.

На социјалните медиуми меѓутоа се‘ погласно се бара оставка од надлежниот турски министер. Некои од спонтаните протести наликуваат на оние во паркот Гези минатата година.