1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ерата на банкарската тајна е минато“

Тамара Антони/ ард/ Жана Ацеска29 октомври 2014

Околу 50 држави денеска потпишуваат договор за автоматска размена на податоци во даночните прашања. ОЕЦД ова го истакнува како историски момент во борбата против даночните затајувања. Но, постојат бројни дупки.

https://p.dw.com/p/1Dduy
Фотографија: picture-alliance/dpa

На денешната „Берлинска конференција за данокот 2014“ претставниците на 50 држави потпишуваат договор со кој се врши подобра борба против даночните затајувачи преку банкарски сметки во странство. Договорот ја регулира постапката на автоматска размена на информации на финансиксите институции и даночните служби на другите земји. Целта е етаблирање на процедура која потоа ќе биде проширена како глобален стандард. Даночните служби досега требаше да испраќаат посебни барања за доставување податоци.

Договорот е инициран од ОЕЦД и се базира на барањето на државите од Г8 и Г20. Досега размената на информации беше многу отежната, на пример ако еден Германец има банкарска сметка во Норвешка со каматни приходи, тој треба да ја пријави во годишната даночна пријава. Но ако тој не го направи тоа, веројатноста овие приходи да излезат на виделина досега беше мала. Германските даночни служби требаше целно да бараат податоци од Норвешка.

Со новите правила, германските даночни служби автоматски од финансиските институции и осигурителни друштва од земјите-потписнички на договорот ќе ги добиваат сите податоци за паричните влогови и состојбата на банкарските сметкина нивните државјани.

„Ерата на банкарската тајна е минато“, најави ОЕЦД.

Принцип на обостраност

Од размената на информации не се засегнати само приватните лица, туку и правните, како на пример оние што се во улога на човек-фирма. И кај фондациите и трустовите, кои често се користат за замаглување на идентитетите, треба да бидат истражени и посочени вистинските сопственици.

Размената меѓу државите потписнички треба да функционира по принципот на обостраност. Државите крајно преку билатерални договори ќе ги регулираат правилата со кои ќе си ги доставуваат меѓусебно даночно релевантните информации за нивните државјани. Уште е отворено прашање дали земјите потписнички можат да вршат избор со која држава ќе вршат размена на информациите, а со која не.

Без можности за санкции

Во договорот не се предвидени санкции за негова непримена. Иако токму тоа беше причината за успехот на американскиот договор против даночно бегство: кога банките од странство не ги јавуваат податоците за американските клиенти, им се заканува казна во висина од 30 проценти од нивните приходи од САД. Банките на ваков начин имаат интерес да посредуваат податоци.

Според денешниот договор од Берлин, треба од 2017 година бидат пријавувани податоците од претходната година. Износите под 250.000 американски долари не спаѓаат под обврската за размена на податоци. Исто така и уделите на трустови и фондации од 25 проценти или помалку, не мора да бидат пријавувани.

Податоците смеат да бидат користени само за наплата на данок. Тие дури и за следење на перњето пари или корупција смеат да бидат употребувани само тогаш кога земјата во која се наоѓаат парите во банка даде посебна дозвола.

Потписот е едно, примената друго

Без оглед на постоењето некои дупки, договорот има историско значење. Решавачко е сепак дали ќе биде применет во сите земји кои денеска се собраа во Берлин.

Колку се чувствителни земјите во поглед на банкарската тајна, покажува ЕУ-каматната правна регулатива: над десет години во ЕУ се вршеше натегање за договор за автоматска размена на податоци на земјите-членки барем заприходите од камати. Во 2003 година стапи во сила соодветен закон. Банките од британските острови кои порано важеа за даночни раеви од 2011 ги испраќаат податоците за каматните приходи на нивните странски клиенти на даночните служби, но Луксембург и Австрија тоа не го прават.