1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Енергетска политика „ала Ердоган“

Сенада Соколу / Е.М. Фиданоска23 декември 2014

Турција има намера на средината на наредната година да ја изгради својата прва нуклеарна централа, наспроти сите задршки и без обѕир кон прашањата и стравот на погодените.

https://p.dw.com/p/1E93C
Фотографија: Reuters

Девин Бахчечи е по шести пат во посета на просторот каде што треба да се изгради централата во Акују, во провинцијата Мерсин. Стои пред блокираниот влез и врти со главата. „До денес не знаеме што ќе се случи. Проектот е многу нетранспарентен. Тоа е фрустрирачки“, вели 31-годишниот активист за енергетски прашања и во организацијата за заштита на животната средина Гринпис. Турската влада овде планира изградба на првата нуклеарна централа во соработка со руската фирма Росатом. Неодамна беше прифатен спорниот извештај на турското Министерство за заштита на животната средина за еколошките аспекти на проектот. Почетокот на градежните работи е планиран за средината на 2015-та.

За Бахчечи оваа одлука е несфатлива. „Ние како Гринпис, но и многу други невладини организации ги изложивме нашите задршки за планираната атомска централа во Акују. Но, министерството го прифати извештајот уште тој пред да стигне до јавноста. Значи, ние не знаеме дали нашите забелешки се вградени. Веројатно не се“, стравува активистот.

Неизвесна иднина

И постапувањето со нуклеарниот отпад во иднина не е јасно. „Според извештајот за еколошката подносливост, отпадот треба да се испраќа во Русија. Но деталите не се познати. Дали ќе биде префрлан преку Босфор кај Истанбул со брод или не? Тоа за нас е главен проблем, зашто со тоа се поврзани ризици по здравјето за околу 17 милиони жители на Истанбул“, вели Бахчечи за ДВ.

Nuklearenergie Akkuyu
Акују - централата треба да почне да се гради на средината од наредната годинаФотографија: Getty Images/Afp/Veli Gurgah

Тој при своите посети во Акују разговара со жителите. „Луѓето се фрустрирани и се чувствуваат оставени на цедило. Не се прашуваат за мислење. Не се интегрираат во процесите на одлучување“, вели Бахчечи.

Атомската централа во Акују е во план околу 40 години, затоа во регионот и нема инвестиции во туризмот, а голем дел од младите се иселуваат. „Луѓето кои одгледуваат овошје и зеленчук во околината и ги извезуваат во странство, се загрижени за својот бизнис во иднина“, раскажува Бахчечи.

Од увозник кон извозник на енергија

Турската влада има намера до 2023 година да покрива 30 проценти од потребите за струја од локални обновливи извори на енергија. И покрај домашната и меѓународната критика, Анкара се држи и натаму до намерата - земјата да ги задоволува енергетските потреби главно со нуклеарна енергија. Амбициозниот план гласи: три атомски централи до 2023 година.

На интернет страницата на турското Министерство за енергетика се објаснува зошто. Турската зависност од енергија од странство е околу 72%. Освен тоа, земјата е на второ место во светот, по Кина, кога станува збор за растечка потреба од енергија. Потрошувачката на струја во изминатата деценија се зголемила речиси двојно - од 130 на 240 милијарди киловатчасови.

„Нашите потреби ќе се удвојат и во наредната деценија. Сега увезуваме 72% од енергијата која ни е неопходна, но кога нашите атомски централи ќе почнат со работа, нема да увезуваме ниту третина од тоа“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Нашата сметка за земен гас со тоа ќе се намали за 7,2 милијарди американски долари. Со тоа дури ќе се отвори можност и за извоз на енергија.“

Нуклеарна енергија не е потребна?

„На Турција не и‘ се потребни нови атомски централи. Имаме доволно ветер и сонце во нашата земја со што можеме извонредно да произведуваме енергија“, смета Танај Сидки Ујар, раководител на одделот за енергетика на Универзитетот Мармара во Истанбул и претседател на Европското здружение за обновлива енергија е.В. (Еуросолар). Освен тоа, технологијата за обновлива енергија е поевтина од кога и да е досега, вели тој. „Но турската влада не го користи потенцијалот. Властите не издаваат доволно лиценци, пред се‘ не во делот на изградба на ветерници. Тие се концентрирани главно на јаглен, атомска енергија и земен гас“, нагласува Ујар за ДВ.

Montage Türkeiflagge Atomsymbol Flash_Galerie
Експертите ја криткуваат и ЕУ, која го блокира енергетското поглавје во преговорите со Турција за приклучување

Експертот за енергија исто така укажува на нетранспарентноста на извештајот на еколошката подносливост. Никој не знае што ќе се случува со атомскиот отпад и тоа е најголем проблем, подвлекува Ујар.

Во тој контекст, експертот ја критикува и ЕУ, која го блокира енергетското поглавје во преговорите со Турција за приклучување. „Тоа ја држи Турција далеку од разумна енергетска политика.“