1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екстремистите од маргините на општеството

Керстен Книп / Превод: ЕМФ18 септември 2014

Се‘ повеќе џихадисти од Германија заминуваат за Сирија и Ирак. Таму убиваат недолжни цивили. Меѓу нив и неонацистите има интересни паралели, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/1DF1G
Фотографија: picture-alliance/dpa

Смртта низ забавена видео снимка - читателите на весникот „Зиддојче цајтунг“ имаа прилика да го видат нејзиното доаѓање на насловната страница. Весникот објави пет фотографии направени од видео-камери од три различни позиции. Сликите се‘ од 19 јули годинава, а на нив се гледа бел автомобил, кој полека се приближува кон контролен пункт во центарот на Багдад. Кога стигнува до него, возачот го активира експлозивот. Загинаа 54 луѓе, голем број беа повредени и осакатени. Возачот, според она што досега се знае, е лице со турско потекло од германски Енепетал, во покраината Северна Рајна Вестфалија.

Ахмет Ц. пристигнал во Багдад само неколку часа претходно. Исто толку брзо колку патот кон убиствената акција траела и неговата радикализација. Во март годинава тој на Фејсбук се презентира со две фотографии. На едната е прикажан лежерно покрај базен, со шише виски и цигара. Другата го прикажува како муслиман кој се моли. „Не е предоцна“, гласи неговиот коментар за драстичната трансформација. Трансформација која четири месеци подоцна ќе заврши со убивање на над 50 луѓе.

Џихадисти и неонацисти

Како се случува ваква трансформација и пред се‘ - како за само неколку месеци се доаѓа до таква екстремна подготвеност на насилство? Социолозите и психолозите засега успеваат да дадат само недоволни објаснувања на ваквиот феномен. Трансформирањето е пренесфатливо за да може дел по дел да се анализира до детал. Меѓутоа, има работи кои постојано се повторуваат - чувството на изолација и на напуштеност, чувствоо дека сопствениот живот веќе се нема под контрола, чувството дека не може да се најде место во општеството. Не е случајност што исламистите на самопрогласената „шеријатска полиција“, кои во август тргнаа во патрола на улиците на Вупертал, се надеваа дека ќе најдат свои приврзаници токму во коцкарниците. Тие се места на кои се среќаваат луѓе кои имаат пред се‘ едно - многу време, а истовремено имаат малку планови за својот живот. Кој на луѓето им ветува нов живот, во и околу коцкарниците ќе сретне многумина кои ќе имаат интерес за такво нешто.

Deutsche Welle Kersten Knipp
Керстен КнипФотографија: DW/P. Henriksen

Таканаречениот поп-џихадизам со неговите познати амблеми - долги наметки, долги бради, едноставни пароли - на своите приврзаници им нуди извонредно чувство дека конечно не се на маргините, туку во центарот. Во центарот на група просветлени кои сакаат да го превртат општеството од глава на нозе. Ваквата динамика психолошки одговара токму на онаа која, под идеолошки сосема поинаков предзнак, ги обединува и германските неонацисти. Нив ги има пред се‘ на истокот на Германија. На западот, пак, доминираат џихадистите, поп-џихадистите, од кои дел стануваат масовни убијци. Тајните служби проценуваат дека за Сирија и Ирак се веќе заминати околу 400 борци од Германија. Најмалку петмина од нив веќе извршиле самоубиствени атентати.

Ќе бидат потребни години за да се скрши лошиот дух на џихадизмот. Напорите мора да се вртат околу централната точка - понуда на смисла. На потенцијалните џихадисти мора да им се понуди место во животот и во општеството. Есктремизмот вирее не во центарот, туку на маргините на општеството.

Меѓу будност и хистерија

Меѓутоа, прво мора да се надмине акутната опасност. Во моментов, германските безбедносни служби се занимаваат пред се‘ со две прашања - како младите џихадисти да се спречат во нивните намери да отпатуваат и како да се постапува со повратниците од воените региони? Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие даде различни предлози. На пример, предмет на дебата е дали да им се одземе пасошот на германските џихадисти. Се дискутира и за заострување на законот за странци. Тоа треба да овозможи протерување на странските екстремисти кои живеат во Германија. Во моментов работна група на сојузот и покраините ги разгледува ваквите предлози.

Актуелната состојба е многу тешка и поради тоа што тешко се расветлува џихадистичката сцена. Границите меѓу будност и хистерија можат лесно да се избришат. Сепак, дискусијата ќе мора да се води, иако досега изгледа многу неконтролирана. И, некогаш ќе мора да се извлечат консеквенции. Тоа германската правна држава им го должи не само на своите граѓани, туку и на сите Сиријци и Ирачани кои загинаа или би можеле да загинат од германските џихадисти.