1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економскиот раст не го подобрува животниот стандард

Костадин Делимитов 23 јануари 2015

Растот на економијата во Македонија ја намалува сиромаштијата, но не го зголемува и стандардот, барем засега. За поголеми ефекти потребен е подинамичен и повисок раст, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1EPNQ
Фотографија: Petr Stojanovski

Македонските граѓани речиси и да не го чувствуваат ефектот од развојот на економијата. Растот на бруто домашниот производ, кој според статистиката е најбрз во регионот, не влијае врз стандардот, кој е речиси најнизок во Европа. Мерено според БДП по глава на жител, тој е тројно понизок од оној во ЕУ. Проценките дека со ваквото темпо на развој ќе требаат седум до осум децении за да се достигне европскиот просек, делуваат депримирачки и покрај фактите и анализите дека трошоците за живот се меѓу најниските. Податоците за растот според експертите се позитивни, но за ефектите да не бидат само статистички, предупредуваат дека се потребни промени во економските политики.

Премали стапки за малите економии

Стапките на раст кои ги бележи македонската економија во последниве години, според универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети, дел имаат мал ефект во пропорционално недоволно развиените мали економии за разлика од големите, каде два или три отсто раст со себе носи голем обем квантитативен и квалитативен кој влијае на подобрување на стандардот:

„Во мали економии тие стапки се премали за да може да се почувствуваат врз стандардот и оттука Светската банка, па и другите институции кои го следат развојот, препорачуваат дека на ваквите економии им се потребни стапки од 6% па нагоре. Меѓутоа, едно е потребата, а друго е можноста. Лично мислам дека и овој раст треба да се анализира колку е тој реален, треба да се види кој го остварува тој раст, каде се остварува и како тој се пренесува врз животниот стандард на граѓаните. Ако ние имаме раст кој на некој начин го прават поедини детерминанти од типот на јавни инвестиции, треба да се види колку има тоа ефект во делот на мултиплицирање во натамошниот запчаник на економијата. Во случајот, ние немаме детерминанти на таков раст, кој на некој начин и тие 3% успева да ги пренесува на животниот стандард на граѓаните, бидејќи тој очигледно паѓа. Оттука сметам дека е потребно целосно редизајнирање на економските политики, кои на некој начин ќе ја променат економската состојба, а Македонија не се движи во таа насока. Најпрво, се знае кои се носители на развојот, отворање на работни места за кои предуслов се инвестициите, пред се‘ домашни. Странските инвестиции можат да го зголемат енормно извозот, но истовремено и увозот и новата вредност што таму се создава не само што е многу ниска, туку зависи и од што се прави. Парадоксално, но има анализи што покажуваат негативна корелација помеѓу странските дииректни инвестиции и нивниот импакт врз БДП. Тоа е така зашто веројатно државата многу повеќе ги субвенционира отколку што тие создаваат кај нас. Ако се прави чиста кост бенефит анализа од таков вид, тогаш веројатно ќе добиваме негативен резултат. Затоа е потребна целосно редизајнирање на таа политика во делот на поддршка на мали и средни претпријатија во државата, да се реалоцираат субвенциите како на пример оние во земјоделието, кои не ги даваат посакуваните резултати, па се‘ до јавните инвестиции, во насока на продуктивни капитални инвестиции, елементарна инфраструктура која ја немаме. Се виде до кое дереџе е енергетиката, а да не зборуваме за патиштата“, коментира Беџети.

Mazedonien Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: DWS. Toevski

Не е можно потпирање само на странски инвестиции

Со сличен став е и универзитетскиот професор Зоран Ивановски, кој смета дека на земјата и‘ се потребни речиси двојно повисоки стапки на раст и тоа во континуитет:

„Мислам дека генерално, за да се почувствува врз стандардот на граѓаните, потребни ни се 5 до 6% раст неколку години по ред, барем еден економски циклус. Растот секако го ’дуваат’ и го генерираат инвестициите, дали домашни или странски. Но ниту една национална економија не може да се потпре само на странските инвестиции, колку и да се тие познати, добри и да носат со себе искуства и нови пазари. Секогаш фокусот мора да биде и на домашните инвеститори, бидејќи колку се тие поангажирани со инвестиции, толку похрабри ќе бидат и странските инвеститори да вложуваат кај нас. Оттука сметам дека фокусот треба да биде насочен на поддршка на секторите каде што имаме компаративни предности и можеме да се носиме со предизвиците на глобалната економија. Подобрување на стандардот може да се осети доколку во континуитет пет до шест години Македонија бележи подинамични стапки на раст помеѓу 5,5% и 6%“, коментира Ивановски.

Владата е задоволна што меѓународните финансиски институции прогнозираат догодина раст од 3,5%, највисок во регионот, што го смета за резултат на успешните економски политики. Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, пренесувањето на ефектите од економскиот раст врз животниот стандард е процес што се одвива и кој што ќе се одвива и во иднина и за кој е потребен континуирано висок економски раст за да може да се забележи од аспект на намалување на сиромаштијата и невработеноста. Најголем ефект според него, е постигнат во делот на невработеноста која е намалена на 28%, со тенденција во наредните три години да се намали на 25%.

Сепак, колкав е стандардот на граѓаните, или поточно колку и што можат да си приуштат во месецот, зборуваат пресметките. Државната статистика веќе одамна не ја пресметува месечната потрошувачка кошничка. Анализите на синдикатите велат дека основните потреби на едно семејство месечно чинат над 30 илјади денари, или половина повеќе од просечната плата што не ја добиват ниту третина од вработените во земјата.