1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едно малку поинакво барање за азил

Фолкер Вагенер/БГ26 февруари 2015

Еден американски војник одбива да се бори во Ирак, ги напушта своите трупи и бара прибежиште во Германија. Неговото барање за азил е одбиено. Сега за тоа одлучува Европскиот суд за човекови права

https://p.dw.com/p/1Ei4A
Фотографија: picture-alliance/epa/N. Bouvy

Сите знаеме за Едвард Сноуден, но кој е Андре Шеперд? Заедничка им е борбата против САД- всушност против делови од правниот систем на таа суперсила. И на едниот и на другиот им се заканува затвор- покус или подолг, сеедно. Сепак, двајцата се наоѓаат вон дометот на правосудните органи на САД. Сноуден е во егзил во Москва, а Шеперд, војник кој не сакал да се бори во Ирак, и‘ пркоси на светската суперсила од баварската провинција. И тоа уште од 2008 година. Тоа е пикантен политички случај, како за Германија, така и за ЕУ.

Андре Шеперд, имено, доаѓа од држава која се смета за демократска, а поднел барање за азил во држава која исто така има демократски уставен поредок. Тоа не се коси едно со друго, вели Руди Фридрих од здружението „Connection e.V.“ кое е основано за да им пружа помош на лицата од цел свет кои одбиваат да одат во војна и затоа бараат азил. „Секогаш на крајот се поставува прашање дали некој е прогонуван на политичка основа. А тоа може да биде случај и во една демократска држава“, вели Фридрих. И навистина, на Шеперд поради неговото дезертерство му се заканува затвор од 18 месеци.

Luxemburg Europäischer Gerichtshof EuGH Schild
Европскиот суд за човекови права во ЛуксембургФотографија: picture-alliance/dpa/T. Frey

Германија го одби барањето за азил

Шеперд, кој денес има 37 години, во 2007 година добил повик за втор ангажман на територијата на Ирак. Тој ја напушта касарната на американската војска во Баварија и почнува да се крие од воената полиција. Тоа траело 19 месеци. Потоа, на 26 ноември 2008 година поднесува барање за азил- како прв американски војник кој го сторил на германска територија. Оттогаш тој човек станува „дипломатски кризен случај“ на релација Берлин-Вашингтон. Особено откако германската Службаза миграции и бегалци го одби неговото барање. Адвокатот на Шеперд, Рајнхард Маркс, специјалист за прашања за азил, вложува жалба во судот во Минхен, но таму одбиваат да донесат одлука за случајот, во најмала рака се‘ додека за случајот не се изјасни Судот на ЕУ за човекови права во Луксембург.

Фалуџа ми ги отвори очите

Таму Шеперд се води како случај број: C-472/13 и тоа со добри шанси за успех, така барем смета Еленор Шарпстон, судски вештак, а во тоа верува и Руди Фридрих. „Шеперд се повикува на „квалификациската правна линија“ на ЕУ, што значи дека се преговара по правото кое владее на подрачјето на ЕУ. Нетовиот случај навистина е преседан“, вели Фридрих. Тоа е причината поради која судот во Минхен сочека за сето најпрво да се изјасни судот на ЕУ во Луксембург.
Еланор Шарпстон објаснува дека судот во Луксембург мора да одговори на некои прашања- на пример дали Шеперд со учеството во мисијата во Ирак автоматски би бил вклучен во вршење воени злосторства. Таа проценува дека тврдењата на Шеперд дека некој, дури и како техничар во американската армија, може да биде вмешан и соучесник во кршење на меѓународното право, претставува доволна причина за поднесување барање за азил. Тој американски војник во текот на својата прва мисија во Ирак бил задолжен за одржување на хеликоптери од типот „Апачи“. Во 2004-та, Шеперд бил присутен кога во втората битка за Фалуџа загинале околу 1.500 Ирачани. Иако благодарение на снимките кои ги објави порталот Викиликс во меѓувреме стана познато дека американската армија користејќи хеликоптери прогонувала и убивала цивили, судот во Минхен во 2011 година го одби барањето за азил. Судот заклучи дека нема повод да се прифатат неговите ставови дека со самиот ангажман во американската армија принудно се станува соучесник во воени злосторства, иако токму судирите во Фалуџа биле главен повод за Шеперд да го вложи барањето.

Rudi Friedrich
Руди ФридрихФотографија: Connection e.V.

Чекајќи на одлука на судот на ЕУ

Отворено прашање е кога судот во Луксембург ќе донесе одлука. Ставот на судиите се очекува со голема неизвесност не само кај правниците. За Руди Фридрих во прв ред се работи за тоа, колку „човековите права ќе го поддржат правото на одбивање за служење во војна, со што ќе се отвори патот дезертерите кои се прогонуваат да добијат заштита“. Откако судот во Луксембург ќе ја соопшти својата одлука, збор повторно има судот во Минхен. Доколку на Шеперд му биде одобрен азил, потоа сигурно ќе се јават и други војници кои ќе се повикуваат на неговата пресуда. Логична последица од тоа би биле политичко-дипломатски превирања на релација Берлин-Вашингтон.