1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден сосем поинаков претседател

Кено Ферзек/ сн30 март 2015

Претседателот Клаус Јоханис е 100 дена на функцијата. Тој е поомилен од сите негови претходници во посткомунистичка Романија. Што во овој период се промени во земјата?

https://p.dw.com/p/1EzWI
Фотографија: Reuters/R. Sigheti

Три четвртини од романските граѓани би гласале денес за Клаус Јоханис. Тоа е многу поголем број од оној со кој кандидатот на умерено десниот сојуз (55 насто освоени гласови) победи на претседателските избори во ноември 2014. година. Резултатите од истражувањето на јавното мислење покажуваат оти Јоханис овојпат би можел да освои рекорден број гласови. На Фејсбук го следат 1,5 милиони луѓе, повеќе од кој било друг европски политичар.

Кога Клаус Јоханис, инаку припадник на германското малцинство во Романија, е избран за романски претседател, очекувањата од почетокот беа огромни. Некои во него видоа „последна надеж Романија да стане нормална земја“, како што објави дневниот весник од Букурешт, Адеврарул.

И навистина, во Романија дојде до промени откако на 21. октомври 2014. година Клаус Јоханис стана претседател. Се промени лошиот тон на однесување. За прв пат по низа години сите партии застапени во парламентот почнаа да водат нормален и циливизиран дијалог со претседателот. Политичарите од различни партии меѓусебно почнаа и да се однесуваат многу поумерено. Романските медиуми тоа го нарекоа „Јоханисов ефект“.

Deutschland Klaus Johannis in Berlin Feb 2015
Фотографија: Reuters/Fabrizio Bensch

Малцинствата пооптимистични

Покрај тоа, Јоханис на своите сограѓани им дава чувство на достоинство на патувањата во странство. Тоа се случи и сега во Берлин, кога тој во друштво на канцеларката Ангела Меркел на јасен јазик зборуваше за клишеата и стереотипите за романските бегалци кои доаѓаат во Германија да побегнат од сиромаштија.

Претставниците на малцинствата во Романија потсетуваат оти со Јоханис за првпат за претседател на земјата е избран човек кој не припаѓа на мнозинската група во Романија, туку на малцинството. „Тоа е важен историски факт и позитивно ќе се одрази врз сите малцинства во Романија“, смета адвокатот и поранешен министер за малцинства Петер Екштајн-Ковач, и самиот припадник на унгарското малцинство.

Во говорот пред парламентот, претседателот Јоханис ја повика романската елита на помалку популизам, но и да престане да се однесува како да е во постојана изборна кампања. Пратениците под влијание на новиот романски претседател започнаа иницијатива за промена на законите кои одеа во насока на заштита на корумпираните политичари. Јоханис се заложи и за силно поврзување на организациите за цивилно општество во политичкиот процес и се изјасни за консеквентно соочување со комунистичкото минато.

Klaus Iohannis
Фотографија: picture-alliance/dpa/Robert Ghement

Вкоренето во Европска унија

Во тоа спаѓаат и случувањата од деведесеттите години, набрзо по завршувањето на комунистичката диктатура во Романија. Тогаш рударите од западнороманскиот Шилтал три пати ги нападнаа демонстраните кои беа против владата, но и партиската централа на антикомунистичката опозиција во Букурешт. По 25 години во контекст на тие напади се води истрага против првиот посткомунистчкиот претседател Јон Илиеску и други личности од јавниот живот. Во јануари годинава Јоханис во една порака до јавноста потсети на нападите на рударите и напиша: „Потребно е да простиме, но не и да заборавиме“.

Јоханис на надворешнополитички план значително повеќе од својот претходник Трајан Басеку се залага за подлабоко „вкоренување на Романија во ЕУ“ и посилен сојуз со Германија и со Полска. „Ако во познатата оска на Басеску ‘Букурешт-Лондон-Вашингтон‘ наместо Лондон го ставиме Берлин, ќе биде позитивно“, вели публицистот од Букурешт Андреј Корнеа и додава: „Поголема континентална компонента во романската надворешна политика е неопходна“. Тој смета оти партнерството со Полска е исто така важно, бидејќи заедно со балтичките земји тоа може да биде „поблага линија кон Русија“.

Поранешен министер и државни службеници во затвор

Клаус Јоханис во последните неколку месеци придонесе борбата против корупција во Романија консеквентно да се спроведе така што речиси може да се заклучи оти Романија во ЕУ во тоа е понапред во однос на останатите. Во меѓувреме, десетина поранешни министри, високи државни службеници и менаџери се наоѓаат во затвор. Станува збор за лица кои некогаш се сметани за недопирливи бидејќи беа блиски до властодршците. Истрага моментално се води дури и против членовите на семејството на социјалдемократскиот премиер Виктор Понта и поранешниот претседател Трајан Басеску. Романскиот политиколог Аина Мунгиу-Пипиди, инаку професорка по демократски студии во Берлин, причина за таквиот речиси неверојатен развој гледа во фактот дека Јоханис навистина сака да остане непристрасен и да нема штитеници: „Со тоа за првпат е создадена голема можност за вистинска борба против корупцијата“.

Без разлика на воодушевувањето од Јоханис кое владее во Романија, тој е често причина и за иритација, пред се’ поради тоа што не зборува премногу, за разлика од зборлестите политичари и медиуми во Букурешт. Јоханис повеќе пати се изјасни против „политика како јавен спектакл“. „Можеби нашатата јавност ќе мора да се навикне на нов, многу молчелив стил и јасни пораки на Фејсбук“, вели публицистот Андреј Корнеа и додава: „Не би требало да се враќаме кон вербалната агресивност на неговиот претходник Трајан Басеску, но сепак е пожелно малку повеќе елоквенција“.