1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден од пилотите останал надвор од кабината

Б. Георгиевски/ртр/афп26 март 2015

Извештај на весникот Њујорк Тајмс фрла нова светлина врз трагичната несреќа на авионот на Џерманвингс кој се урна во вторникот во Франција со 150 патници и членови на екипажот. Еден од пилотите ја напуштил кабината

https://p.dw.com/p/1ExiP
Фотографија: AFP/Getty Images/G. Bouys

Аудио снимките од кокпитот на урнатиот авион на Џерманвингс покажуваат дека еден од пилотите ја напуштил кабината и не можел да се врати во неа во моментите додека авионот итал кон својот страшен крај во француските Алпи, објави весникот Њујорк Тајмс.
Од снимките не може јасно да се утврди зошто пилотот ја напуштил кабината, ниту од кои причини не можел повторно да се врати во неа, во моментите додека авионот веќе започна да ја губи висината и полека да паѓа кон планинскиот масив. Иследниците и денеска се уште ги проучуваат содржините од првата „црна кутија“, додека трае потрагата по втората.
„Лицето кое е надвор (од кабината) тивко чука на вратата, но нема одговор“, неименуван висок воен офицер кој учествува во истрагата изјавил за Њујорк Тајмс. „Потоа посилно удира по вратата, но повторно нема одговор. Воопшто не добива одговор“.
„На крајот може јасно да се слушне дека се обидува насила да ја отвори вратата“, вели иследникот.

Портпарол на Луфтханза, компанија која е сопственик на Џерманвингс, изјави дека ги знаат наводите од текстот на Њујорк Тајмс: „Засега немаме информации од властите кои би го потврдиле овој извештај и очекуваме повеќе информации. Нема да шпекулираме околу причината за несреќата“.

Откривањето на аудио-снимката од кабината се случи во моментите додека францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и шпанскиот премиер Мариано Рахој беа во посета на местото на несреќата за да им искажат почит на 150-те жртви.

Кој го контролирал леталото?

Француската служба за истражување на авионски несреќи БЕА, одбива да ги коментира наводите во печатот. Оттаму велат дека е се уште рано да се извлекуваат заклучоци од истрагата, иако потврдуваат дека на снимките „се слушаат гласови“. Од БЕА велат дека авионот почнал да ја губи висината една минута откако ја достигнал фазата на мирен лет и во следните девет минути паѓал.
Њујорк Тајмс цитира учесник во истрагата кој вели дека аудио снимката од кабината покажува многу „мирна и опуштена“ конверзација меѓу пилотите на почетокот на летот. Од снимката потоа може да се заклучи дека еден од пилотите ја напушта кабината.

Helikopter mit Rettungskräften an der Absturzstelle von Germanwings Flug 4U9525
Местото каде што се урна авионот на ЏерманвингсФотографија: Reuters

„Се уште не ја знаеме причината зошто еден од пилотите излегува. Но она што е сигурно е дека на крајот на летот, едниот пилот е сам во кабината и не ја отвора вратата“.

Портпарол на Луфтхaнза вели дека од нападите во САД од 11 септември 2001 година, вратите на пилотската кабина не можат да се отворат однадвор, во согласност со новите правила.

Истрагата досега покажала дека авионот паѓал во права линија директно во планината, но иследниците не откриваат дали тоа се случувало под контрола на пилотот или на автоматски пилот. Она што засега е сигурно е дека во авионот не се случила никаква експлозија за време на летот, ниту пак нагла декомпресија.