1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се „гуши“ во долгови

Жанг Данхонг/Б. Георгиевски23 април 2014

Иако делува како стопанството во Европа да се опоравува, големата планина од долгови и натаму расте. Бидејќи не се само проблем долговите на државите: уште поголеми долгови имаат фирмите и граѓаните

https://p.dw.com/p/1BmV7
Фотографија: Fotolia

Експертот за финансии Даниел Штелтер не мисли дека минуваме низ „криза на банките“, ниту „криза на државните долгови“. За него, сѐ се тоа детаљи од една општа криза во која се троши повеќе одошто се има и каде непречено се зголемуваат долговите. Од 1980. година, вкупното задолжување на државите, фирмите и домаќинствата е зголемено за повеќе од двојно, од 160 отсто на преку 320 проценти од БДП.

Во својата книга „Должничката билионска бомба“, тој се обидува да најде одговор зошто се случило тоа. Во основа, смета дека коренот е во погрешната стопанска и фискална политика водена по распадот на социјализмот. Со оглед на општата глобализација, Западот е изложен на остра конкуренција од „ефтиниот“ исток, пред сѐ од Азија. Приходите на државите почнаа да се намалуваат бидејќи и стапките на раст паѓаат, но државите порадо го бираа полесниот пат: да се задолжуваат. За разлика од Американците кои се задолжуваат за да купат куќа на кредит, европските држави се задолжуваат за да ги плаќаат социјалните трошоци.

Spanien Häuser stehen zum Verkauf
Крахот на пазарот за недвижности во Шпанија доведе до многу проблемиФотографија: picture-alliance/dpa

Особено драстична разлика меѓу трошоците и реалните приходи е видлива во земјите на југот на Европа. Кон тоа многу помогна и заедничката европска валута, иако долго се сметаше дека еврото ја гарантира еднаквата благосостојба во цела Европа. „Еврото беше најавено на самитот во Мадрид во 1995. година и две години подоцна сите камати, практично секаде во Европа, паднаа на нивото на кое Германија плаќа за своите долгови. Така земјите се задолжуваа и ги зголемуваа платите“, вели Ханс Ернер Син, претседател на економскиот Ифо Институт.

Пукна „балонот“

Сѐ беше добро додека пазарот беше подготвен да дава нови кредити. Но, во 2007. пукна „балонот“ со кредитите за недвижности, најпрво во САД, а потоа кризата ја зафати и ЕУ. Тоа пак го отвори сомнежот дали една земја од еврозоната- Грција, ќе ги плаќа своите долгови и потоа и сите други станаа свесни за своите долгови.

Но всушност, смета Мориц Шуларик од Универзитетот во Бон, Грција во случајот е целосен исклучок. Кризите во Ирска и Шпанија, немаат ништо заедничко со државните долгови на тие земји. „Тоа беа класични кризи на пренапумпаност на вредноста на недвижностите кои беа финансирани со многу кредити, делумно и од странство. А потоа се урна таа кула од карти“, вели Шуларик. Дури потоа порасна и државниот долг во тие земји, затоа што требаше да се спасуваат банките кои се најдоа во неволја. Но и натаму, огромен дел од долговите, на пример 2,5 билиони во Шпанија, го сочинуваат приватни долгови, или околу 70 проценти.

Бонскиот економист Шуларик анализирал 90 кризи кои потресувале различни земји во светот од 1870 година досега, и дошол до заклучок дека по правило, сите кризи и крахови на финансиски пазари биле последица на приватните долгови. Конкретно, во случајот на Грција тоа значи и дека таму е поставена погрешна дијагноза и одредена погрешна терапија: штедење.

Demonstrationen Griechenland Versetzung Staatsbedienstete in Arbeitsreserve
Протести против мерките за штедење во ГрцијаФотографија: picture alliance/dpa

Нема раст со штедење

Имено, кога е штедењето во центарот на вниманието, неминовно се случува тие мерки да го задушат стопанскиот раст, а ситуацијата се влошува, вклучително и долговите, смета Даниел Штелтер. Од друга страна, ниту некакви нови големи кредити нема да и помогнат на Грција одеднаш да стане ветена земја. Според неговото мислење, во случајот на Грција, единствено решение е простување на дел од долговите, бидејќи Атина уште со децении ќе ги има истите проблеми.

Но, што да се прави со долговите за кои и експертите велат дека се најголем проблем- долговите на фирмите и граѓаните? На тоа прашање сѐ уште нема одговор.