1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа ги доби Игрите, кои и недостигаа

Златко Калински17 април 2015

Патрик Хики, претседателот на Европските олимписки комитети деновиве беше во Македонија за да му го врачи „Трофејот Пјер де Кубертен“ на претседателот на МОК, Васил Тупурковски. Со него разговараше Златко Калински

https://p.dw.com/p/1FA2M
Фотографија: Getty Images/T. Dulat

Патрик Хики е едно од највлијателните имиња во светскиот спорт. Тој е претседател на ЕОК, потпретседател на ИОК, претседател на Олимпискиот комитет на Република Ирска. Чест гостин е во Македонија:

„Ова ми е 4-та посета на Македонија. Секогаш со задоволство доаѓам тука,се здобив со искрени пријатели, едноставно во Македонија се чувствувам како да сум дома. Среќен сум што ја добив обврската во името на претседателот на ИОК, Томас Бах да му го врачам на вашиот претседател Васил Тупурковски „Трофејот Пјер де Кубертен“.

Европските спортски игри како неминовност

Првите Европски спортски игри во Баку се на прагот. Тие се резултат и на долгогодишните заложби на Патрик Хики, кој со нескриено задоволство потенцира дека Европа го добива натпреварувањето, кое му недостигаше:

„Ова е голем момент за европскиот спорт. Европа беше единствената без свои континентални Игри. Знаете, постојат и се многу успешни Пан-Американски игри, Азиските и Африканските игри, Игрите на земјите од Океанија! Пред 20 години имаше неуспешен обид за организирање на Европските игри но, пред осум години на Генералното собрание на ЕОК во Шпанија добивме „зелено светло“ да спроведеме студија за организирање на Игрите. Студијата се покажа како многу позитивна и конечно, на состанокот во Рим, одлуката беше донесена.“

Баку ја доби довербата во јуни 2015-та година да ги организира Игрите, на кои ќе бидат застапени 20 спортови. Патрик Хики открива интересни поединости:

„Идеата беше овие игри да имаат експериментален карактер! Да бидат застапени со само 10 спортови. Но, претставниците на спортовите кои во прв момент не беа влезени во програмата на Игрите извршија силен притисок, така што стигнавме до бројката

од 20 спортови. Тука застанавме, бидејќи Спортското село во Баку нема капацитет да прими повеќе спортисти. Од оваа листа, дури 16 спортови ќе бидат застапени на Олимписките игри во Рио во 2016 година. Имавме намера да бидеме и иновативни со тоа што ги вклучивме спортовите како што се карате, фудбал на песок, популарниот „баскет“ три на три, малку познатиот самбо... За жал ќе ги немаме „најбрзите“ европски атлетичари и пливачи, бидејќи нивните федерации беа со веќе испланирани активности за оваа година. Но, тврдам дека на следните Игри во 2019-та овие спортови ќе бидат со највисок квалитет. Што се однесува до Баку, ќе биде одличен организатор со извонредно подготвени борилишта и придружна инфраструктура.“

Првиот човек на европскиот спорт зборува и за други погодности, што ги носат овие Игри:

„Многу значајно за спортистите е што на Европските игри ќе можат да исполнат норма за учество на Олимписките игри. Тоа значи заштеда на трошоците за настапи на бројни натпреварувања, на кои се обезбедува олимписката норма. За националните спортски асоцијации е важно,дека за Европските игри не сносат никакви трошоци за учество на нивните спортисти.Се им е платено!

Следната година се Олимписките игри во Рио. Минатата година ФИФА беше соочена со големи отпори во бразилската јавност пред и за време на одржувањето на Светското фудбалско првенство. Постои ли страв дека ќе има протести и за време на Олимпијадата?

„Малку сме исплашени, затоа што по Светското фудбалско првенство економската ситуација во Бразил е влошена. Исто така, има корупциски скандал и во нафтената компанија „Петробрас“. Ние знаеме каков ефект ќе има ова врз Игрите, но бев таму пред три седмици и има голем напредок. Олимпијадата е целосно различна од фудбалот, па мислам дека атмосферата во Рио ќе биде извонредна.“

Реформи во Олимпиското движење

Во која насока се движи светскиот Олимпизам, каква е перспективата на Олимписките игри? Патрик Хики, како потпретседател на ИОК зборува за резултатите од проектот „Агенда 20/20“, која има за цел рационализација на Игрите:

„Како што знаете,една од актуелните жешки теми во моментов е иницијативата на претседателот на ИОК, Томас Бах за внесување нови реформи во организацијата на Летните олимписки игри. Суштината на проектот „Агенда 20/20“ е истражување, воспоставување на систем на проверка на се! Да се испита секој детаљ, кој се однесува на олимпиското движење, да се стави се под лупа, а наодите да се применат во пракса. Бидејќи,се смета дека Олимписките игри се огромни и преоптоварени. Имаме ситуација само 3-4 града во светот да имаат реална можност да ги организираат со сите побарувања од ИОК, националните комитети и спортистите! Тоа носи негативна конотација. Иницијативата на претседателот Бах веќе има резултат.Имено, неодамнешните согледувања на Токио, домаќинот на ЛОИ во 2020, врз основа на истражувањата направени според „Агенда 20/20“, се дека во подготовката за Игрите може да се направи заштеда од една милијарда долари!

Зимските олимписки игри исто така се горлива тема. За 2022 година досега имаме само две кандидатури: Пекинг и Алмати во Казахстан. Прв пат се случува да нема кандидат од Европа. Проценката дека Игрите во Сочи чинеле 80 милијарди долари, како да внесе страв меѓу луѓето од Швајцарија, Австрија, Италија или земјите од Скандинавија да се кандидираат.“

Војната против допингот е без крај

Допингот и обложувањето се големите непријатели на спортот. Какви се шансите Олимпиското движење да ја добие оваа војна?

„Мислам дека никогаш целосно не можеме да победиме, затоа што додека има човечки суштества, ќе има луѓе кои ќе ризикуваат! Треба постојано да бидеме внимателни со процедурите за тестирање. Проблемот е во тоа што после секој тест кој открива допинг, хемичарите што го произведуваат пронаоѓаат нов и затоа мораме постојано да бидеме полицајци и да надгледуваме. Тоа е како криминалот во општеството, никогаш нема да го елиминираме , но мораме да се обидеме да го уништиме,“ вели претседателот на ЕОК, Патрик Хики во разговорот за Дојче веле.