1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ебола: „Умрените лежат на улици и ги јадат кучиња“

Ј. Канубах / М. Браун / Е.М.Фиданоска18 септември 2014

Маргрет Гиратс-Нимене раководи со мала германска клиника во Либерија. Од ебола веќе починале тројца вработени во клиниката. Сепак, клиниката повторно ги отвора вратите за болните. „Потребни сме им“, вели Германката.

https://p.dw.com/p/1DEwM
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Jallanzo

„Тешка загуба за целата клиника.“ Маргрет Гиратс-Нимене воздивнува длабоко. Поради еболата загубила тројца од 25-те вработени. Клиниката, која се наоѓа во едно предградие на главниот либериски град Монровија, морала да ги затвори вратите за период од 6 недели. Од пред неколку дена е деконтаминирана и реновирана - и повторно отворена.

„Потребни сме им на луѓето“, вели раководителката на клиниката. Благодарение на поддршката од Германија, тие се се‘ уште во состојба да можат да помогнат.„Тоа ми да дава сила да продолжам.“ Од Германија во клиниката не доаѓаат само донации, туку и станица за изолирање и возило за транспорт на умрените. „Умрените лежат на улици и ги јадат кучиња“, раскажува Гиратс-Нимене.

Margret Gieraths-Nimen, Leiterin der Gerlib Clinic in Monrovia, Liberia
Маргрет Гиратс-НименеФотографија: DW/J. Kanubah

Германката отсекогаш се зафаќала со проблемите. Со сопругот, лекар од Либерија, ја отворила клиниката „Герлиб“ пред 30 години. Заедничка цел им била да им помагаат на луѓето кои немаат пари за лекување. Гиратс-Нимене не ги има завршено студиите по медицина. Сепак, за време на граѓанската војна во 1990-тите работела заедно со сопругот, згрижувала бунтовници и цивилни жртви. Долги години ја следела судбината на Либерија од странство. Основала здружение за помош, го загубила сопругот. Починал откако го нападнале деца војници во клиниката. Во 2006 година се вратила во Либерија и повторно ја кренала клиниката на нозе.

Liberia Monrovia Gerlib Klinik
Фотографија: DW/J. Kanubah

Нејзината болница не била подготвена за ебола. Пациентите со типични симптоми на ебола биле препраќани во други центри. Се‘ додека еден од вработените не се заразил со вирусот. Го сместиле во болницата. „Сите беа исклучително претпазливи“, раскажува Маргрет Гиратс-Нимене. Благодарение на хуманитарната организација за лекови Action Medeor вработените добиле ракавици и заштитини маски. Сепак, откако било докажано присуството на вирусот, поминале неколку дена додека пациентот не биле префрлен со болничка кола во станица за изолација. Станицата била преполна - со живи и мртви луѓе. Пет недели подоцна вработениот во „Герлиб“ починал. По него од вирусот починале уште двајца вработени.

Margret Gieraths-Nimen, Leiterin der Gerlib Clinic in Monrovia, Liberia
Сега клиниката е добро опремена - тимот во „Герлиб“Фотографија: DW/J. Kanubah

„Јас не се плашам“, вели Гиратс-Нимене. Со тоа таа создава доверба и кај персоналот за да се продолжи со работа. Сега клиниката е добро опремена. „Ако имаме се‘ што ни е потребно, можеме да придонесеме за промена на работите“, потврдува и лекарот Конах Доло. „Ситуацијата е застрашувачка, меѓу другото и поради тоа што оваа криза е тешко сфатлива. Но заради тоа не треба да се откажуваме.“