1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ебола, слеп патник?

Сабрина Пабст/ Симе Недевски22 октомври 2014

Франкфуртскиот аеродром е важен крстопат за многу патници, кои пристигнуваат од разни краишта на светот. Затоа многумина таму стравуваат од еболата. Но дали тој страв е оправдан?

https://p.dw.com/p/1DZGJ
Фотографија: Reuters/Arne Dedert

„Чудно е чувството кога гледате колку луѓе поминуваат низ овој аеродром, а вие не знаете од каде доаѓаат“, раскажува една госпоѓа, додека заедно со сопругот го чекаат сојот лет. „Еболата е поблиску отколку што мислиме“, додава една загрижена мајка. „Секако дека ми е страв.“

Над 150.000 луѓе дневно слетуваат на аеродромот во Франкфурт, поради што опасноста од ширење инфекции е исклучително висока. Во студијата на институтот Макс Планк, чиј што соработници последните месеци детално ги следеа летовите во меѓународниот воздушен простор, еден од заклучоците особено укажува на опасност од ширење болести на крстосници како што е Франкфуртскиот аеродром. Иако, на тој список не се наоѓа ебола, истакнува Бертрам Сомиески, портпарол на научниот институт во Штудгарт. Тој тврди дека Франкфурт не игра толку важна улога во превозот на патници од Африка.

Колкав е ризикот на аеродромите и во авионите?

JFK International Airport in New York - Sicherheitskontrolle Ebola
Фотографија: picture-alliance/Donna Burton/Cbp/Handout

Фактот дека инфекцијата не се пренесува преку капки ја намалува можноста на ширење на болеста на големите аеродроми. Смртоносниот вирус не се пренесува на поминување, додава доктор Јирген Рисланд, виролог од Универзитетот во Хомбург. Можноста за пренесување на вирусот е мала и во авионите. Патникот би морал да биде изложен на телесни течности од заболениот (неопходен е директен контакт со крв или повратена маса), што исто така ретко се случува. Покрај тоа, до пренесување доаѓа ако симптомите на болеста се јасно изразени, тврди овој лекар.

Надлежните во управата на франкфуртскиот аеродром не се многу загрижени поради заканата која доаѓа од земјите во западна Африка. Се стекнува впечаток дека атмосферата е поинаква отколку на аеродромите во Канада и во САД. Во Њујорк се веќе воведени обврзувачки мерки за дополнителна контрола на патниците од Сиера Леоне, Гвинеја и Либерија. Останатите патници од западна Африка најпрво ги прашуваат по кој пат стигнале до саканата дестинација и дали биле во контакт со заболени лица. Доколку се утврди дека постои ризик, им се мери телесната температура.

Слаби шанси за препознавање

Еден случај преку ноќ ја промени свеста за ризикот од ширење на инфекција. Томас Ерик Данкан е првата жртва на ебола во САД. Вирусот го донел од Либерија и почина на 8. октомври. Така вирусот ебола стигна и во земјата, за која би можело да се каже дека е во друштвото на оние земји со најдобра заштита од инфекции во светот. Фактот дека инкубацијата на се’ уште неизлечивата болест трае 3 недели го отежнува нејзиното рано дијагностицирање. Со други зборови, заразените можеби веќе патуваат во Европа и не знаат дека во себе носат смртоносен вирус.

Ebola Screening JFK Flughafen USA
Фотографија: picture alliance/Landov

И министерот за здравство од покраината Хесен, Штефан Гритнер, ја уверува јавноста дека нема опасност од ширење на инфекција на големите аеродроми во Германија. Тој тврди оти нема потреба од мерење температура на патниците. „Зголемената температура може да биде предизвикана од разни болести, од обична настинка до оние најсериозните и инфективните. Во случај на ебола се поважни разни други симптоми, а не телесната температура.“ Наводно искуствата во борба против САРС покажаа дека контролирање на температурата не може многу да помогне во борбата против опасната болест. Така барем во својот извештај наведуваат стручњаците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести. Портпаролот на институтот Макс Планк, Сомиески го дели тоа мислење и наведува дека обврзувачкото мерење на температура сега не е неопходно. „Не би требало да се крева тензија ако опасност се’ уште нема.“