1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ебола: помошта нема ефект секаде

Штефан Елерт / Елизабета М. Фиданоска28 ноември 2014

Бројот на починати од ебола, според СЗО, е зголемен на речиси 6000. Се вели дека болеста не се проширила толку многу како што се стравувало и тоа благодарение на меѓународната помош. Но, Мали може да стане ново жариште.

https://p.dw.com/p/1Dugn
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kristin Palitza

Светската здравствена организација (СЗО) објави нови бројки: 16.000 заболени од ебола во осум земји и 5689 починати. Експоненцијалното ширење на болеста, од што се стравуваше, според овие податоци - изостана.

Бројките на СЗО не ја земаат предвид темната цифра и се застарени уште пред да бидат објавени. Додека бројот на нови инфекции во Либерија, благодарение и на големата меѓународна помош, е драстично намален, во Сиера Леоне дневно се пријавуваат по 83 нови инфекции. Освен тоа, Мали би можело да стане четврто големо кризно жариште, покрај Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне. Таму, по осум потврдени случаи на ебола, стотици луѓе се под надзор.

Уште до пред неколку недели луѓето во Монровија наутро се будеа од завивањето на сирените од болничките возила, а со истиот звук и легнуваа навечер. Болничкиот транспорт значеше - повторно случај на ебола, вели Варнета Џонсон, жителка на либерискиот главен град. „Луѓето овде лежеа на улица затоа што воопшто немаше центри за лекување. Секое утро го вклучуваш радиото и слушаш селани кои се јавуваат и раскажуваат: ’Овде во една куќа имаме десетмина мртви, можете ли да дојдете и да ги однесете?’ Или ќе чуеш за бебе кое цицало од градите на својата мртва мајка.“

Либерија: „Состојбата се промени“

Никаде еболата не беснееше така, како во Либерија: 7000 инфицирани и 3000 починати досега. Но, во меѓувреме бројот на нови инфекции е сведен на неколку случаи дневно, потврдува Варнета Џонсон, која работи во едно локално радио во Монровија. Состојбата е променета, нагласува Џонсон. Меѓу другото така е и поради големата меѓународна помош. Лекари, негуватели, пари, материјал - тоа навистина помогна за напредок во борбата против ебола. Во меѓувреме, луѓе од цел свет се на страната на Либеријците и им помагаат: Германци, Уганѓани, Кинези, Французи, Американци и Кубанци. Но, нема причина за исклучување на алармот, вели шведскиот професор по медицина и статистичар Ханс Рослинг во разговор за Би-Би-Си. Рослинг е дел од меѓународен советнички тим во Монровија. „Потешко е да се запре кога се наоѓа на ниско ниво“, вели научникот. „Спуштање од врвот на ниско ниво е поедноставно, отколку од ниско ниво да се сведе на нула.“

Freiwillige für Kampf gegen Ebola
Фотографија: Reuters/Bimmer

Крај на будноста?

Будноста на луѓето можеби повторно попушта. Нехигиенски погреб, невнимателен болнички транспорт - и бројките веќе брзо се зголемуваат. Тоа беше случај минатата недела во Сиера Леоне, каде за една недела имаше повеќе од 530 нови случаи. Мадина Раман, заменик-министер за здравство, порастот го образложи со тоа што болеста претходно, поради недоволни лабораториски капацитети, често не била констатирана: „Сега достигнавме кулминација, а наскоро ќе почне намалување на бројките. Причина за порастот беше што не можевме да ги обработиме лабораториските проби. Едноставно немавме доволно лабораториски капацитети.“

Ebola Impfung in Mali
Фотографија: picture-alliance/dpa/Alex Duval Smith

Во Западна Африка се‘ уште итно се бараат лабораториски асистенти, лекари и негуватели. Во меѓувреме, меѓутоа, благодарение на меѓународната поддршка, ситуацијата е подобрена и во Сиера Леоне, нагласува Раман. Сепак, има и неуспеси. Неделава некои од гробарите стапинја во штрајк и оставија да лежат на улиците високо контаминозни човечки трупови - најверојатно не им било платено за извршената работа.

Во станица за изолација дури по 5 дена

Во големи делови од регионот зафатен со ебола минува премногу време додека се изолираат инфицираните и додека се почне со лекување - во просек по 5 дена. Дотолку поважни се, нагласува шведскиот професор Рослинг, многуте локални иницијативи за просветување на луѓето и всадување доверба дека и тие самите можат да сторат многу: „Кога едно семејство на село е инфицирано, тогаш тие прават круг околу куќата и велат - од овде не можете надвор, а ние не доаѓаме внатре, и им носат храна и вода. Луѓето сфаќаат што е карантин.“

Напредокот во борбата против еболата е видлив, но ќе минат уште месеци додека болеста не исчезне од регионот, нагласува експертот. „На моите внуци им реков дека за Божик нема да бидам дома“, вели Рослинг.