1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ебола- има ли опасност за Германија и Европа?

Гурдун Хајзе/ Жана Ацеска2 октомври 2014

Случајот со ебола во САД предизвикува загриженост. Колкава е опасноста вирусот да стигне во Германија и во Европа? Дали се потребни нови стратегии против смртоносниот вирус?

https://p.dw.com/p/1DOfN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Д-р Јонас Шмит Ханазит од Бернард-Нохт-Институтот во Хамбург уверува, за Германија и Европа нема опасност.

„Можно е да има увезени случаи,но сигурно нема да дојде до таков развој како во Западна Африка. Условите овде се сосема поинакви“.

Кај инфицираниот со ебола, чија болест беше дијагностицирана во САД, болеста уште не беше во замав, се‘уште е во фаза на инкубација. Тоа кај еболата може да трае до 21 ден и на почеток нема знаци на инфекцијата.

„Токму поради тоа тој не бил и откриен. Ако бил потешко болен, немало да смее ни да се качи во авионот. Кога човек се наоѓа во фаза на инкубација на болеста, може да лета и покрај аеродромските контроли, но доброто е во тоа што тогаш не може ни да го пренесува вирусот“.

Вирусот може да преживее на површина до 30 часа. Но, оној кој ќе контаминира вакви површини, мора веќе да е болен. Вирусот веќе се наоѓа тогаш кај него во поголеми концентрации, а укажувања за мутации засега нема, вели д-р Шмит-Ханазит.

„Вирусите секогаш мутираат, но тоа не мора секогаш да води кон нешто полошо. Понекогаш на пример е подолга фазата на инкубација или расте смртноста или се намалува“.

Германија е добро подготвена

Уште пред избивањето на епидемијата со ебола во Западна Африка, во Германија имаше различни тест-фази за справување со болести. Тие се однесуваат на соработката меѓу различни здравствени организации, меѓу другите лабораториите и специјалните центри за третман на пациенти низ цела Германија.

„Ако стигне пациент во Минхен или во Франкфурт, тој би бил однесен веднаш во карантин-станица. Тоа е одлично организирано“.

Ситуацијата во Западна Африка не може да се споредува со онаа во САД и Европа и Германија, вели вирусологот.

„Кај нас нема граѓанска војна, не е уништен здравствениот систем во основа, не ги миеме нашите мртовци и не ги бакнуваме. А токму тоа е она што ја отежнува систуацијата во Африка“, вели Ханазит.

„Овде кај нас во Германија нема да има епидемија. Знаевме, дека тоа може да се случи, дека инфициран со ебола може да стигне во САД или во Европа, но ние сме добро подготвени за тоа“, гласи заклучокот на лекарот.