1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ебола: Живот во вонредна состојба

Јулиус Канубах/Стефани Дукштајн/А. Методијев22 август 2014

Либерија е најтешко погодена од епидемијата на ебола. Во 8 од 15 покраини владее вонредна состојба. Луѓето немаат доверба и се исплашени. Некои се потсетија на состојбата од граѓанската војна.

https://p.dw.com/p/1CysT
Фотографија: Getty Images

Монровија рано претпладне. Едвин Снортон неволно шутира фудбал кон неговите пријатели. 17-годишникот со денови не оди на училиште. Тоа е затворено поради епидемијата на ебола. „Ми недостига училиштето, а пред се’ моите пријатели. Сега си седам овде сам. Моите родители работат и јас едноставно се чувствувам лошо“, вели Едвин.

Неговиот пријател Виктор Сеах ја шутира топката назад. „Епидемијата многу го уназадува нашето општество. Пред се’ за нас младите ова е како удар во лице“, луто зборува Сеах. Него ова го потсетува на граѓанската војна. „Во минатите години се обидовме да се извлечеме од тоа и натамошно да се развиеме. Но, оваа криза не фрла назад“, вели Сеах.

Тоа е живот во вонредна ситуација. Цели градски населби се наоѓаат во карантин. Навечер владее забрана за излегување. Во средата (20.08.2014) полицијата во главниот град Монровија дури употреби и солзавец за да ги спречи жителите на една ограничена област со ебола да ја напуштат зоната.

Jugendliche spielen Fußball in Monrovia
Децата неволно играат фудбал, оти друго и немаат што да праватФотографија: DW/J. Kanubah

Либерија е до Сиера Леоне и Гвинеја и досега е најтешко погодена од пандемијата. Бројката на починатите од ебола во земјата, според податоците од Светската здравствена организација, изнесува 1.299.

„Потребно е време додека кампањата за едуцирање да стигне до секого“, вели Асја Ханано. Таа е директорка задолжена за Либерија во организацијата „Помош против гладот во светот“. Недовербата меѓу населението е многу голема, смета Ханано. Таа недоверба е кон сопствената влада и кон помагачите од Западот. Причина за тоа е што луѓето во земјата и натаму страдаат од траумата од 14-годишната граѓанска војна, објаснува Ханано и додава: „Многу луѓе веќе никому не му веруваат“.

Мерки за градење доверба

На спроведување на мерките за градење доверба се ангажира и Џеферсон Маса. „Еболата е овде. Еболата може да убие. Но, што всушност е оваа ебола?“ Тоа се слуша од радиостаницата „Гбарнга“. Џеферсон Маса е радионовинар во малиот град „Гбарнга“, оддалечен околу четири часови пат со автомобил.

„Ние објаснуваме со многу едноставни пораки“, вели Маса. „Избегнувајте директен контакт со лицата кои имаат симптоми на ебола. Внимавајте дали имате подолготрајна треска и дали таа не ви поминува“. Овие пораки ги емитува радиотo на неколку локални јазици. „Бидејќи стандардниот англиски јазик на медицинарите многумина тука не го разбираат“. Преку џингловите или кратки радио-драми дневно се информираат околу 800.000 слушатели за најновите информации околу состојбата со епидемијата. Новинарите ги добиваат информациите директно од Министерството за здравство.

Jefferson Massa, Journalist von Radio Gbarnga/ Liberia NEU
Џеферсон Маса на работна задачаФотографија: DW/S. Duckstein

А, ситуацијата е многу драматична, вели Маса. Само во Гбарнга досега се потврдени 30 смртни случаи од ебола, а за дргуги над 100 се верува дека исто така починале од ебола.

„Најлошото во оваа работа е што болниците во регионот се затворени“, информира новинарот. Персоналот известил дека повеќе нема заштитна работна облека со која ќе може да се погрижи за пациентите кои доаѓаат во болницата, а немале ниту лекови кои би можеле да ги поделат. Од избивањето на епидемијата во јули од ебола починаа пет медицински сестри. Затоа две болници во регионот сега се затворени.

Долгорочниот ефект на епидемијата

„Нашата иднина секогаш ќе биде безнадежна“, се жали Емануел Вајни, кој живее во главниот град Монровија. Ученикот одел во средното училиште со големи надежи. „Тоа што владата овде ги затвори сите училишта е поразувачко за нашата иднина“, вели Вајни.

Епидемија од вакви размери секако дека има и психо-социјални последици, убеден е социјалниот работник Зубах Јенего.

Zubah Yenego Aktivist aus Monrovia
Зубах ЈенегоФотографија: DW/J. Kanubah

„Епидемијата со ебола екстремно исплаши многу млади луѓе. Никој никого веќе не сака да го допре. Луѓето едноставно имаат страв“, вели Јенего. Така се прекинати социјалните интеракции и ритуалите, кои имаат многу долга традиција. Во ливерија има традиционален начин на поздравување кога се подава раката и на крајот се чкрапа со прстите. Но, таквиот ритуален поздрав сега се избегнува.

Во меѓувреме, ситуацијата со болниците не е лоша само во внатрешноста, туку и во главниот град. Таму пациентите не добиваат лекови, бидејќи медицинските сестри штрајкуваат.