1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ побара од ДИК да избрише 675 гласачи од Пустец

АМ/макфакс/миа10 април 2014

ДУИ побара бришење на гласачи од Пустец, кои биле пријавени за гласање во македонската амбасада во Тирана. Во ДУИ сметаат дека се прават манипулации со гласачи.

https://p.dw.com/p/1Bfww
Фотографија: MIA

„Демократската унија за интеграција во средата (09.04.) поднесе приговор до Државната изборна комисија, со кој се приговара за вклучувањето на 675 гласачи од Пустец во избирачкиот список, со цел остварување на правото на гласање во амбасада на Република Македонија во Тирана“, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ДУИ, Бујар Османи

Според наводите од партијата, овие гласачи не го исполнувале законскиот услов за да учествуваат на парламентарните избори на 27 април, а уште помалку да гласаат за кандидатите за пратеници за Европа.

„Изборниот законик јасно предвидува дека право на глас имаат граѓаните со адреса на живеење во Македонија, додека во случајот со гласачите од Пустец, тие немаат адреса на живеалиште во Република Македонија, како што се потврдува и со нивните документи за идентификација“, истакнува Османи и додава дека овие граѓани се државјани на Албанија со адреса на живеење исто така во Албанија, а поради одредени причини добиле државјанство на РМ.

Од ДУИ велат дека овие лица не претставуваат ниту дијаспора, ниту граѓани со привремен престој во странски земји, ниту граѓани на Македонија, за да имаат можност да гласаат.

„Со оглед на фактот дека се заложуваме за фер избори, бараме ДИК да ги избрише овие луѓе од избирачкиот список, бидејќи со закон тие немаат право на глас“, вели Османи и додава: „ Ние цениме дека овој чин ќе придонесе изборниот процес да биде прифатлив и веродостоен за сите страни“.

Во ДУИ сметаат дека се прават манипулации со гласачи, бидејќи, како што велат, целта е Албанците да го изгубат пратеникот од Европа, а ваквата постапка ја оценуваат како очаен обид за промена на етничката реалност на дијаспората.