1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дуда е фактор на несигурност за Европа

Бартош Дудек25 мај 2015

Дали новиот полски претседател Анджеј Дуда ќе успее да се еманципира од својот ментор Качински? Ако тоа не успее, тогаш неговиот избор е негативен сигнал за Германија и Европа, оценува Бартош Дудек.

https://p.dw.com/p/1FWBN
Фотографија: picture alliance/NurPhoto

Најдоцна по првиот круг од претседателските избори стана јасно: Бронислав Коморовски, до неодамна се‘ уште најпопуларен политичар во Полска, има сериозен ривал. А сега „новајлијата“ Анджеј Дуда и навистина успеа - победи со околу 52 проценти од гласовите.

Коморовски, кого поради некогашните добри резултати во анкетите за рејтингот го имаше фатено сонот на „заспаната убавица“, погрешно го процени расположението во земјата. Неговиот стил на владеење беше во остра спротивност со блискиот до народот „граѓански кандидат“ Дуда. Смена на власта сакаа пред се‘ младите. Измачени од високата невработеност и бесперспективноста тие ги полагаат надежите во 42-годишниот политичар со младешки изглед. Победата на Дуда е пред се‘ жолт картон за либералната, граѓанска опција - политичката татковина на поранешниот претседател Коморовски - која е на власт од 2007 година. Неговиот пораз би можел да биде предзнак за победа на национално конзервативниот табор на парламентарните избори закажани за наесен.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек, автор на коментарот

Повеќе од репрезентативна функција

За Европа, а особено за германско-полските односи, изборот на Дуда би можел да има негативни последици. Имено, до пред некое време непознатиот Дуда, беше избран да ја претставува во Европскиот парламент Партијата на право и правда на опозициониот лидер Качински. Времето кое Качински го мина во премиерската фотелја од 2005 до 2007 година важи како период кога односите меѓу Германија и Полска беа на најниска точка во поновата историја на двете држави. Полска тогаш, поради својот бескомпромисен став по европските прашања и острата критика кон Русија, на меѓународно ниво важеше за „проблематично дете“. Дали Дуда ќе продолжи со таа политика зависи од тоа дали ќе сака и ќе биде во состојба да дејствува независно од својот ментор.

Претседателот на државата во Полска е повеќе од само репрезентативна фигура. Тој особено има што да каже во надворешната и одбранбената политика, а може и да блокира закони со своето вето. Внатрешнополитички нестабилна и надворешнополитички непресметлива Полска во моментов може уште повеќе да ја искомпликува и онака напрегнатата меѓународна ситуација. На парламентарните избори наесен таковото сценарио би можело да стане уште поизгледно.