1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државен интервенционизам - Македонија се враќа кон социјализам!?

Костадин Делимитов24 април 2014

Вработувања од буџетот, отпис на долгови, државни субвенции, повисоки плати и пензии, социјална помош, пониски и поврат на платени даноци...Македонските граѓани се наслушаа куп популистички мерки во изминативе недели

https://p.dw.com/p/1Bndx
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Во битката за освојување на власта се ветува се` и сешто. Повеќе или помалку и власта и опозицијата се натпреваруваат во понудата со повеќе пари од буџетот. Се` ќе плаќа државата, но од каде и како, никој ниту прашува ни кажува! Државата е главен бизнисмен, но станува и енормен извор на социјални бенефиции. Во вакви услови, според упатените, клучно е прашањето колку ваквата политика е одржлива на подолг рок? Дали балонот ветувања, кој премногу се дува пред избори, може многу лесно да пукне? Колку е опасна политиката на државен интервенционизам во функција на социјален мир?

Застранување од политичките матрици на партиите

Експертите не гледаат спорно во политиката на државен интервенционизам, но предупредуваат дека ваквата практика може да чини скапо доколку излегува од рамките на пазарната логика. Александар Цветкоски од невладината Агтис предупредува дека политичките субјекти во Македонија застрануваат од своите идеолошки матрици. Она што во земјите со побогата демократска традиција е генерална определба и правило на партиите на левицата или десницата во Македонија се` повеќе станува исклучок:

„’Западњаците’ знаат дека ’левите’ сакаат интервенционизам, регулација и редистрибуција на собраните буџетски пари (заради тоа сакаат и повисоки даноци), а „десните“ да ја ослободат економијата од многуте закони, високи даноци, сакаат саморегулација на пазарот. Впрочем, изборните резултати се одразуваат дури и на котирањето на компаниите на берзите. Но тоа е идеално замислено и поранешно време. Сега е поинаку, односно, сега нема ниту ред, ниту правила.

Тоа е мошне видливо во предизборните понуди во Македонија. Имено, ’десната’ ВМРО ДПМНЕ има сосем социјалистички замисли за буџетот, се залага за висок степен на интервенција на пазарот, па дури е и најголемиот работодавач. Од друга страна ’левата’ СДСМ се залага за релаксирање на регулативата на пазарот. Дури и да им простиме за основното непознавање на своите идеолошки насоки, овие две партии се колнат во редистрибуција на собраното од пазарот, што значи дека и едните и другите не веруваат во силата на пазарот и приватниот бизнисмен. Наместо тоа, тие им се додворуваат на невработените, сиромашните, земјоделците. Замислете ја таа хипокризија, кога на земјоделците, кои ’лапнаа’ стотици милиони евра субвенции, им ветуваат и понатамошно зголемување на истите, а никој не споменува дека во услови на такви субвенции увозот на храна се зголеми за над 50%. Понатаму, државата, како што ја замислуваат и едните и другите, ќе биде замешана во се` и сешто и ништо во Македонија нема да се случува без нивен амин. Стравотија! Да ја напуштиме иронијата и само да констатираме, Македонија се врати во социјализмот. Можеби ние и никогаш не сме го напуштиле, само што другарите и другарки ги нарековме дами и господа“, коментира Цветкоски.

Meeting in Skopje von den Mitgliedern von der Partei VMRO DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Актуелната политика на власта, според професорот Здравко Савески, е повеќе комбинација на екстремен неолиберализам со државна интервенција, отколку класичен државен интервенционизам. ВМРО ДПМНЕ, според него, покажала дека е и пазарно ориентирана со политиката на воведување рекордно ниски даноци за фирмите. Интервентните социјални мерки според него не се спорни доколку се и економски издржани:

„Демократијата не значи само владеење на правото, поделба на власта почитување на човековите права, туку и добар живот на граѓаните. Значи, моментот на социјална правда е нужен. Кога некој излегува со тврдење дека ќе исполни барања на обичниот граѓанин, тоа е во рамките на она што е дефиниција за демократијата. Но, кога се излегува и се предлагаат решенија кои ќе го подобрат статусот на граѓаните, како на пример простување на заостанатите долгови и тоа од септември, тогаш сето тоа мора да е поткрепено со даночна анализа од каде ќе има пари. Тие пари можат да бидат или од странство со дополнително задолжување, или со промена на даночната политика. ВМРО ДПМНЕ не излегува со став од каде ќе најде пари за спроведување на социјалните мерки. Тука е таа слабост и ако го нема сето тоа, тогаш тоа се категоризира како популизам и економски не е добро втемелено“, коментира Савески.

Во однос на програмата на СДСМ пак, Савески смета дека најголемата опозициска партија за прв пат излегла со програма што наликува на социјалдемократска:

„Сепак, тоа е премногу плашливо и скромно, сите тие предлози, но тие се релативно подобро засновани во реалноста, бидејќи предизвикуваат и промена на даночната политика. Но пак ќе кажам, сето тоа треба да се изработи со конкретни бројки да се види нивната буџетска одржливост. Но бидејќи се зборува за поскромни ветувања може да се каже дека тие се повтемелени во реалноста отколку оние на ВМРО ДПМНЕ“, смета Савески.

Модел на рамнотежа на пазарот и државата

Експертската јавност сугерира преиспитување на последиците од јакнењето на улогата на државата во водењето на стопанските активности и пресврт во обезбедувањето социјален мир, преку политика на развој, динамизирање на растот и продуктивно вработување на невработените:

„Мора да се изнајде модел на урамнотежени односи меѓу улогата на државата и на пазарот, за да не ни се случи, по втор пат, заради непримерена државна интервенција на постојниот степен на развиеност на земјата, да се западне во криза, со подалекусежни последици врз вкупниот општествен развој, отколку што се постојните, за чие решавање не се бираат средства. Или, поинаку кажано, не се радувајте кога државата е таа која ви дава, прашање на време е кога неколкукратно ќе ви земе, затоа што на времето повеќе сме трошеле отколку што сме заработувале“, предупреди во својата колумна универзитетскиот професор Крсте Шајноски.