1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата нека креира правила на игра, ама да не биде играч во образованието

Катерина Блажевска26 ноември 2014

Професорите не се против контрола врз знаењето на студентите, но сметаат дека државниот испит нема да даде објективна слика за тоа, а може да ја загрози универзитетската автономија.

https://p.dw.com/p/1Dtmu
Протести на студентите на 17.11.2014 во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Студентите низ протести го искажаа својот став - не прифаќаат контрола врз квалитетот на знаењето, без разлика дали таа ќе се нарече екстерно тестирање или државен испит. Нивните професори, кои досега повеќе или помалку се држеа резервирано за да не им го „киднапираат“ правото на став на студентите, имаат различни гледишта по прашањето за воведување државен испит, но идентични оценки за причините што довеле до сегашните состојби во образованието. Тие не бегаат ни од одговор на прашањето дали државниот испит е сигнал и за недоверба кон знаењето што професорите им го испорачуваат на студентите.

Зоран Ивановски, професор по финансии, во предлогот за воведување државен испит препознава изразена недоверба кон целиот образовен процес и учесниците во него, односно еднакво изразена недоверба кон двете страни - и кон студентите и кон професорите. Тој не е против контролата на стекнатато знаење, и во таа насока смета дека има две можни варијанти.

„Првата е, да се спроведе надворешна евалуација која може да ја реализира Одборот за акредитација и евалуација, во чиј состав би било добро да има и професори од странство. Проверката на знаењето кое институцијата им го испорачува на студентите треба да се спроведе преку испит, што како нацрт-верзија го подготвува образовната институција, а го одобрува Одборот. Ова е најкористена метода во светот. Таква евалуација спроведуваат и домашни образовни институции кои имаат странски акредитации за одредени студиски програми.

Второ, може да се спроведе и државен испит, ама по завршувањето на факултетот, како што има на пример во Бугарија, а одамна има и на Правниот и на Медицинскиот факултет кај нас. Но, за да се спроведе таков испит има еден многу важен предуслов - наставните програми треба да бидат усогласени. Тоа сега не е така, бидејќи факултетите користат различна лепеза од литература и по обем, и по содржина, што го отежнува усогласувањето на евентуална програма за државен испит. Ако е целта тој да даде објективна слика за квалитетот на знаењето, не треба да нема промашувања. Затоа, мора добро да се размисли“, предупредува Ивановски.

Премиерот Груевски во интервју за телевизијата „Алфа“ пред неколку дена (23.11) изјави дека со државниот испит нема да се занимава Министерството за образование.

Nikola Gruevski Premierminister Mazedoniens 19.06.2014
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: MIA

„Државниот испит ќе го спроведува, не државата, не министерството, не Владата, туку Одборот за акредитација, во кој има професори. Таму ќе имаме одредена реконструкција, ќе влезат голем дел на професори кои што се со најголем број на свои публикации во списанија со импакт фактор“, рече Груевски.

Таа најава засега не ги намали стравувањата кај професорите од политички упад во универзитетската автономија, од причина што и во изборот на членови во Одборот за акредитација и евалуација гледаат многу политика. Одборот е составен од 23 члена од кои девет се професори, двајца членови се од МАНУ, еден претставник на работодавачите, два членa од интеруниверзитскиот парламент на студентите и девет члена именувани од Владата.

Ниско рангирани

Зоран Поповски професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, вели дека факт оти квалитетот на високото образование е сериозно доведен во прашање во последните години.

„За тоа зборува 1.400 - то место на кое е рангиран УКИМ на ранг листата на универзитетите во светот. Таа се должи на неоправданото отворање на бројни приватни и дисперзирани државни факултети и универзитети, со што се зголеми опфатот на ученици во високото образование, а тоа придонесе за намалување на т.н. instruction time per student и целосно запоставување на практичната настава. Од друга страна, беше оневозможена природна замена на пензионираниот наставно-научен кадар на УКИМ со што се зголеми соодносот наставник/студент. Треба да се каже дека и платите на универзитетските наставници на јавните универзитети во Македонија, со ретки исклучоци - се значително помали во споредба со земјите во регионот кои имаат сличен стандард. Тоа е доста депримирачки, особено кај кадарот кој не припаѓа на т.н. богати факултети (Економски, Правен...) И конечно, вината за загрижувачкиот квалитет треба да се бара и во релативно удобниот однос на универзитетскиот кадар, кој не дава максимум за да ја спроведе својата мисија. Сето ова наметна потреба од преземање мерки за унапредување на квалитетот на високото образование“, констатира Поповски.

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Протести на студентите на 17.11.2014 во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Според него, обидот државниот испит да се прикаже во јавноста како алатка за справување со т.н. купени дипломи и незаслужени 'десетки' кои се лиферуваат главно на приватните факултети, не е успешен. Шансите за справување со неквалитетот се поголеми ако се спроведе вистинска постапка за реакредитација на високообразовните установи по прецизен Правилник за нормативи и стандарди за вршење на високообразовна дејност и со темелна постапка за акредитација на студиските програми.

„Не сум чул дека некаде во светот се врши вакво тестирање и особено не можам да го замислам механизмот за негово спроведување. Според мене, државата може да учествува во дефинирањето правила на игра во високото образование, ама не смее никако да учествува на тој натпревар како играч. Тоа би било дефинитивно загрозување на автономијата на универзитетот“, вели Поповски.

Лажна грижа за квалитетот

Дел од универзитетските професори во предлогот за воведување државен испит препознаваат демагогија и лажна грижа за квалитетот на знаењето, бидејќи, според нив, сите владини мерки досега воделе само кон полоши решенија. Таков е впечатокот на професорка од Правниот факултет на УКИМ.

„Состојбите во образованието во Македонија се последица на лоши експерименти и необмислени реформи на актуелната власт, која често пати немаше претстава каде водат реформите што ги спроведува. Доказ за тоа е фактот што во текот на една година три пати го менуваа Законот за високо образование, во сосема спротивни правци. Власта која придонесе и одобри отворање на факултети на секој чекор, без да се води сметка за запазување на критериумите и стандардите потребни за квалитетно високо образование, сега измислува екстерни тестирања кои нема да го решат проблемот. Тоа е пародија. Тоа е само уште една алатка за деградирањето на Универзитетот и уште еден доказ дека не постои негова автономија. Дека екстерното тестирање е тешко промашување кое не дава резултати, се виде во основното и средното образование. Затоа ги поддржувам студентите во нивниот протест и сум горда на нивната одважност јасно и гласно, да го кажат својот став“, вели професорката.

Потсетувајќи дека веќе постои проверка на дипломите во областа на правото и медицината преку државни испити кои се полагаат по завршувањето на факултетот, професорката укажува колку и таа досегашна контрола е осудена на деградација и карикатуралност.

„Сега и тука се случува парадоксален процес. Од 2015 година правосудниот испит ќе се полага компјутерски, што во голема мерка го олеснува истиот. Од една сакаат да воведат некакви нови построги испити за контрола на знаењето, а од друга страна ги олеснуваат постојните државни испити, како на пример правосудниот“, укажува таа.

Ако се има предвид дека компјутерското полагање значи заокружување на еден од неколку понудени одговори на прашањето, спуштањето на нивото на ваквата контрола до степен на писмен тест за возачки испит, под сомнение ја става искреноста на владините намери.

Studenten Demo in Skopje 17.11.2014
Протести на студентите на 17.11.2014 во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Излез од лавиринтот

Како да се излезе од лавиринтот, а тоа решение да не биде ниту на штета на квалитетот на знаењето, ниту на универзитетската авотономија? Поповски смета дека тоа може да се постигне преку еден усогласен пакет.

„Многу ќе биде подобро наместо со државен испит, кој има третман на екстерно оценување, да се овозможи задржување на најдобрите студенти во Македонија на универзитетите и враќање на одличните студенти кои си заминале од државата; вложување во унапредувањето на практичната настава, особено на техничките, природните, биотехничките и медицинските науки; објективен испекциски надзор во домени во кои државата има своја надлежност во виското образование, објавување на војна против корупцијата во високото образование; екипирање и професионализација на Агенцијата за акредитација и евалуација во високото образование, заострување на критериумите за избор на наставниците во повисоки звања, воведување на поостри критериуми за запишување на факулетет и за студирање; систематско вклучување на млади научници истражувачи во истражувачки проекти, повеќе вложувања во такви проекти и особено - деполитизација на студентското организирање. Сето ова би создало многу поконкурентна атмосфера во високото образование и би се подигнал неговиот квалитет“, дециден е Поповски.

За половина година ќе истече мандатот на членовите во Одборот за акредитација и евалуација. Од тоа каква „реконструкија“ ќе биде извршена во неговиот состав, професорите ќе ги видат првите сигнали дали е во прашање навистина контрола врз квалитетот на знаењето или само желба за повеќе контрола на државата врз универзитетите.