1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски нема намера да ја напушти власта

Б. Георгиевски/дф15 април 2015

Германското радио информира за развојот на настаните во Македонија по обелоденувањето на „бомбите“ на опозицискиот лидер Заев и заклучува дека Груевски нема намера да си замине

https://p.dw.com/p/1F8ha
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Веќе со недели опозицијата во Македонија презентира аудио снимки од телефонски разговори на власта, пишува Дојчландфунк во репортажата од земјата.

„Се работи за изборни измами и корупција во голем стил. Но ниту барањата за оставки, ниту притисокот однадвор досега не донесоа промена на курсот: премиерот Груевски едноставно си ја преседува владината криза“.

„Нова нелегална аудио снимка од телефонски разговор- ткн. бомба. Македонскиот премиер Никола Груевски и неговиот министер за транспорт се жалат што не успеале навреме да изманипулираат избори.

Изборни фалсификати, избор на судии од рака, притисоци- 15 вакви прислушкувани разговори на премиерот Груевски и неговите најблиски соработници објавија македонските социјалдемократи во изминатите недели. Владата врши масовни злоупотреби, тврди опозиционерот Зоран Заев.

'Тие ги контролираат медиумите', вели Заев во разговор за АРД (првиот канал на германската државна телевизија, н.з.). 'Тие ги контролираат судството и обвинителството. Ги затвораат оние кои мислат поинаку. Земале мито од 25 милиони евра за изградба на автопат. Вршат преквалификација на земјиште за да можат да си го купуваат за себе. Притоа ги фалсификувале и изборите. Издавале лажни лични карти. Гласањето и бројките биле манипулирани. Тоа ги опфаќа последните три изборни циклуси'.

... Премиерот Груевски ги отфрла обвинувањата. Тој себеси се гледа како жртва на заговор во кој опозицијата планирала државен удар. 'Институциите ќе расчистат дали имало злоупотреби или не. Веќе постои едно признание дека тоа било правено во соработка со странски тајни служби за пари', тврди Груевски.

Неговиот ривал Зоран Заев беше пет часа испитуван од државното обвинителство. Тој издал државни тајни со тоа што го обвинил шефот на тајната служба дека примил мито од Израелците. На Заев му е одземен пасошот, и не смее да ја напушта земјата. Му се заканува до десет години затвор.

Политичката клима во некогашната земја за пример е уништена, вели политичкиот аналитичар Суад Мисини во интервју за АРД.
'Во последните години бевме сведоци дека едните беа на власт, а другите во опозиција. И тие само си ги менуваа улогите. Но сега состојбата е покомплицирана. Во последните 4-5 години институциите беа целосно присвоени. Тоа до темел ја потресе правната држава. Основните човекови права на граѓаните се во голема мерка нарушени'. Една од причините за тоа е што Македонија веќе десет години е во чекалната на ЕУ, вели аналитичарот.

... Опозицискиот политичар Заев го нуди следниот план за излез од кризата:

'Кризата мора да се решава чекор по чекор. Мора да се избере преодна влада која ќе подготви нови избори. Македонските гласачи ќе и стават крај на оваа политичка криза'.

Но премиерот Груевски воопшто и не помислува да се повлече од власт. Тој ги игнорира барањата за оставка на социјалдемократите, кои веќе една година го бојкотираат парламентот. Досега го издржа и притисокот однадвор“, пишува Дојчландфунк (Германското државно радио) во репортажата од Македонија.