1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк пред целосна реконструкција

Клаус Улрих/бг24 април 2015

Германската Дојче банк е пред целосна реконструкција. Во моментов нејасно е кој пат ќе го одбере и дали ќе настрада само Постбанк, но работниците стравуваат за своите работни места.

https://p.dw.com/p/1FECz
Фотографија: dapd

Се шират многубројни шпекулации за тоа, што ќе се случува со германската Дојче Банк. Денеска Извршниот одбор на банката на посебен состанок му поднесува стратегиски план на Управниот одбор. Во центарот на вниманието е Постбанк, која од 2010 година е дел од концернот Дојче Банк. Според извештаите, во моментов во игра се две варијанти: поделба на концернот на дел кој се занимава со фирми и инвестиции, и дел кој би се занимавал со приватни клиенти, што би ја опфатил и Постбанк. Втората варијанта е продажба на Постбанк.

„Мислам дека од Управниот одбор се очекуваат повеќе активности, односно, повеќе од продажба на Постбанк“, вели за ДВ банкарскиот експерт Ханс Петер Бургхоф од Универзитетот во Хохенхајм. Оттука, целта на новата стратегија мора да биде „да се изненади пазарот на капиталот, да се покаже: Видете, ние сме активни, ние нешто правиме“.

Штрајк во Постбанк

За 14.800 вработени во Постбанк многу нешта се во игра, особено затоа што преговорите за колективниот договор не напредуваат, па од понеделникот (20.04) се штрајкува. Синдикатот бара зголемување на платите за 5,5 проценти, но сѐ всушност се врти околу „трајната заштита од отказ“. Многу од вработените во Постбанк имаат статус на државни службеници и на тој начин се заштитени од отказ, па управата смета дека „трајната заштита од отказ“ би ја намалила цената на банката на пазарот. Потенцијални купувачи се Сантандер групата и БНП Париба од Франција. Големо прашање е и колкава цена може да се постигне за Постбанк. Дојче банк бара 6 милијарди евра - толку, колку што плати при купувањето, но проценките говорат дека најмногу може да добие 4 милијарди.

Доколку денеска биде отворена вратата за продажба на Постбанк, тоа би можел да биде знак за почеток на радикално намалување на концернот Дојче банк. Најголеми промени се очекуваат во областа на услугите за големиот број мали, обични корисници на банката. Се говори за затворање на 200 филијали на Дојче банк во Германија, што би можело да доведе до укинување на илјадници работни места. Ќе има промени и во инвестициското банкарство. Весникот „Велт ам Зонтаг“ пишува дека обемот на работење во тоа одделение би можел да се намали и за 200 милијарди евра. Ројтерс неодамна, од финансиски кругови, дозна дека Дојче банк сака да се прилагоди бидејќи големата распространетост и’ го тенчи капиталот.

За сето тоа Дојче банк засега не се изјаснува. Портпаролот на банката повтори дека резултатите од актуелната дебата за новата стратегија ќе бидат објавени пред крајот на јуни.