1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк повторно во бурни води

Инза Фреде/З. Јордановски31 март 2015

Со истрагата за банкарско манипулирање на референтната либор-камата сега е опфатена и Дојче банк. Водечката германска банка, инаку, токму расправа за фундаментално преструктуирање.

https://p.dw.com/p/1ExAw
Фотографија: Reuters/Ralph Orlowski

Финансиските надзорни власти ДФС од Њујорк повторно вниманието го насочуваат и кон Дојче банк. ДФС се вклучи во истрагата поради можни манипулации на референтната камата либор, извести весникот „Фајненшел Тајмс“. Странските банки посебно страхуваат од ДФС, оти во исклучителен случај таа институција може и да им ја одземе американската банкарска лиценца.

Либор е една од најважните референтни стапки за хипотеки и други кредити. Од таа камата зависат финансиски зделки со волумен од повеќе стотици билиони долари. Каматната стапка либор се утврдува еднаш во денот врз основа на наводи од банките за трошоците на рефинансирање.

Сомневање дека банките ги манипулирале девизните курсови

Надлежни власти ширум светот веќе со години истражуваат дали биле манипулирани меѓународните референтни камати како либор и еурибор, заради остварување добивки. Многубројни големи банки и брокерски куќи веќе платија високи казни. Против Дојче банк уште од поодамна истрага врши и американското министерство за финансии.

Во врска со скандалот за манипулирани девизни курсови, ДФС веќе инсталира свој надзорник во американската филијала на Дојче банк. Тој треба поточно да ги испита трговските практики на банката.

Во Дојче банк во тек е преструктуирање

Новата истрага ја погоди Дојче банк токму во време на сеопфатно преструктуирање со цел да се намалат трошоците. Во петокот (20. март 2015) банката им навести на инвеститорите и соработниците дека ќе следува нова рунда на штедење. Двајцата претседатели на Управниот одбор, Аншу Џаин и Јирген Фичен, во деловниот извештај за 2014 година нагласија дека засилено работат врз наредната фаза од нивната стратегија.

Во дебатата за стратегијата во фокусот е прашањето каква улога во иднина треба да игра Постбанк, која и’ припаѓа на Дојче банк. Тој дел од концернот страда под товарот на долготрајните ниски камати. Во петокот Надзорниот одбор три часа дискутирал за три можни сценарија, велат упатени за агенцијата Ројтерс. Според нив, во секој модел ќе страда бизнисот со приватни клиенти, а најмалку ако биде пренесен во сопствена банка за приватни клиенти, во која би била вклучена и Постбанк. Таа новосоздадена банка потоа во рок од две години, преку нејзино нотирање на берзата, би била целосно отцепена од концернот.

За овој модел сега наводно има најголема согласност во Надзорниот одбор, но решение уште не е донесено. Акционерите се надеваат дека работите ќе се разјаснат до главното собрание на 21 мај.

Алтернативни модели

Другите два модела предвидуваат или целосно интегрирање на Постбанк со радикална програма за штедење во одделот за приватни клиенти, или нејзина продажба. Во секој случај, според инсајдери, созраеало сознанието дека Дојче банк веќе не може да си го дозволи досегашниот модел на широко поставена универзална банка, поради премногу високите трошоци - работењето со филијали „голта“ многу пари.

Со евентуалното комплетно одвојување на бизнисот со приватни клиенти, покрај тоа, значително би се скратил и билансот. Тоа на Дојче банк би и’ помогнало да го подобри соодносот меѓу сопствениот капитал и билансната сума. Јирген Фичен неодамна тоа го означи како најголем предизвик за банката. Со новиот профил Дојче банк би се фокусирала врз инвестициони активности, управување со имотот и платен сообраќај на приватни клиенти од повисока категорија и на фирми.

Deutsche Bank Zentrale in Frankfurt am Main
Фотографија: Reuters

Интеграцијата на Постбанк напредува

Се чини дека моделот за целосно интегрирање на Постбанк во Дојче банк веќе придобива и конкретни форми. Со техничката интеграција на Постбанк треба да се постигне заштеда од 800 милиони евра годишно. Најдоцна до почетокот на 2017 година баката за приватни клиенти треба да биде подготвена за да стартува на берзата.

И натаму е отворено кои приватни клиенти треба да бидат „отсечени“. Но, во секој случај масовниот бизнис со обичните приватни клиенти ќе оди во новата банка, што би било како ново издание на Дојче банк 24 од 90-тите години на минатиот век; уште тогаш Дојче банк всушност сакаше да се фокусира врз побогати приватни клиенти, но се откажа.

Ќе се штеди и кај главниот бизнис

Главниот бизнис - инвестиционите активности, не се доведува под прашање, оти Дојче банк сака и натаму да остане глобален играч и да се носи со американските ривали, како што неодамна сигнализираше Аншу Џаин. Но, и тој оддел ќе мора исто така да биде подложен „на диета“. Веќе сега се загрозени многу филијали во странство, како во Јужна Кореја и Индија, Дојче банк сака и да го намали бизнисот со меѓубанкарско кредитирање. Прилагодувања треба да има и во трговските активности.

Многу европски големи банки веќе ги потскратија своите инвестициони активности или токму се во тек, како швајцарската банка УСБ и британската Берклис. Џаин меѓутоа шпекулира со тоа, дека ќе може да го искористи повлекувањето на ривалите, да го освои просторот што тие го ослободуваат и да го зголеми пазарниот удел. Тој, како што постојано вели, не сака теренот да им го препушти на американските ривали. Некои големи инвеститори, како Блекрок, кој управува со најголем имот во светот, во последно време сигнализираа подршка за тоа.