1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк меѓу сонот и јавето

Ролф Венкел/З. Јордановски29 јануари 2015

Дојче банк сака да биде вбројувана меѓу водечките во светот. Но, од годишниот биланс, што официјално требаше да биде објавен денеска (29.01.2015), произлегува дека нејзините аспирации и реалноста се во голем расчекор.

https://p.dw.com/p/1ESg1
Фотографија: Reuters

Кај Дојче банк се’ ќе биде поинаку - ова со месеци го шири во јавноста раководниот тандем на банката Јирген Фичен и Аншу Џаин. Но, вработените, акционерите и јавноста најрано дури во вториот квартал од годинава ќе дознаат што и како треба сето да биде поинаку, каква ќе биде идната стратегија на банката.

Дотогаш заповед е воздржаност - откажана е дури и за денеска во Франкфурт најавената традиционална прес-конференција за претставување на билансот. Наместо тоа, има само привремени податоци, кои, според предвидувањата, ќе бидат многу посни. Експерти претпоставуваат дека Дојче банк во последниот квартал лани дури работела со загуби, според некои и до 180 милиони евра.

Јасно е дека слабата конјунктура, минималните камати и острите прописи на регулаторите им предизвикуваат тешкотии на банките. Но, кај Дојче банк е нужен покритички поглед, оти таа има аспирации да биде вбројувана меѓу водечките банки во светот. Кој има такви амбиции, не смее да се дозволи никакви слабости.

Непредвидливи ризици

А кај Дојче банк имаше и има доволно слабости. Речиси не може да се пресмета колку пари мораа Џаин и Фичен да издвојат за правни спорови. Само за аферата со манипулираните либор-камати досега на Комисијата на ЕУ и’ е платена казна од 725 милиони евра. Но, таа сума би можела да биде повеќекратно зголемена, оти за истиот скандал истрага водат и властите во САД и Велика Британија.

Frankfurter Börse
Фотографија: REUTERS/Pawel Kopczynski

Амбициите и реалноста се во голем расчекор, оти американските ривали се многу понапред. Така, водечката во браншата, банката Џеј-Пи Морган Чејс лани покажа рекордна нето-добивка од 22 милијарди долари. Аналитичарите проценуваат дека Дојче банк за целата година ќе оствари профит од една милијарда евра.

Инвестментот глобално назадува

Освен тоа, најновите податоци од американските банки укажуваат дека Дојче банк не може веќе слепо да се потпира врз нејзиниот основен бизнис - инвестментот. Кон крајот на годината не дојде до трајно заживување токму во нејзиниот домен - трговија со обврзници; напротив, речиси сите големи банки во последно време бележат опаѓање на приходите од зделките со хартии од вредност со фиксни камати, како и од бизнисите со девизи и суровини. Зошто тука Дојче банк би била исклучок?

Џаин и Фичен, кои кога стапуваа на долност уште зборуваа за некоја нова етика и сакаа да го поправат имиџот на финансиски жонглери, сега мораат да размислат како и во која форма ќе може банката повторно да се пробие во водечката група во светот на банките. Идеи треба да понуди Штефан Краузе, во Управниот одбор надлежен за стратегија, најдоцна до главното собрание на акционерите во мај.

Во врска со тоа се вели дека нема табуа ниту ограничувања во размислувањата, што, пак, доведе до значително вознемирување кај вработените. Ќе биде ли сепак повторно продадена Постбанк? Или дури и целиот бизнис со приватни клиенти? Ќе биде ли отфрлен принципот на универзална банка и Дојче банк ќе мутира во чисто инвестициона банка? Тоа секако би било можно. Универзална банка со широко поставени дејности навистина се смета за вистински отпорна на кризи, но тој деловен модел станува се’ поскап откако регулаторите ширум светот ги заострија обврските за капиталот.

Großbritannien Deutschland Banken Deutsche Bank Logo Mann mit Regenschirm in London
Фотографија: Reuters/L. MacGregor

Сепак ќе остане универзална банка?

И покрај тоа, Аншу Џаин изгледа веќе се определи. „Ние спаѓаме во еден вид кој во Европа е загрозен од изумирање“, се шегуваше тој на еден банкарски собир минатиот септември. Откако швајцарските и британските банки се повлекоа од поедини сегменти, сега малку банки опстојуваат на сите полиња на бизнисот со кредити и пазар на капитал. „Ние сме големи, комплексни и глобални во време во кое сите претпочитаат мало, едноставно и регионално“, рече Џаин.

Сепак стопанството не може без универзални банки, аргументираше Џаин. Според него, токму за претпријатија кои дејствуваа интернационално би било неповолно ако веќе не би имало банка, која во многубројни земји би можела да понуди се’ од една рака. Затоа, негово кредо е дека покрај регионални и специјални банки, Европа има потреба и од една универзална банка како неговата. На неодамнешниот Светски економски форум во Давос тој нагласи: „Ние станавме глобална мулти-продукт банка, оти клиентите токму тоа го сакаа“.

Критичарите му префрлуваат на челниот тандем дека Дојче банк е премала за да дејствува како универзална и дека нема доволно персонални ресурси. И тука амбициите и реалноста многу се разијдуваат. Тоа се гледа кога ќе се спореди берзанската вредност на големите универзални банки. На чело е Џеј-Пи Морган Чејс со вредност од околу 170 милијарди евра. А за Дојче банк да дојде барем во близина на тој врвен регион, вредноста на нејзините акции би морала да е најмалку четири пати повисока, оти сега вкупно изнесува околу 35 милијарди евра.