1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојдени за да се тепаат!

Фолкер Вагенер/ Превод: Жана Ацеска 27 октомври 2014

Германските хулигани сакаат да ја спасат земјата од исламистите. Токму оние кои обично меѓусебно се тепаат, сега имаат заеднички непријател. Не знаеме што не‘ очекува, стравува Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1Dcob
Фотографија: Reuters/Wolfgang Rattay

Каква ѓаволска идеја - токму германската фудбалска сцена да ја впрегне за своја цел! Про НРВ, десничарски ориентирана, само регионално активна мала партија, која не случајно се наоѓа под будното око на Покраинската служба за заштита на уставниот поредок на Северна Рајна Вестфалија, ја намами ноторно на насилство подготвената хулиганска сцена со евтин трик. Бунт против салафистите, фронт против исламистите! Кој не би сакал со задоволство да учествува? Но, не заедно со екстремистите!
Хулиганите - проблем на стадионите, а сега и на улиците
Хулиганите досега беснееја во и околу стадионите, но и на интернет. Сега тие и без фудбал се собираат во центрите на градовите. Тие го користат општото огорчување поради варварската бруталност на исламистите во Сирија и во Ирак, но и во Нигерија, за да се претстават како наводно добри луѓе во борба против салафистите и Исламска држава. Во заедничка спрега, така да се рече, со десничарските партии, кои го согледаа насилничкиот потенцијал и латентниот расизам во ова милје.
Полицајците специјализирани за справување со агресивните навивачки групи точно ја познаваат социолошката структура на хулиганите. Истата формула која важи за исламистите регрутирани во Германија - млад, машки пол, муслиман, без перспектива - одговара како дефиниција и за хулиганската сцена, мора само да биде пречкртана одредницата „муслиман“.
Не само „бричени глави“, туку и „татини синови“
Со години полицајците специјализирани за справување со хулиганите се конфронтирани со нов, застрашувачки феномен во таа сцена. Агресијата во стадионите не ја внесуваат само тетовираните со избричени глави и со проблеми со алкохолот, туку се‘ позачестено тоа го прават од здодевност „татини синчиња“ од елитните квартови во големите градови. Емоционално запуштени пубертетлии од подобростоечките граѓански слоеви, често со повисок степен на образование, кои сметаат дека е „кул“ да предизвикуваат провокации во општеството. Некои се од понеделник до петок адаптирани кариеристи на работните места, а во сабота одат да се „испразнат“. Здружувањето на оние од необразованите слоеви со разгалените млади кариеристи е опасна коалиција. Општествено погледано, тоа е поголема и наткласна група. Тука вирее расизам, камуфлиран со антисалафистичка критика.
Мораме да внимаваме тоа да не се прошири во навивачките маси во германските стадиони. Преку нашата национална репрезентација и преку нашата Бундеслига, си изборивме фантастичен углед во светски рамки, за што придонесе сигурно и добрата атмосфера во германските фудбалски храмови. Би било самоуништувачки, ако на пример Франк Рибери од Бајерн Минхен би требало да го ставиме под заштита со телохранители, зашто тој непосредно пред почетокот на натпреварот се моли како муслиман-верник, пред очите на сите.
Релаксирано, но по потреба и енергично
Новиот квалитет на расизмот во хулиганското милје значи промена на арената. Хулиганите излегуваат од стадионите и бараат конфронтација со државната сила во градските центри. Прво беше Дортмунд, сега Келн, а каде ќе е утре?
Размерите на вчерашното насилство во Келн се заплашувачки, но истовремено и демаскирачки. Салафисти немаше никаде на повидок, па самонаречените спасители на Германија својата агресија ја истурија врз полицијата. Ним воопшто и не им е битен политичкиот противник, туку само насилството. А државните органи кај хулиганите не уживаат никаква почит. Тука нема никаква шанса за деескалација, тука игра само силата на законот.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW