1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Доста со копирање на американската монетарна политика“

Бартош Дудек/ Жана Ацеска19 октомври 2014

Лешек Балцерович се смета за татко на „полското економско чудо“. Во интервју за Дојче веле тој ја критикува политиката на „евтини пари“ во Европа и млаката реакција на Западот на постапките на Владимир Путин.

https://p.dw.com/p/1DYN4
Фотографија: Fotolia/alexandro900

Дојче веле: Професоре Балцерович, дали помина кризата во Европа?

Лешек Балцерович: Не станува збор за криза во Европа, туку за криза во некои европски земји и тоа во оние со лоша економска политика. Ако во една земја се води лоша стопанска политика, за другите земји тоа не е никаков голем проблем. Иако во рамките на спасувачките мерки за Грција беа вложени големи пари во Грција, таа е релативно мала земја во споредба со Франција или Италија. Освен тоа, за одделни европски држави и нивните проблеми нема европски решенија. Во секоја од нив треба да има доволно луѓе кои ќе најдат и спроведат соодветни решенија. Французите мора сами да си ги решат проблемите, исто како и Италијанците или Полјаците. Сакам да го истакнам притоа значењето на цивилното општество, затоа моментно се ангажирам во Полска на ова поле.

Како претседател на Полската национална банка извесно време поминавте во Надзорниот одбор на Европската централна банка. Како ја оценувате нејзината актуелна политика?

Не сум приврзеник на долгорочно зголемување на паричната маса. Мислам дека стигнавме на точка кога тоа предизвикува повеќе штета отколку корист. Освен тоа, време е да се прекине со имитирање на политиката на ФЕД (Федералните резерви, Централната банка на САД, н.з.).

Какви економски последици може да има руско-украинскиот конфликт за Европа?

Поважни се геополитичките консеквенци. Не постои одговор без ризик на она што го направи Владимир Путин. Посебен ризик е содржан во предологот чекање на санкции или реакции, кои се преслаби: тоа е покана за натамошни агресии. Големите држави од Западот требаше да направат нешто повеќе отколку досега за јасно да покажат-агресијата не се исплаќа.

Пред 25 години Вашиот реформски план од Полска, руинирана поради комунистичката неуспешна економија, направи пример за многу земји во централна, источна, па и јужна Европа. Која е причината што Полска уште е стопански првенец, додека останатите, кои ја имаа за пример, како Бугарија и Романија, имаат масивни проблеми?

Leszek Balcerowicz
Лешек БалцеровичФотографија: AP

Ситуацијата е подиференцирана, некои земји направија уште порадикални реформи, на пример Естонија. Некои земји требаше многу да достигнат, како Словачка, која поранешниот премиер Микулас Џуринда во рок од осум години уште поопсежно ја реформираше отколку што тоа беше случај во Полска. Генерално може да се каже дека во секоја земја многу може да се направи ако се најде група компетентни личности, со политичка поддршка и знаење што да се прави. Се разбира, Полска беше прва земја која го проби патот на реформите, а тој се потврди. Сепак, има и други држави на кои вреди да се фрли поглед.

Малку е изненадувачки што Вие како еден од водечките европски економисти формиравте фондација за поддршка на цивилното општество и се ангажирате во тој поглед.

Дали и колку една земја ќе се развива економски, зависи од тоа колку луѓе ќе внимаваат на политичарите за тие да не изигруваат Дедо Мразовци и да не им потклекнуваат на моќните лоби-групи. Во секоја земја во светот постојат премалку вака амгажирани граѓани, а премногу групи кои вршат притисок врз политичарите. Се обидувам да ја намалам оваа диспропорција.

Лешек Балцерович е полски економски научник и либерален политичар. Како министер за финансии на владата на „Солидарност“ на Тадеуш Мазовјецки, Јан Билецки и Јержи Бузек, тој во 1989 година во Полска спроведе радикален реформски план, познат по неговото име. Со тоа тој ја престрои социјалистичката централно планирана економија во пазарно стопанство. Од 2001 до 2007 година тој беше претседател на Полската национална банка.