1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промените во кошарката како неминовност

Златко Калински30 март 2015

Марин Докузовски е едно од највлијателните имиња во македонската кошарка. После три години работа надвор , тој се врати во Македонија и петти пат седна на клупата на Работнички.

https://p.dw.com/p/1ExE1
Фотографија: DW/Zlatko Kalinski

Враќањето на Марин Докузовски во македонската кошарка беше проследено со контроверзи.Со шестмесечна суспензија, како последица на незавршеното дерби против МЗТ Скопје, но и со сјајот на освоениот пехар во Купот на Македонија.Докузовски го објаснува специфичниот момент во кој се наоѓа:

„Сега, после неколку месеци од немилиот настан останува истото чувство дека без никаква вина го извлеков најдебелиот крај, затоа што нема тренер на овој свет, кој при водство од 16 кошеви разлика на својот тим на 13 минути пред крајот би ја повлекол екипата од теренот. Но, пропозициите се такви какви што се, без службен претставник на клубот, вината за пропустите во организацијата на мечот се префрлаат врз тренерот. Јас работам со екипата, но не можам да ја водам од клупата! Ваквото функционирање ми паѓа многу тешко, понекогаш размислувам да си заминам одново во странство. Сепак, дојде и првиот среќен момент. Работнички победи во Купот и врати една титула во своите витрини.“

Нов, квалитетен тим како приоритет

Работнички во подолг период резултатски заостанува зад МЗТ Скопје. Излегувањето од сенката на вечниот градски ривал беше со собирањето на „старата“ играчка гарда, ветераните Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски. Докузовски има објаснување за овој потег на клубот:

„Во моментов во кој се наоѓа Работнички титулите не се приоритет. Првата задача е да создадеме перспективен и квалитетен тим. Врз плеќите на ветерани со ангажирањето на такви кошаркарски имиња како што се Гечевски и Чековски. Тие се одлични играчи,а нивниот квалитет и искуство неминовно ќе привлече талентирани играчи, кои ќе сакаат да играат покрај таквите величини.“

Отсуство на сопствен играчки кадар е проблемот на Работнички?

„Тоа е точно! Состојба, која ни малку не ми се допаѓа. Некогаш Работнички и МЗТ Скопје беа школите од кои излегуваа најдобрите македонски кошаркари. Денес нештата се поинакви. Со години и од салата во Паркот и од Аеродром, не излегол добар кошаркар, што не е добро. Јас ќе се залагам да ја обновиме некогашната школа на Работнички, бидејќи кошарката е популарна кај децата, таленти има, но треба на вистински начин да ги привлечеме.“

Lazar Lecic
Марин Докузовски и Лазар ЛечиќФотографија: Petr Stojanovski

Многу просечни странци, малку талентирани Македонци

Играчи од странство, главно од соседството со просечен квалитет ја заплискуваат македонската лига. Според Докузовски присуството на странците мора да биде ограничено:

„За мене тоа е голема грешка.Во која и да било земја во Европа клубот може да ангажира и десетмина странци, но за време на натпреварите во игра мора во секое време да има најмалку двајца домашни кошаркари.Само кај нас се случува и во едната и во другата екипа во ист момент да играат по петмина странци!Се прашувам, како на тој начин можеме да ја развиваме кошарката? И како можеме да правиме квалитетна реперезентација? Мислам дека тоа е многу погрешна политика. Или да ги поставиме работите малку поинаку:еден тим нека ангажира и осум странци, но двојно нека се зголеми цената на нивно лиценцирање и тие средства нека одат во фонд за развој на млади кошаркари.Јас разбирам дека, на пример МЗТ Скопје игра во Јадранската лига, тоа е од интерес и на македонската кошарка и му се потребни странци, но за нашето првенство треба да се има поинаква регулатива.“

Учеството на ЕП е голем успех

Изминува 4-та година од успехот во Литванија кога Македонија предводена од Докузовски беше 4-та во Европа.Од тогаш се сменија тројца селектори, Македонија остана да игра на европските првенства, но со далеку послаби резултати. Која според Докузовски е реалноста во однос на претстојното Европско првенство?

„Смената на генерации е неминовна и потребна. Но, од тимот во Литванија во 2011-та, во однос на играчи, стручен штаб, лекарски тим скоро никој не остана! Мислам дека сето тоа брзо и драстично се промени.Оттаму, сметам дека учеството на годинешното Европско првенство за Македонија е голем успех. На рака ни одеше и составот на групата, која беше меѓу полесните,но ќе повторам успешно завршените квалификации со тим од корен сменет е за поздравување. Но сега не смее да се создава еуфорична атмосфера. Треба да се претставиме во добро светло, но мораме да бидеме свесни дека едно се квалификации,а сосема нешто друго е Европското првенство.“

Во тек е иницијативата за промена на раководството во Кошаркарската федерација на Македонија. Поголем број од македонските клубови изразуваат незадоволство од работењето. Докузовски има свој став:

Marin Dokuzovski
Во времето додека ја водеше македонската репрезентацијаФотографија: MAKFAX

„Мислам дека сево ова е малку и задоцнето. Своевремено упатив свои критики на начинот на кој се води нашата кошарка. На моите критиките уследи „противнапад“ од КФМ. Останав осамен, без поддршка ниту од клубовите, ниту од медиумите и морав да се повлечам.Се покажа дека се е менливо во нашата кошарка, освен раководството кое десет години е незаменливо. Не сум јас тој кој оценува дали се работело добро или не, но мислам дека после толку време треба да дојдат нови луѓе со нови идеи и амбиции...Е сега, прашање е: дали е ова вистинскиот момент за промени? Секогаш има време за да се направат промените.“

Ако дојде до промена на раководството на КФМ, дали Докузовски се гледа во тимот со кој би раководеле Петар Наумовски и Заре Марковски?

„Имам одлични односи и со Петар Наумовски и со Заре Марковски. Со Заре сме блиски од деца, бевме школски другари, на Пеце му бев тренер во репрезентацијата и сеуште сме во добри односи. За мене лично, ќе биде добро ако на овие двајца им биде доверена обврската да ја водат кошарката. Тоа се афирмирани имиња во европски рамки со капацитет да ја унапредат македонската кошарка. Ако, дојдат на чело и сметаат на моја помош, би прифатил обврска, која би била од интерес.“

Кога би бил во позиција да одлучува, кои би биле првите чекори во унапредување на мак-баскетот?

„Прво би го укинал присуството на шестмина странци во клубовите. Тоа е наша катастрофа. Ниту еден од нашите клубови нема финансиски капацитет да издржува толкав број на квалитетни странски играчи!Затоа ни се провлекуваат „половични“ странци без потребен квалитет. Вториот чекор би бил многу поголемо инвестирање во младинските категории, бидејќи Македонија на репрезентативен план може да оствари подобри резултати одошто на клупски. Знаеме дека, има многу финансиски моќни клубови со огромни буџети и тешко се доаѓа до трофеи. Затоа шансата за меѓународен успех би ја барал низ репрезентативните селекции.“- вели Марин Докузовски во интервјуто за Дојче веле.