1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за слободна трговија меѓу желбите и можностите

Хендрик Кафзак / Зоран Јордановски23 април 2015

Критичарите на спогодбата за слободна трговија (ТТИП) на ЕУ со САД долго време имаа поповолна позиција. Сега конечно мора да се „сврти листот“.

https://p.dw.com/p/1FCXD
Фотографија: imago/C. Ohde

Никогаш досега преговори за договор за слободна трговија што го водела ЕУ не предизвикаа толку голем одѕив, колку тековните со САД, што се водат од пред околу една година. Приврзаниците на тој договор (ТТИП) - од германскиот канцелар Ангела Меркел, преку Комисијата на ЕУ, до претставниците на стопанството - долго време не сакаа да ја регистрираат негативната клима во јавноста. Меркел како да ја снема, Карел де Хухт, до есента 2014. надлежен еврокомесар, реагираше дрско на секоја критика, а стопанството се придржуваше кон паролата - да се издржи. Приврзаниците полека повторно го креваат гласот, додека во Њујорк се одвива веќе деветтата рунда од преговорите.

Една од причините за беспомошноста на приврзаниците на ТТИП е дека протестите не се одвиваа според мострата што порано ја идентификува некогашниот генерален директор на Светската трговска организација Паскал Лами - дека кај сите договори за слободна трговија оние малкумина губитници (што би останале без работни места) врескаат, додека потенцијалните добитници, на пример извозната индустрија и потрошувачите, на тоа не можат ништо да му спротивстават, оти предностите за нив безусловно се само надежни вредности.

Протестот против ТТИП е подифузен. Досега и на приврзаниците, како и критичарите, им е подеднакво тешко да објаснат зошто планираната спогодба овде, во Германија, предизвика толкава енергија. Некои претпоставуваат дека е во прашање индиректен антиамериканизам. Други аргументираат со стравот од глобализацијата и со неа поврзаното губење на контролата. Трети, пак, отпорот му го припишуваат на фактот дека на (некои од) Германците им оди премногу добро, па ги затвораат очите пред предизвиците на светот.

TTIP Protest Augsburg
Протестот против ТТИп е дифузенФотографија: picture-alliance/dpa/Stefan Puchner

Можеби сите имаат право. Факт е дека Германците, но и други Европејци, имаат страв од последиците од договорот и имаат чувство дека нивниот страв не е сериозно сфатен. Факт е и дека приврзаниците, со долгото молчење, им го препуштија на критичарите главниот збор во толкувањето на разговорите. Јавната дебата не се врти околу шансите што со меѓусебното отворање на пазарите се укажуваат токму за една извозно ориентирана земја како Германија. Таа не се врти ни околу тоа, дека на ЕУ и’ се потребни САД како партнер, за да може да стави акценти во конкуренција со сили во подем како Кина - токму кога станува збор за еколошки и социјални стандарди. И, таа посебно не се врти околу геополитичкото значење на спогодбата.

Наместо тоа, граѓаните се бунат поради недоволната транспарентност на разговорите, како и поради посебната позиција што им ја создава спогодбата на концерните - покрај другото, и со можноста за пресудување во спорови од приватни судови. Обата прекора не можат туку-така да се отфрлат. На денешно време не е доволно да се агитира за спогодба како ТТИП со шарени брошури. Граѓаните сакаат да имаат шанса да добијат впечаток за преговорите, иако резултатот прво ќе мора да го контролираат владите и парламентите. Тоа не значи дека секој чекор мора да биде транспарентен, преговори така не функционираат никаде. Но, ќе беше мудро државите и Комисијата на ЕУ да не искажеа подготвеност за објавување на важните документи дури по повеќемесечен притисок од јавноста.

Приврзаниците исто така пропуштија навремено да вршат притисок за реформа на заштитата на инвеститорите. Внесувањето на заштитата во такви спогодби е легитимно, но постоечкиот систем има дефицити. Нив би можеле да ги искористат концерните за да влијаат врз законодавството на државите. Но, дефицитите можат да се отстранат. Еврокомесарот за трговија Сесилија Малмстром на почетокот на мај ќе поднесе конкретни предлози.

Меркел, Малмстром и стопанството сега мора да сторат се’, за да го преземат главниот збор во толкувањето, кога е во прашање ТТИП. За спогодбата првенствено би морало да агитира стопанството. Има многу примери за скапи и од потрошувачки и еколошки агол ненужни трговски пречки. Може да звучи банално кога индустријата се жали поради двојни тестови за безбедност на медицински производи или за запалливост на кошули, или поради различни правила за трепкачи и надворешни ретровизори. Но, на тој начин настануваат повисоки трошоци, кои индустријата - а со тоа и потрошувачите - би можеле да ги заштедат. Предностите можеби никој не може да ги изрази во точни бројки, но тие се сепак неспорни.

Cecilia Malmstrom, Europäische Kommission
Сесилија Малмстром (д.) ќе поднесе предлози на почетокот на мајФотографија: EU

Малмстром мора и натаму да врши притисок за транспарентност и да ги отстрани недоразбирањата дека не се закануваат намалувања кај социјалните и еколошките стандарди, доколку тие во Европа воопшто се повисоки отколку во САД. Но, во прв ред германскиот канцелар Ангела Меркел сега е повикана да ја пополни празнината што овде ја отвора министерот за стопанство Зигмар Габриел поради интерните отпори во СПД (Социјалдемократската партија, н.з.) и ТТИП да го прогласи за нејзин личен политички проект. Има доволно време за јавноста позитивно да се насочи. Разговорите тешко дека ќе завршат до крајот на годинава, како што беше планирано. Тогаш спогодбата за слободна трговија, наместо најоспорувана, ќе биде најприфатена.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема