1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискриминација на Хрватите во Србија?

Динко Грухоњиќ / Александар Методијев30 септември 2014

Последните денови во Србија се крена голема врева за Буњевци. Најмногу се расправа за прашањето на идентитетот на оваа група. За што станува збор - искрено залагање за правата на малцинствата или предизборни игри?

https://p.dw.com/p/1DNG2
Фотографија: DW/D. Gruhonjic

Претседателот на Србија Томислав Николиќ на почетокот на школската година ги разбранува политичко-идентитетските страсти, подарувајќи им кирилични учебници на буњевските деца, а деновиве изби нова „афера“, кога градоначалникот на Суботица Јене Маглаи му забрани на Заводот за култура на војводинските Хрвати да одржи собир за идентитетот на Буњевците. По одбивањето на барањето за одржување собир во собранието на градот, по вторпат во краток временски период се актуелизира прашањето за положбата и идентитетот на Хрватите и Буњевците во Србија.

Претседателот на „Хрватскиот национален совет“ со седиште во Суботица, Славен Бачиќ, најави дека ќе се жали во Брисел поради дискриминацијата на тоа национално малцинство и предупреди дека Србија во идентитетските спорови на релација меѓу Хрватите и Буњевците мора да остане неутрална, а не да застане на која било страна.

„Буњевското прашање покрена фаворизирање на една и дискриминација на друга национална заедница“, оцени Бачиќ за Дојче веле и објасни дека забранетиот собир не бил организиран за да се политизира буњевското прашање, туку на стручен и научен начин да се расправа за него. Собирот на крајот сепак беше одржан, но во простории на Суботичкатата бискупија. Организаторот, а воедно и директор на Заводот за култура на војводинските Хрвати, Томислав Жигманов, исто така го обвини градоначалникот Маглаи дека ја дискриминира таа национална заедница. „Со својата изјава градоначалникот ја суспендираше плуралноста на мислењето и слободата на говор, кои се белег на демократските општества кон кои Србија наводно тежнее“, рече Жигманов во изјава за Дојче веле.

Vojvodina kroatische Minderheit Slaven Bacic
Славен БачиќФотографија: DW

Буњевците се Буњевци

Градоначалникот Маглаи за Дојче веле рече дека останува на својата изјава дека не дозволува во собранието на градот да се одржуваат собири на кои се „пребројуваат националните крвни зрнца“ на граѓаните на Суботица.

„Нема да дозволам во Суботица да се создава раздор, да се прават спорови, бидејќи нам ни треба меѓунационално разбирање и градење партнерски односи, а не враќање во минатото“, вели Маглаи, додавајќи дека нема да дозволи одржување и на други слични политички собири. Прашан за коментар дека случајот како кршење на правата на Хрватите ќе биде пријавен во ЕУ, Маглаи кратко одговори: „Слободно нека пријават“.

Постојаното присвојување на Буњевците ја лути претседателката на Привремениот орган на „Буњевскиот национален совет“ Сузана Кујунџиќ Остојиќ. „Пред се’, Буњевците не се Хрвати, а не се ни Срби. Ние тоа не сме биле со векови, па нема причина зошто би биле сега. Нам подеднакво ни беше тешко за опстанок сега како и во претходните 300 години - ова не е ништо ново. Секако дека е непријатно кога некој друг ви го толкува потеклото“, порача Сузана Кујунџиќ Остојиќ.

Vorsitzende des Verein der Bunjewatzen Suzana Kujundzic
Сузана Кујунџиќ ОстојиќФотографија: Verein der Bunjewatzen

Учебниците од Николиќ предизвикаа негодувања

На почетокот на школската година претседателот на Србија, Томислав Николиќ, му подари учебници на „Буњевскиот национален совет“, кои се наменети за учениците во основните училишта, што исто така предизвика меѓуетнички полемики бидејќи книгите во еден дел беа на кирилица. Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ рече дека Николиќ демонстрира континуитет на политиката чија крајна цел е асимилација на Хрватите во Србија. Николиќ на тоа одговори дека Буњевците не се ни Срби, ниту Хрвати, туку имаат право да се изјаснуваат како што се чувствуваат. Потоа, по истиот повод, потпретседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент Андреј Пленковиќ побара заштита на правата на Хрватите во Србија.

Сузана Кујунџиќ Остојиќ вели дека не гледа никаков проблем во гестот на Николиќ и дека Србија денес има претседател кој ги признава Буњевците, за разлика од претходниот претседател Борис Тадиќ, кој ги негирал.

Буњевците се меѓусебно разделени

Работите не стојат најдобро во самиот идетитетски корпус на Буњевците. Тоа се виде и минатата година, кога нивниот национален совет беше блокиран повеќе од шест месеци, по што Министерството за правда донесе одлука за формирање Привремен орган, кој управува со тоа тело. Примери има и од порано. Во цели семејства едни се изјаснуваат како Буњевци, а други како Хрвати.

Serbien - Präsident Tomislav Nikolic und der kroatische Präsident Ivo Josipovic
Томислав Николиќ и Иво ЈосиповиќФотографија: picture-alliance/dpa

Паѓа во очи дека ваквите жешки национални прашања секогаш се покренуваат во предизборно време. На 26 октомври се закажани избори за малцинските национални совети. Се забележува дека во Хрватска веќе на големо почна кампањата за претседателските избори. Во самата Србија, иако други избори засега нема на повидок, одамна е познато дека политичарите ги мерат своите потези според растот или падот на рејтингот. Па, така овој спор оди во насока на зацврстување на поединечни политички позиции.