1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десните екстремисти посакуваат нови немири

Петер Хиле/Б. Георгиевски30 октомври 2014

Дали радикалната сцена во Германија зема замав по последните протести во Келн на десните екстремисти? Коалицијата на фудбалските хулигани и екстремисти може да создаде проблеми, смета експертот Фабијан Вирхо.

https://p.dw.com/p/1DeGp
Фотографија: Reuters/Wolfgang Rattay

ДВ: Демонстрациите на околу 5.000 десничарски екстремисти и хулигани во Келн го разбуди стравот дека е можен нов бран десничарски екстремизам во Германија. Дали десните радикали се во нов замав?

Вирхо: Десничарските групи ги прославија овие настани како голем успех на нивните Фејсбук страници и блогови. Тие ги контролираа улиците на Келн, а тоа не се случило веќе подолго време. Повеќето слични маршеви досега беа блокирани или беа следени од огромно полициско присуство. Но, овојпат илјадници можеа да маршираат низ Келн без ограничувања, некои од нив напаѓаа и други луѓе и новинари. Од нивен аспект, ова е голем успех.

Сметате ли дека протестите во Келн ќе привлечат нови симпатизери на радикалната десница?

Апсолутно. Оние кои не учествуваа ќе сакаат да бидат дел од следните немири. Тие сакаат да го повторат она што се случуваше во Келн, или дури и да го надминат. На маршевите во изминатите 10-15 години, десните екстремисти се обидуваа да го сведат насилството на минимум, за да не им биде забранет маршот. Но фудбалските хулигани и неонацистите во Келн не ја следеа таа тактика. Тие провоцираа судир.

Fabian Virchow
Фабијан ВирхоФотографија: picture-alliance/dpa/O.Killig

Колку се опасни овие групи, или постои ли опасност од нов бран десничарски тероризам?

Не мислам дека оваа сцена планира систематски напади како што беше случајот со терористите од радикалната НСУ. Она што го гледаме е главно сурово улично насилство. И во оваа сцена сметаат дека Келн беше само почеток и дека ќе следува далеку повеќе. Тие во моментов дискутираат како да продолжат.

Дали тие формираат нови коалиции додека ги планираат следните маршеви?

Се работи за разновидна сцена. Во Келн видовме расистички фудбалски хулигани, неонацисти и членови на деснорадикални партии. Доколку оваа коалиција се покаже како цврста ќе си имаме работа со нова десничарска мрежа.

Köln Deutschland Hooligans Rechtsradikale Neo Nazis Salafismus Demonstration 26.10.
Фотографија: Reuters/Wolfgang Rattay

Како треба да реагираат германските власти по најавите за планирани нови маршеви во Берлин и Хамбург на овие групи?

Прво, овој феномен мора да се сфати сериозно, посериозно отколку пред да се случи Келн. Беше видливо дека полицијата не беше доволно подготвена. И многу полицајци настрадаа поради неподготвеноста. А потоа, треба да се разговара за тоа да се забрануваат маршеви чија единствена цел е да се шири насилство по улиците.

Доктор Фабијан Вирхо е професор на Универзитетот во Диселдорф. Тој ја предводи групата за истражување на десничарскиот екстремизам и нацизам.