1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрации во Чиле за образовни реформи

АТ/ епд/ртре/дпа/ард22 август 2014

На протестите за образовната реформа во главниот град на Чиле, Сантјаго, дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите. Тие бараат подобри училишта и поедноставен пристап до факултетите.

https://p.dw.com/p/1Cz5M
Фотографија: Reuters

Десетици илјади ученици, студенти и наставници во Чиле демонстрираа барајќи право за соодлучување при планираните реформи во образовниот систем. Студентите исто така се жалат дека јавните училишта се лоши, а приватните универзитети прескапи. Студирањето во Чиле не само што е многу скапо, туку на државните универзитети има и екстремно малку места.

Најголемиот собир се одржа во главниот град Сантијаго, каде според полицијата учествувале 25.000 луѓе, додека организаторите говорат за 80.000 поддржувачи на иницијативата.

На протестите дојде и до судири на дел од демонстрантите со полицијата. Тие гаѓаа со камења врз чуварите на редот, додека полицијата одговори со солзавец и водени топови. Во центарот на главниот град дојде и до масовно попречување на сообраќајот. Засега нема податоци за повредени или уапсени лица.

Демонстрации имаше и во другите поголеми градови во земјата.

Во јужноамериканската земја во изминатите недели постојано се одржуваа демонстрации на кои незадоволните граѓани протестираат против бавното спроведување на реформите во образовниот сектор.

Претседателката од редовите на социјалистите Мишел Бачелет во мај годинава до парламетот достави предлог закон, кој меѓу другото предвидува бесплатни студии. Населението меѓутоа стравува дека десничарската опозиција во парламентот сака да ја спречи оваа реформа.