1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делумни победи за Хамас и Палестинците во институциите на ЕУ

Б. Ригерт/Б. Георгиевски/афп/ртр17 декември 2014

Европскиот суд одлучи дека организацијата Хамас треба да се тргне од таканаречената „црна листа“ на ЕУ. Европскиот парламент, „во принцип“ ја поддржа независноста на Палестина.

https://p.dw.com/p/1E6Kn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Адвокатката на палестинската организација Хамас, Лилиане Глок, изрази задоволство по одлуката на Европскиот суд на правдата во Луксембург: „Секоја одлука од 2001 година наваму, која предвидуваше рестриктивни мерки, вклучително и против военото крило, е анулирана. Сметам дека оваа пресуда му покажува на целиот свет дека Хамас постои и дека е легален“.

Во пресудата, Судот наведува дека не одлучувал за статусот на Хамас како терористичка организација, туку на процедурално и техничко ниво за негово симнување од таканаречената „црна листа“ на терористички организации на ЕУ. „Материјално-правната одлука за прашањето дали Хамас е терористичка организација, не беше разгледувано“, соопштија судиите. За судот беше спорно тоа што одлуката на ЕУ да го стави Хамас на „црната листа“ не била образложена со факти и истрага, туку врз основа на заклучоци добиени од медиумите и од интернет.

Поддршка за палестинска држава

Неколку часа по одлуката на судот, Европскиот парламент во Стразбур гласаше за поддршка на независноста на палестинската држава. Парламентот даде „принципиелна“ поддршка за независна палестинска држава, но ја услови со продолжување на мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците.

На компромисниот текст, кој беше изработен по долги преговори меѓу пратеничките групи во парламентот, поддршка му дадоа 498 пратеници, а 88 беа „против“. Некои политички групи во парламентот бараа и посилна поддршка за Палестинците, застапувајќи се за безусловно признавање на Палестинската држава. Иако парламентот не може да ги принуди земјите-членки на ЕУ да ја признаат Палестина, исходот од гласањето има големо симболично значење.

Palästinenserpräsident Mahmud Abbas
Палестинскиот претседател Махмуд АбасФотографија: Reuters

ЕУ ќе се жали на пресудата

Сепак, во Европа и во светот далеку поголемо внимание предизвика одлуката на судот на ЕУ. Прва реагираше Европската комисија која соопшти дека „и натаму го смета Хамас за терористичка организација“ и дека планира да се жали на пресудата. „Ние ја почитуваме одлуката, но исто така знаеме дека во случајов станува збор за процедурално прашање. Нема политичка одлука за менување на статусот на Хамас. Ние остануваме на правилото кое досега го применуваше преговарачкиот квартет на Блискиот исток“, изјави Маја Коцијанчиќ, портпаролка на ЕУ-комесарот за надворешна политика.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од Европската Унија веднаш да го врати Хамас на листата „затоа што секој знае дека Хамас е злосторничка организација која се залага за уништување на Израел“.

Санкциите на ЕУ кон Хамас, кои вклучуваат замрзнување на сметките и фондовите на организацијата, остануваат во сила и во следните три месеци, кога во Судот повторно ќе се одлучува на таа тема. Во тој меѓупериод, Советот на ЕУ има право на жалба на првичната одлука.

Нејасни критериуми за листата

На „црната листа“ на ЕУ, покрај Хамас, се наоѓаат уште 23 други организации како Хезболах, на пример, и голем број поединци. Листата се актуелизира на секои шест месеци со едногласна одлука на Министерскиот совет. Военото крило на Хамас се најде уште на првата листа на ЕУ која беше составена веднаш по терористичките напади во САД во 2001 година. Политичкото крило беше додадено во 2003 година.

Во изминатите години имаше бројни критики на листата, најчесто дека таа се составува според нејасни и тајни критериуми. Тужбите против листата пред европските судови се чести. Во октомври годинава, на сепаратистичката група Тамилски тигри од Шри Ланка и’ успеа да биде тргната од листата.