1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два одвоени монолога не прават дијалог

Катерина Блажевска25 ноември 2014

Принципот на исклучивост - сѐ што прави власта е лошо и погрешно, и сѐ што предлага опозицијата е промашено и неконструктивно, создава недоверба кај граѓаните и ги урива шансите за суштински дијалог.

https://p.dw.com/p/1DsYe
Фотографија: MIA

Може ли да има продуктивен дијалог за излез од парламентарна криза, ако секојдневната комуникација меѓу партиите е под секое ниво на конструктивност и политичка култура? Ова прашање што сѐ почесто се поставува во јавноста, не е без основа. Не треба далабока анализа за да се утврди дека начинот на кој начин денеска „разговараат“ политичките субјекти меѓу себе, личи на сѐ, но најмалку на функционален, аргументиран и суштински дијалог. Тоа се монолози кои ги разменуваат партиските атари, но тие пораки никаде не се сретнуваат, барем не на точка од јавен интерес.

„Реакција на реакцијата на прес-конференцијата...“. Вака најчесто се најавени соопштенија што партиите си ги разменуваат меѓу себе. Некогаш таа серија на реакции и контрареакции толку се разгранува и разводнува, што ако некој ја прочита последната реакција во низата, никако нема да може да разбере на која тема се расправаат партиите. Соопштенија се испразнети од суштина и аргументација, а преполни со негативни квалификации за политичкиот опонент. Ако таквата секојдневна комуникација ги рефлектира партиите како субјекти со поткапацитет за аргументирана дневна комуникација, тогаш заклучокот е - дека е илузија да се верува оти во еден момент тие би можеле да го покажат она што всушност го немаат - наткапацитет за суштински дијалог.

Првиот парламент

Денес има различни одговори на прашањето – зошто и кога е убиен дијалогот. Аналитичарот Едмонд Адеми смета дека неговото ниво е ниско уште од осамостојувањето на Македонија.

„Нивото на политичката кулутура, и култура на дијалог меѓу политичките чинители е ужасно ниско ниво, и тоа не е од денес, тоа веќе трае 24 години, практично од појававањето на политичкиот плурализам. Иако, имам чувство дека на почетокот на 90-тите како да имавме повисоко ниво од денес, тоа веројатно е резултат на фактот дека беа први чекори кон демократскиот систем. Денес се е бастадарзирано - и демократијата, и дијалогот, и политичката култура. Големите политички антагонизми, во стилот 'што е наше е добро, што е нивно не чини', станаа наше секојдневие, за чие лечење ќе треба уште долго време, вероjатно додека не се појават некои нов тип на политичари кои ќе знаат тоа што е добро кај противниците да го поздрават и поддржат, а тоа што е лошо да се критикува, и понуди алтернатива. Сепак, се плашам дека далеку е тоа време, и дека нема да се случи ниту брзо ниту скоро“, вели Адеми.

Но, пратениците од составот на првиот парламент паметат многу поинаква практика. „Тогаш се разговараше на еден, би рекол, топол начин. Без омраза, без тензија. И тогаш имаше многу критики и исклучително жешки, но со аргументи, а не со навреди и етикети. Доволно беше да се види секојдневието во собраниското бифе: заедно на една маса седеа пратеници од разни партии, разговараа, се шегуваа. Подоцна сѐ се сврти наопаку. Ни разговор, ни кафе. Сега сите се наредени на маса само со 'своите'. Не знам каков ѓавол влезе во луѓето, ама ете, таа, некогаш убава приказна, замина во историјата“, вели пратеник од тој состав.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski
Зоран Заев (СДСМ) и Никола Груевски (ВМРО - ДПМНЕ)

Она што најмногу создава резерви кај граѓаните во однос на меѓупартиската комуникација е принципот на исклучивост - сѐ што прави власта по дефинција е лошо и погрешно, и се што предлага опозицијата е промашено и неконструктивно. Таквата „аргументација“ создава недоверба кај граѓаните. Сметаат дека сигурно постои барем едно нешто кај политичкиот опонент кое и едните и другите можат да го истакнат во позитивна смисла, ако веќе не сакаат отворено да го пофалат.

Раскарана Македонија

Во партиите се свесни за ваквата состојба и од своето искуство ги објаснуваат причините што довеле до неа. Денешнава раскарана Македонија не се појави преку ноќ, вели заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

„Не беа сите владини предлози дочекани 'на нож', бидејќи тоа не е мудра ниту исправна политика. Имаше и ситуации, иако поретко, кога и власта прифаќаше опозициски идеи -на пример, закон за минимална плата. Но, тоа е веќе некое минато завршено време. Денес власта сака да контролира сѐ: институциите, медиумите, граѓаните... па и идеите. Секоја идеја и предлог од опозицијата - десетици закони, стотици предлог-мерки и илјадници амандмани, се смета за непријателски чин кој мора да се оцрни, обезвредни и изложи на осуда и потсмев.Секој аргумент од неистомислениците мора да се отфрли - за да се спречи рационалната анализа, за битката да не биде рационална туку пропагандна, за власта дa ја контролира и вистината. Не е мртов само политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата. Закопан е и дијалогот на власта со новинарите. Се сече во корен шансата за дијалог и со студентите. Немаше дијалог, туку само закана и кон просветарите. 'Сакам аргументи. Сакам дебата. Не очекувам сите да се сложат со мене. Тоа не е нивна работа', рекла Маргарет Тачер. Тоа е проблемот: Груевски не почитува аргументи; Груевски избега од секоја дебата; Груевски очекува сите потврдно да му климаат и смета дека тоа е нивна обврска. Кога нема дебата и слобода, сите разлики стануваат конфликтни, а дијалогот реткост на која и се заканува исчезнување“, објаснува Шекеринска.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Зоран Заев и Радмила ШекеринскаФотографија: MIA

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа недостапни за разговор на оваа тема. Извори, пак, од „пониските ешалони“ кои сакаат да останат анонимни, велат дека нивната партија е секогаш отворена за дијалог.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бегала од разговори и дебати. Тоа го докажуваме секој ден, на терен во разговор со граѓаните. Отворени сме за разговор со сите партии. Особено за СДСМ. Но, тие за разговор го сметаат само оној што треба да се води под нивни услови. И ништо помалку од тоа. Тоа не води никаде. A за нивниот капацитет и волја за конструктивна дебата сведочи и еден ноторен факт: кога своевремено се решаваше за едно важно политичко прашање во земјава, на прашања на граѓани и на ВМРО-ДПМНЕ тие одговорија дека 'некои прашања не заслужуваат одговор'. Тоа кажува се. Но, кога сееја такви 'стандарди', не беа загрижени каква ќе биде 'жетвата'. Се согласувам дека нивото на комуникација денеска е ниско, но за тоа да се подигне, секој треба искрено да вложи напор, а за почеток да прифати разговори“, вели нашиот соговорник.

Wahlveranstanstaltung VMRO DPMNE Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Музичка „терапија“

Она што денес недостига во комуникацијата меѓу партиите, особено во Парламентот, е омекнување на тензиите и на вербалната наелектризираност. Во еден период Парламентот ја имаше честа негов претседател да биде, сега покојниот, Љупчо Јордановски. Некои го нарекуваа „неконвенционален политичар“, други „peacemaker“, трети „собранискиот ди-џеј“. Нема некој што не се сеќава на неговата способност за релаксирање на жестоките дуели со тоа што ќе се пошегуваше или ќе им пуштеше на пратениците некој музички евергрин, за да ги релаксира. Се чини дека беше единствениот кој сакаше да покаже дека политиката не мора да биде одраз на грдото, грубото, вулгарното. Во една пригода на сите им подари музички цедиња. Оттогаш до денес таму беа видени и навреди и физички пресметки, но ништо слично на потезите на Јордановски.

Mazedonien - Das Parlament
Собрание на МакедонијаФотографија: MAKFAX

Каде е проблемот? Според социологот д-р Снежана Трпевска, проблемот на континуирано отсуство на политички дијалог кај нас произлегува од самиот модел на политички систем.

„За разлика од консензуалните демократии, мајоритарните или мнозинските демократски системи каков што е нашиот, во себе ја кријат опасноста од длабоки судири меѓу двата најголеми политички опоненти. Во мајоритарните модели две доминантни партии или два политички блока се борат за власт и кога едниот блок ќе ја освои власта, целата моќ се концентрира во негови раце. Оттаму и дистинкцијата власт-опозиција. Постои повеќепартиски систем, но станува збор за поларизиран плурализам, во кој меѓу двата доминантни политички субјекти постои длабоко несогласување, ниско ниво на консензус за клучни прашања, оспорување на легитимитетот на политичките организации, па дури и на политичкиот систем во целина. Нам ни е потребна нова дебата меѓу клучните политички субјекти, која во фокусот на интерес ќе ги стави вредностите на јавниот интерес и концептот на граѓанските права и граѓанската партиципација. Но, за таква дебата исто така е потребен политички консензус. Иницијативата за таков консензус, според мене, треба да ја имаат партиите кои се на власт, но тие во овој момент покажуваат само параноичен страв од каква било отворена дебата за кое било прашање од јавен интерес. А можеме да набројуваме безброј примери за манифестациите на таа параноја“, вели Трпевска.

Ако е јасно дека прашањето кој прв ја уби дебатата може само да создаде дополнителни пресметки, во наредниот период ќе биде најважно кој прв ќе ја врати дебатата на јавна сцена. Од успехот во тоа добитник нема да биде само еден политички субјект, туку целата заедница.