1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали партиите на Албанците ќе поддржат некој од претседателските кандидати-Македонци?

Свето Тоевски19 април 2014

Вториот круг на претседателските избори и парламентарните избори на 27 април ќе се одвиваат во ситуација на остра борба за гласови меѓу партиите и етничките блокови, истакнуваат експертите во Македонија.

https://p.dw.com/p/1Bkyd
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Колку повеќе наближува денот на парламентарните и претседателските избори толку повеќе се вжештува ситуацијата на политичката сцена во Македонија. Али Ахмети во последните истапувања на предизборните митинзи самиот кажа дека се води „тешка политичка битка меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ“. Забележлива е нагласената етничка реторика кај Никола Груевски и другите челници на ВМРО ДПМНЕ. „Сега, кога сме веќе на чекор до 62 пратеници … не смее да се дозволи ДУИ да не уценува со радикални барања за промена на уставот, па претседателот да не го бирал народот туку партиите, односно, раководството на ДУИ да го бира претседателот на Република Македонија, или други радикални идеи од типот цел народ сега да учел албански“ – порача Груевски од предизборниот митинг во Прилеп.

Назми Малиќи, политички експерт од ФОН Универзитетот од Скопје, коментира: „Барањето на Груевски до македонскиот електорат да му даде поддршка, за да има ВМРО ДПМНЕ 62 пратеници и да може да формира влада самостојно без да зависи од политичките партии на Албанците, укажува на нешто ново: такви пораки можевме да слушаме само во почетокот на 90-тите години кога првпат се формираше политичката карта на земјата. Со ваквите изјави ДУИ апсолутно е исфрлена, иако тоа се повици до Македонците да се мобилизираат со една лоша порака до Албанците. Се наметнува дилемата: дали е можен договор со ДПА? По таква порака од премиерот и ДПА повеќе не би можела да се најде во една коалиција бидејќи и таа претставува еден голем дел од албанското избирачко тело. Останува и прашањето: дали ќе има приклучување на партиите на Албанците кон некоја коалиција дали со социјалдемократите, или со ВМРО ДПМНЕ? Ова е под голем знак на прашалник, бидејќи ВМРО ДПМНЕ ја води многу остро кампањата со поделби на Македонци и на Албанци.“

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Wahlplakate
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Мирјана Малеска, политички експерт од Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања од Скопје, се надоврзува: „Не може и не треба да се игнорираат Албанците и нивните политички претставници. Во првиот круг на претседателските избори излегоа доволен број гласачи и токму врз таа антиалбанска, анти-НАТО и антиевропска основа двата кандидата - Македонци отидоа во вториот круг. Опозицијата најмногу размислува за тоа како да го подобри својот рејтинг спроти гласањето на 27 април, но, ДУИ истакна дека секој кандидат без нивна согласност ќе биде сметан како нелегитимен. ДУИ нема да го погази зборот дека нема да гласа за Иванов. Опозицијата евентуално ќе разговара со ДУИ околу идејата за консензуален претседател, кој би бил избиран во Собранието по пат на промена на уставот. Можеби тука ќе паднат некои ветувања.“

„Прикриената поддршка за Пендаровски би била политички погубна за ДУИ“

Може ли да се случи ДУИ премолчено, преку прикриеното дејствување на своите активисти на теренот, да го насочи „својот дел“ од албанскиот електорат, сепак, да гласа за Пендаровски?

Тања Каракамишева, експерт за уставно - политички систем од Државниот универзитет во Скопје, одговара: „Таа варијанта е политички погубна за ДУИ, посебно сега, по првиот круг претседателски избори, кога е многу појасно кој ќе го освои мнозинството пратеници во Собранието. Играта со евентуалната поддршка на кандидатот на СДСМ, Пендаровски, е политички опасна за ДУИ, поради што не верувам дека воопшто би се нафатиле да ја играат, иако не велам дека не е ставена како едно од можните сценарија. Премногу лесно ќе бидат прочитани, ако го направат тоа. Тоа може политички да ги чини многу. Реално, ДУИ не е подготвен за толкав политички ризик. Оваа партија покажа дека ќе настојува да остане во власта, оти и е многу слатка. Нивниот предвидлив ризик ќе биде димензиониран во форма, која ќе може да им носи само корист, но не и политичка штета. Клучна улога во процесот на разоткривање на игрите на ДУИ има ВМРО-ДПМНЕ, кој единствено може да го стесни маневарскиот простор за се поочигледната палета од политички игри на ДУИ.“

Зунун Зунуни, професор по политички науки од ФОН универзитетот, го споделува убедувањето дека ДУИ ќе опстои на ставот да не повика на гласање за кој било од двата кандидата во вториот круг од претседателските избори, дополнувајќи: „Може одреден дел од бирачкото тело од ДУИ да гласа за Пендаровски, што најверојатно и ќе стори. Сметам дека ДУИ нема јавно да застане јавно зад некој од кандидатите. Не верувам дека ДПА би го поддржала Пендаровски. Попрво би го сторила тоа за Иванов, отколку за Пендаровски. Ако дојде до некаков притисок од меѓународниот фактор, може да се случи поголема излезност на албанските бирачи и поддршка за еден од претседателските кандидати. Партијата на Ахмети ќе учествува само на парламентарните избори. Можно е ДПА да ги бојкотира парламентарните избори, ако процени дека ќе освои мал број гласови и пратеници.“

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Stevo Pendarovski
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Ахмети на предизборните митинзи во Тетовско и Скопско ги повтори своите ставови: „Се избира претседател на земјата и се заборава дека постојат Албанци во неа. Ниту Пендаровски, ниту Иванов не се наш избор, бидејќи 90 проценти од Албанците ја прифатија нашата идеја за консензуален претседател. Оваа земја не е еднонационална, па со гласовите на една етничка заедница да се бира претседател. Во интерес на државата мора да имаме претседател, кој ќе го црпи легитимитетот од сите граѓани. Не е важно дали ќе ја реализираме идејата за консензуален претседател сега, или по пет години. Од оваа идеја нема враќање назад, таа ќе се спроведе.“

„Погрешни чекори“

Професорката Каракамишева, коментира: „Проектот на ДУИ за бојкот на претседателските избори покажа дека оваа партија сериозно го контролира албанскиот дел од електоратот. Одбележувањето на палецот со маркер дополнително влијаеше 'успешно' во корист на политиката на ’интегративците’. Стравот меѓу албанските гласачи беше подгреан со одбележувањето на палецот: како што ми беше кажано во неврзан разговор со познат албански аналитичар, на денот на гласањето, но и потоа, во средините со Албанци сите граѓани шетале со палецот во дланка токму поради стравот од соочување со раководната структура на ДУИ. Таа ги демнела граѓаните на избирачките места, но и надвор од нив, со постојан притисок за неизлегување на претседателските избори. Очигледно е дека политиката на уцени, која ја спроведува ДУИ, и натаму е многу присутна. Таа сериозно ќе ги усложни и онака сложените политички односи во Македонија, бидејќи акцијата раѓа реакција, уцената раѓа контра-уцена ...“

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Професорката Малевска вели: „Претседателот на државата ќе биде избран и без гласовите на Албанците. За земјата тоа не е добро, но за владејачката гарнитура тоа е одлично. На долг рок ќе ги почувствуваме последиците од неприменувањето на политиката за она што би го нарекле Албанците ’дух на Охридскиот договор’: за некои прашања важни за државата и за нејзината иднина, сепак, да се седне на маса и да се разговара. Ние се уште не сме стигнале до тоа рамниште. “

Професорот Малиќи заклучува: „Нашите политичари и политички елити не успеаја да ја водат предизборната кампања консензуално за важните прашања за развојот на земјата. Да нема поделби и кампањата да наликува програмски. Чекорите се погрешни, зашто граѓаните не можат да се делат, тие живеат во една земја. Рамковниот договор беше еден од документите, кој ја потврдуваше унитарноста на земјата, а сега имаме други пораки, кои се апсолутно во погрешна насока: не може да се размислува дека може да има влада без Албанци, или дека Албанците нема да зависат од политичките партии на Македонците. Тука постои меѓузависност во политиката, економијата и која било друга област на животот, што не може лесно да се избрише, или да се запостави. За вториот круг на претседателските избори треба да им се допушти на граѓаните да гласаат според слободен избор за кој кандидат ќе се решат, без оглед од која етничка припадност тие ќе бидат. Не треба да постојат диктати врз правото на избор, кое е едно од основните човекови права. Погрешна ориентација ќе биде ако луѓето нема да смеат самите да размислуваат за кој кандидат за претседател да се изјаснат.“