1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Москва го повредила Договорот за разоружување?

ЕМФ/ард/дв29 јули 2014

САД ја обвинија Русија дека го повредила Договорот за разоружување од 1987 година. Според Вашингтон, Москва илегално тестирала нова ракета со среден дострел.

https://p.dw.com/p/1CkyZ
Фотографија: Reuters

Според претставник на американската влада, прекршувањето на договорот е „многу сериозно прашање“. Претседателот Барак Обама со писмо го информирал рускиот претседател Владимир Путин какви се американските позиции. Сознанијата со кои се располага се ставени и во годишниот извештај на американското Министерство за надворешни работи, кој треба да биде објавен денеска (29.07).

Договорот за нуклеарните системи со среден дострел во 1987 година го потпишаа поранешниот американски претседател Роналд Реган и тогашниот премиер на СССР Михаил Горбачов. Тој предвидува уништување на сите нуклеарни ракети со краток и среден дострел (500 до 5500 километри).

САД, како што тврди неименуваниот претставник на американската влада, се подготвени да водат итни разговори за ова прашање. Целта на разговорите, како што се нагласува, е Вашингтон да се увери дека Москва во иднина ќе се држи до своите обврски.

САД го зголемуваат притисокот врз Русија?

Обвинувањата не се нови. Тоа е проблем кој САД во минатото го отвориле во контактите со Русија преку дипломатски канали. Претставници на руската влада изјавиле дека ќе ги проверат обвинувањата и со тоа го затвориле прашањето. Сепак, САД сега ги изнесуваат обвинувањата во јавност. Прв за тоа информираше весникот „Њујорк Тајмс“ во текот на вчерашниот ден.

Односите меѓу Вашингтон и Москва се исклучително напрегнати поради кризата во Украина и азилот за поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден. Најновиот потег на Вашингтон, според набљудувачите, е обид да се зголеми притисокот врз Русија и таа да се изолира натамошно во меѓународни рамки.