1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали бракот одговара на духот на времето?

Сузане Ајкенфондер/дпа/афп/Ж. Ацеска23 октомври 2014

Речиси секое трето семејство во Германија веќе не живее според класичниот модел. Бракот се‘ повеќе губи на значење. Бројот парови во вонбрачни заедници е удвоен. Разлики постојат и меѓу источна и западна Германија.

https://p.dw.com/p/1Db1N
Фотографија: Fotolia/tramp51

Минатата година во Германија 20 проценти од сите мајки и татковци биле самохрани, со што бројката од 1996 година е зголемена за шест проценти. Десет проценти од паровите живеат без официјално склопен брак или во истополови заедници, нивниот број е двојно зголемен. Бракот сепак се‘уште доминира како форма на семејниот живот на Германците, како што покажува статистиката на Сојузниот завод од Висбаден. Зашто, 70 проценти од родителите во околу 8,1 милиони семејства се во брак со најмалку едно малолетно дете.

Овие бројки произлегуваат од „Микроцензусот 2013“, најголемиот годишен попис на домаќинствата во земјата и во Европа. Како семејства притоа се сметаат сите заедници на родители и деца, во кои има најмалку едно дете под 18 години. Во децата се вбројуваат не само биолошките потомци, туку и децата од претходни бракови, хранениците и посвоените деца.

Децата-основна причина за склучување брак

Според мислењето на социологот Јирген Добриц од Сојузниот институт за истражување на населението од Висбаден, децата се и причината поради која бракот и натаму е најважната семејна форма во Германија.

„Често тие се поводот за склучување на брак, но истовремено бракот губи на значење“, вели Добриц. Во Германија, како и во европски и меѓународни рамки, децата зачестено живеат во други семејни модели отколку порано.

Patchwork Familie unterm Weihnachtsbaum
Децата се‘ почесто живеат во поразлични семејни заеднициФотографија: David Staron

Социолозите причината за ова ја гледаат, покрај во фактот што жените се посилно интегрирани на пазарот на труд, и во промената на сфаќањата. Една анкета за идеалната слика за семеен живот покажа-35 проценти од Германците на возраст од 20 до 39 години целосно го одбиваат бракот како надживеана, застарена институција. Тенденцијата е во пораст. Секој десетти млад човек не сака да има деца, вели Добриц.

Истокот е против бракот

Најновиот „Микроцензус“ покажа дистанцираност кон бракот посебно во источниот дел од земјата.

„Паѓа в очи што во источниот дел, првенствено во поголемите покраини, има помалку луѓе без деца во споредба со западниот дел, но и помалку се во брак“, истакнува Добриц. Во Саксонија Анхалт и Саксонија уделот на брачни парови е најнизок-51 насто. Таму се истовремено најчести и вонбрачните заедници, 23 проценти.

Во покраината Рајнланд Пфалц, напротив, вонбрачните заедници се најретки. Највисок процент на брачни парови во сите семејства со дете под 18 години има во покраината Баден Виртемберг, 78 насто. Најмногу самохрани родители, околу една третина, живеат во Берлин.