1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да се укинат визите за граѓаните на Косово“

Грета Хаман/ Ж.Ацеска3 март 2015

Десетици илјади Косовци моментно илегално влегуваат во ЕУ. Но, иселувањето има долга традиција. Ако тоа се легализира, Германија може да профитира, вели експертот за Балкан, Норберт Мапес-Нидик за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1EkQ5
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Дојче веле: Околу 50.000 Косовци ја напуштиле својата земја само по изминатата половина година, при вкупно население од 1,7 милиони луѓе. Зошто толку многу Косовци и‘ вртат грб на татковината?

Норберт Мапес-Нидик: Мислам дека треба да се прави разлика меѓу причината и поводот. Постои постојано заминување на косовските Албанци и другите малцинства од Косово. Главна причина е бесперспективноста. Годишно на пазарот на работна сила стапуваат околу 50.000 млади луѓе, а притоа немаат речиси никаква шанса. Многумина немаат практично никаква друга можност освен да заминат во странство.

Актуелниот масовен иселенички бран од декември, кој во меѓувреме попушта, има своја сопствена динамика. Точниот повод за него е тешко да се одреди. Многумина тврдат оти тоа беше формирањето на владата на почетокот на декември. Потоа беше јасно- во Косово ништо нема да се промени. Од изборите на Косово до формирањето влада поминаа шест месеци. Прво се формираше коалиција за промена на власта. Но, по жестоката интервенција на меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Германија, промена на власта изостана. Сега на власт е голема коалиција. Преку неа кај Косовците остана впечатокот: тие можат да гласаат кого сакаат, на функции остануваат постојано истите луѓе.

ДВ: Како причина за бегство на луѓето од Косово често се споменува растечкиот организиран криминал во нивната татковина. Би се согласиле ли со тоа?

Норберт Мапес-Нидик: Би рекол дека луѓето не бегаат директно од организираниот криминал, кого не го чувствуваат толку во секојдневието. Но, она од што бегаат е корупцијата. Тие бегаат од држава која не прави ништо за благодетот на заедницата, а во која една мала елита си ги полни џебовите. Оваа елита има и врски со организираниот криминал. Но, во секојдневниот живот тоа всушност не игра никаква улога. Во Косово можете слободно да се движите, не морате да се плашите дека ќе ве покоси некој со автоматско оружје или нешто слично. Може исто така да се води бизнис без пред врата да ви се појават рекетари. Дури, во однос на тоа, таму е можеби многу подобро отколку во некои поголеми западноевропски градови.

ДВ: Какви последици има масовното иселување врз земјата?

Норберт Мапес-Нидик: Првата последица, се разбира, е што си заминуваат најдобрите. Во согласност со тоа се намалуваат можностите во Косово да се воспостави одржлива економија. Од другастрана, иселувањето има функција на вентил и празнење на напнатоста, зашто со него попушта притисокот врз пазарот на трудот. Сепак, ова е ситуација во која нема перспектива, луѓето заминуваат од земјата и веќе не се на товар на државата. Колку тоа некогаш ќе ја промени државата, во оваа ситуација не е тема.

Norbert Mappes Niediek
Норберт Мапес-НидикФотографија: DW/A Grunau

ДВ: Какви решенија гледате за напредок на Косово?

Норберт Мапес-Нидик: Мислам дека земјите од ЕУ треба прво да ги укинат визите за влез на луѓето од Косово. За сите други соседни држави веќе постои визна либерализација: сите Албанци, Црногорци, Босанци, Србии Македонци смеат слободно да патуваат во ЕУ, барем три месеци како туристи.

Ако биде укината обврската за визи, тоа сигурно не значи дека Косовците ќе одат да ја гледаат Ајфеловата кула. Многумина во тоа време ќе работат и ќе праќаат пари дома или по извесно време ќе се вратат, за да живеат од парите кои ги заработиле во странство. Во секој случај, на ваков начин се врши еден вид размена, која пак би олеснила на Косово нешто да се придвижи.Освен тоа, не би постоел бран масовно иселување, какво што доживеавме минатите недели.

ДВ: Што мислите за предлогот да се инвестира повеќе во германските училишта на Косово за на тој начин да се постигне нешто во поглед на недостатокот стручна работна сила во Германија?

Норберт Мапес-Нидик: Тоа е добра идеја, проактивен пристап. Не смееме да заборавиме-не можеме воопшто да ги прекинеме врските кон Косовците. На Косово речиси нема веќе никој кој нема свои роднини во Швајцарија, Германија или Австрија. Семејните врски се многу цврсти. Ние често го гледаме Косово како некоја далечна егзотична земја. Но, тоа ни оддалеку не е така. Мнозинството Косовци имаат некакви врски со Германија, Швајцарија или Австрија. Ако сакаме да ги освежиме овие врски, би требало да се погрижиме луѓето, кога ќе дојдат кај нас, да се добро образовани и веќе да знаат германски.

Германија може да профитира од овој вид миграција. Но, се‘ додека таа е илегална, претставува проблем. Ако истата имиграција се легализира и се постави на разумни основи, тоа може да е добра работа.

Косово е најгусто населениот регион на Балкан и никогаш не бил во состојба да се одржува самиот себе си. Тој отсекогаш бил дел од некоја поголема држава, а надежта тоа да се промени, според мене, е илузија. Миграцијата, посебно на младите луѓе, има долга традиција. Отсекогаш било така, тие заминувале, а семејствата живееле од парите кои тие ги праќале дома. Денес не е поинаку отколку пред 50 или 100 години.

Норберт Мапес-Нидик е дописник од Југоисточна Европа за различни германски дневни весници и автор на бројни книги за Балкан. Тој од 1992 година редовно го посетува Косово.