1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките студенти масовно заминуваат во странство

Лиза Брислер/ А.Трајковска9 октомври 2014

Сѐ повеќе Грци заминуваат на студии во Германија. Тие се надеваат на подобри шанси на работниот пазар. Со радикалните кратења постои опасност да падне квалитетот на образованието во Грција.

https://p.dw.com/p/1DSA9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вресокот беше голем кога Алексија Папајоану пред една година се одлучи да студира во Германија. „Најдобрата од најдобрите студенти се отселува“, беше насловот во грчкиот весник „Катимерини“. 18 годишната девојка од Атина, која имаше најмногу поени на приемниот испит за факултет во цела Грција, во меѓувреме студира право во Хајделберг.

Сѐ повеќе грчки студенти и покрај добриот квалитет на дипломите во татковината порадо заминуваат во странство. Само во Германија во периодот меѓу 2012 и 2013 година нивниот број се зголеми за 13 проценти. Речиси 6000 грчки студенти изброја германскиот Завод за статистика во 2012 година, од кои повеќе од 1100 директно ги започнаа студиите во Германија.

Премалку пари за грчките универзитети

Исто така и Елена Апостолаки одлучи по завршувањето на Бечелор студиите на одделот за странски јазици и превод на Универзитетот на Крф да не продолжи да студира во Грција. Таа успешно кандидираше на Универзитетот во Бон за Мастер по англиски јазик и северноамерикански студии. „Брејндрејн за мене е само половина вистина, оти многу мои пријатели останаа во Грција и се борат“, вели Елена Апостолаки. „Целта ми е да добијам можност за докторат во Берлин, неколку години да работам во Германија и потоа да се вратам“. Меѓутоа 27 годишната девојка не е сигурна дали ситуацијата на грчкиот пазар на трудот ќе се подобри во наредните години. Имено невработеноста во Грција според Евростат изнесува 27 проценти.

Griechiche Studentin in Deutschland Elena Apostolaki
Од Крв во Бон: Елена Апостолаки сега студира во ГерманијаФотографија: E. Apostolaki

„Веќе четири до пет години младите Грци сѐ порано одат на студирање во странство, бидејќи се надеваат дека така побрзо и поедноставно ќе најдат работа. И моите деца се во Германија“, раскажува професорот по социологија Скевос Папајоану. Поранешниот декан на факултетот на социјални науки на универзитетот во Крит од септември е пензионер. Тој со тешко срце замина во пензија. „Моето место нема да биде распишано како слободно ниту има заменик. Освен тоа со години имаме проблеми со отпуштање на персоналот и товарот со високите фиксни трошоци“. Минатата недела Универзитетот од Крит беше избран за единствен грчки универзитет на ранг листата на 400 најдобри високошколски институции во Times Higher Education Ranking, но за Папајоану тоа ништо не кажува за актуелната ситуација.

Проблемите на универзитетот не ги одминуваат ниту студентите, раскажува Елена Апостолаки. „Се надевам дека нема да се спроведуваат натамошни негативни промени за образовниот систем. Образованието е најважна вредност на една земја“.

Лоши изгледи

Но, се чини дека нема да биде така. Буџетот од Министерството за образование за Универзитетот од Крит во 2011 година изнесуваше 17,5 милиони евра година. Во 2012 година беа скратени 75 проценти, а потоа во наредните години уште 15 проценти од останатиот буџет. За идната година е предвидено натамошно кратење за уште 23 проценти. „Во реални бројки тоа значи дека преостануваат уште 3,1 милиони. Но, само фиксните трошоци на универзитетот како струја, греење и друго се проценуваат на шест милиони евра“, ја појаснува Папајоану апсурдната состојба.

Пред три недели Криси-Марија Никифораки го напушти Универзитетот на Крит и за една година замина во Германија. На Георг-Аугуст универзитетот во Гетинген 22 годишната девојка доби место за Бечелор студии по класична филологија. Престојот во странство со помош на европската образовна програма „Еразмус+“ смета дека е шанса за неа. „Подоцна сакам да одам на Мастер студии во странство - најрадо во Германија. Затоа покрај предавањата ќе одам на колку што е можно повеќе курсеви по германски“. Стипеднијата од Еразмус е доволна за станарината, па затоа бара уште и работа преку која ќе може да тренира германски јазик.

Griechiche Studentin in Deutschland Chrysi-Maria Nikiforaki
Криси-Марија Никифораки сака да студира во ГерманијаФотографија: C.-M. Nikiforaki

Курсевите по германски јазик се популарни

Интересот за курсевите по германски јазик на Гете институтот во Грција и натаму е голем, вели заменик раководителката на Гете институтот во Атина Улрике Дриснер. Во 2009 година кратко откако изби финансиската криза, Гете институтите годишно имаа помалку од 1700 посетители на курсевите. Четири години подоцна преку 2000 Грци сакаат да учат германски. „Моментално не се зголемуваат бројките“, вели Дриснер и подвлекува оти смета дека тоа не е знак за опоравување од кризата, туку повеќе знак за недостиг на пари.

Но, не само младите студенти се селат во странство, туку и професорите: Скевос Папајоану летниот семестар беше професор гостин на Универзитетот во Касел и ги согледа разликите со грчкиот образовен систем: „Во Грција научна работа спроведуваат исклучиво универзитетите и таму од почетокот на кризата се прецртани сите пари за инвестиции. Не можеш да спроведеш ниту мала студија со студенти оти немаш одвишок илјада или две илјади евра. Тоа е многу фрустрирачки“.

Griechiche Studenten in Deutschland Professor Skevos Papaioannou
Проф. Скевос Папајоану: и неговите деца се во ГерманијаФотографија: S. Papaioannou

Ако во Грција не се вратат инвестициите и со тоа и работните места, и други млади луѓе како Елена Апостолаки и Криси-Марија Никифораки ќе се одлучат за странство, стравува професорот.