1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчки старт-ап фирми - успешна приказна во време на криза

Стефанос Георгакопулос / Александар Методијев10 март 2014

Старт-ап фирмите се создаваат речиси од ништо и најчесто веднаш исчезнуваат. Малку од нив преживуваат. Тие се залагаат за иновативност. Во Грција има многу вакви фирми. Дали е тоа индикатор за економско закрепнување?

https://p.dw.com/p/1B63M
Фотографија: Fotolia/apops

2014-та би требалo да биде добра година за Грција и нејзината економија. Сите знаци укажуваат на закрепнување на економијата. За првпат по шест години се очекува зголемување на економските перформанси. Раст се бележи во туризмот, а извозот се зголемува.

Фактот дека во последните години е зголемен бројот на основани фирми во ИТ-областа не е одлучувачки, но е добар показател за заздравување на грчката економија. Старт-ап фирмите почнаа да излегуваат како печурки по дожд. Искуството покажува дека девет од десет старт-ап фирми не ги преживуваат почетните фази на водење бизнис. Во последно време овие грчки фирми успеаја да се етаблираат како на домашниот, така и на меѓународниот пазар. Таков пример е „Таксибејт“. Тоа е апликација за смартфон со чија помош може да се контактира такси во непосредна близина и може да се бара такси по сопствена желба. Освен во Атина и Солун, бесплатниот ап може да се користи и во градови како Рио де Женеиро, Сао Паоло, Мексико Сити, Осло, Букурешт и Париз.

Кризата има и позитивни ефекти

И пред ерупцијата на кризата во 2010-та година во Грција имаше вакви фирми кои беа иновативни и преземаа ризици во водењето бизнис, имаше потенцијални инвеститори, настани поврзани со оваа област и се развиваа веб-страници, кои го поплочуваа патот за отворање на многу вакви компании. Еден од пионерските чекори беше создавањето на т.н. „отворени кафулиња“. Според британски модел, тоа се организирани средби, во кафуле или на интернет, на млади претприемачи, бизнисмени и инвеститори, кои ги споделуваат своите искуства и знаења со заинтересираните. Панајотис Врионис беше еден од иницијаторите. Тој смета дека многу е направено од отворањето на opencoffee.gr во 2007-ма година.

Panagiotis Vryonis
Панајотис ВрионисФотографија: privat

„Денес има повеќе можности за финансирање на новите претприемачи споредено со порано“, смета Врионис. Денес постојат четири финансиски фондови, кои во еден дел се помогнати од програмата на ЕУ наречена „Џереми“ („Jeremie“). Врионис објаснува и дека „во меѓувреме во Грција има многу повеќе ивеститори кои се подготвени да ги понесат ризиците од финансирање на старт-ап фирма“. Младиот претприемач гледа позитивни ефекти од кризата. Според него, инвеститорите во кризни времиња не се подготвени да инвестираат во акции на државните банки, но се подготвени да инвестираат во иновативни старт-ап фирми.

Giorgos Tziralis
Јоргос ЦиралисФотографија: privat

Барањата за финансирање ја надминуваат понудата на капитал

Јоргос Циралис, коосновач на еден од четирите фондови кои ги поддржуваат старт-ап фирмите во Грција, информира за вистински бум во побарувачката за финансирање на ваквите фирми.

„Кога во 2011-та стартуваше ’Опенфонд 2’ (Openfund II), наша цел беше финансирање со пет милиони евра. Сметавме дека поголем износ не е неопходен“, објаснува Циралис. Но, оттогаш многу нешта се променети. Денес овој фонд става на располагање повеќе од 11,7 милиони, поддржува 10 проекти со вкупно 2,5 милиони евра и заклучува дека сумата за финансирање не е доволна за да ја задоволи побарувачката. Циралис забележува дека во меѓувреме е подобрен квалитетот на поднесените барања за финансирање.

Основањето фирма трае неколку дена

Спирос Мајатис е коосновач на старт-ап фирмата „Воркабл“ („Workable“). Неговиот софтвер им помага на фирмите во евалуација на пријавените за нови работни места. Во меѓувреме фирмата, основана на почетокот од 2012-та година, има клиенти од околу 30 земји. Мајатис верува дека и натаму бирократијата е најголемата пречка за опстанокот на некоја фирма во Грција.

Spyros Magiatis Startup Gründer Griechenland
Спирос МајатисФотографија: privat

„Мора уште многу да се направи за структурата на целиот систем“, смета Мајатис.

Затоа, коосновачот на „Опенфонд 2“ Јоргос Циралис ги советува младите претприемачи да имаат малку повеќе трпение со грчката држава, која се наоѓа во процес на промени. И тој знае дека државата е повеќе пречка, отколку што е од помош. Но, во минатите години нешто е променето, па така процедурите за основање фирма се поедноставени, па таа може да се отвори за неколку дена. Претприемачите ги советуваат идните основачи на старт-ап фирми да имаат повеќе трпение додека масивниот државен апарат да се реформира.