1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ѝ должи на Германија милијарди. Или обратно?

Петер Хиле/ СН30 јануари 2015

Дури и 70 години по Втората Светска Војна, Атина и Берлин се расправаат за трошоците од времето на германската окупација на Грција за време на војната.

https://p.dw.com/p/1ESnX
Фотографија: cc-by-sa/Bundesarchiv/Bauer

По инвазијата на Грција во мај 1941. година на Акропол во Атина се виореше знамето со кукест крст. Германскта армија-Вермахтот ја држеше земјата под окупација до 1944. година. Во тоа време, нацистичка Германија убива и плачкосува по цел Балкан. Економските загуби од војната и окупацијата и денес се причина за кавга, бидејќи, Грција смета оти лошо поминала на меѓународните преговори за воените репарации, по крајот на нацистичката диктатура. Новиот премиер Алексис Ципрас инсистира на решавање на овој проблем и проценува дека Германија на Грција ѝ должи неколку милијарди евра. Германската влада секогаш ги негираше таквите тврдења. Министерството за финансии во Берлин вели дека барањата се решени со поранешното обесштетување.

Нацистите од Грција на сила земале кредит кој не го исплатиле

Brauchitsch auf Akropolis
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Како прво станува збор за директна воена штета, поради грабежи, убиства и уништување. Врз основа на договорот од 1960. година, Германија на жртвите на нацистички злосторства во Грција им плати 115 милиони тогашни германски марки. Со тоа би требало да се покриени сите одделни барања за отштета.

Меѓутоа се води дебата и околу кредитот кој грчката држава била принудена да го даде. Имено Народната банка на Грција во 1942. морала на нацистите да им даде бескаматен кредит од 476 милиони тогашни рајхс марки. Со тие пари нацистите официјално ги финансирале своите „трошоци за окупацијата“ на Грција. Тие пари не ѝ се вратени на Грција. Поради тоа комисија од експерти во Грција смета дека Германија на Грција и натаму ѝ должи околу 11 милијарди евра.

Мир без официјален договор

Меѓутоа, Германија смета оти прашањето за репарации е дефинитивно решено. Првата конференција на таа тема е одржана во Париз, во есента 1945. година. Притоа на Грција процентуално ѝ припадна дел од германските репарации за Втората светска војна. Грција доби материјал во вкупна вредност до 2 милијарди евра.

Со Лондонскиот договор од 1953. западните сили рокот за решавање на останатите барања за репарации го продолжија до склучувањето на мировен договор. Освен тоа, на Германија во дел и се простени долговите. Меѓутоа, меѓу Германија и сојузниците никогаш формално не е склучен мировен договор. Наместо тоа, во 1990. година во сила стапи т.н. „Договор два плус четри“ со кој се регулираше повторното обединување на Германија. Овој договор го призна и Грција, а со него не се предвидени никакви натамошни репарации.

Tsipras Vereidigung als neuer Premierminister 26.01.2015 Athen
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Messinis

Нов долг

Од избувнувањето на должничката криза прашањето за репарации во Грција е многу експлозивно. Во 2010. Атина од ЕУ мораше да побара помош, за да спречи национален банкрот. Германија од тогаш на Грција и’ позајми околу 65 милијарди евра.

Грчкиот премиер Ципрас уште како опозициски политичар повеќепати укажа дека тие долгови би трабало да се порамнат со воената оштета. Некои правни стручњаци во Грција сметаат оти таков модел е замислив. Притоа тие пред сѐ калкулираат со отплаќање на бескаматниот кредит кој нацистичките окупатори присилно го земале од грчката држава . Меѓутоа, мнозинството експерти ја исклучуваат можноста 70 години по војната да започнат нови преговори за репарации.