1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција чувствува меѓународен притисок во спорот за името

Б. Георгиевски/миа/дпа31 јули 2014

Атинскиот весник „Катимерини“ оценува дека Грција е под притисок од меѓународната заедница да не го одоолговлекува решавањето на спорот за името. Агенцијата ДПА смета дека решение не е на повидок.

https://p.dw.com/p/1Cmw0
Фотографија: Bundesregierung/Denzel

Грчки дипломатски извори велат дека заживувањето на меѓународен интерес за прашањето за името е фактор што може да го забрза развојот на настаните, пишува денеска електронското издание на атинскиот весник „Катимерини“.

„Дипломатите сметаат дека тврдењата на Груевски дека Атина е одговорна за одолговлекувањето, потенцијално произлегуваат токму од притисокот, кој постепено почнува да се чувствува од страна на меѓународната заедница. Во исто време, грчката страна ги убедува партнерите и сојузниците дека европската и евро-атлантската перспектива на Македонија не зависи само од прашањето за името, туку исто така треба да се исполнат и голем број други критериуми“, пишува провладиниот весник.

Речиси сите грчки медиуми во своите електронски изданија објавија извештај за вчерашната средба на медијаторот Метју Нимиц со министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос, претежно пренесувајќи ја веста на државната новинска агенција. Тие истакнуваат дека Атина уште еднаш јасно стави до знаење дека нема да прифати име со географска одредница пред „Република“, туку само пред „Македонија“, и тоа да биде име за сите употреби.

Венизелос ја опиша средбата со Нимиц како „корисна и интересна“.

Evangelos Venizelos
Евангелос ВенизелосФотографија: Reuters

„Ние го рековме она што имаме да го кажеме. Го повторив тоа што го кажав јавно во грчкиот Парламент, во Европскиот парламент и она што го реков за време на мојата посета на Скопје“, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Венизелос.

ДПА: не е на повидок решение

Околу неколкудневните средби на медијаторот Нимиц со македонското и грчкото државно раководство информира и германската новинска агенција ДПА во текст под наслов: „Решение не е на повидок“. Агенцијата оценува дека посетата на Нимиц не навестува решавање на спорот, иако последниве месеци се чувствувало мало поместување во Атина. „Грција сега е подготвена да прифати сложено име како Северна или Горна Македонија“, пишува ДПА.