1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција не може да ги собере даноците

Томас Борман (ард) / Е.М. Фиданоска29 мај 2015

Борба против корупцијата и прибирање даноци се целите на новата грчка влада, но таа не може да ги оствари. Грција е соочена со банкрот веќе наредната недела. Земјата мора да ја врати ратата од ММФ-кредитот, а пари нема.

https://p.dw.com/p/1FXkR
Фотографија: Reuters

Милиони Грци имаат долгови во Управата за јавни приходи. Во Грција од даноци се‘ уште не се собрани 76 милијарди евра. Пари со кои Грција би можела да стартува и со години да не зависи од нови кредити за помош или програми за штедење. Но, грчката држава не може да дојде до тие пари. Многу даночни должници во меѓувреме се банкрот, други пак се исчезнати.

Панајотис Николудис е поставен на новововедената функција „министер за антикорупција“ во грчката влада. Тој има намера да собере барем дел од она што се должи од даноци. „Можам да ви кажам дека имаме 3.500 очигледни случаи на даночно затајување. Станува збор за богатство од седум милијарди евра. Околу 40% од тоа и‘ припаѓаат на државата во облик на данок. Тоа се добри две и пол милијарди евра“, нагласува Николудис.

Но, министерот не може да ги собере ниту овие 2,5 милијарди евра. Според Константинос Бакурис, состојбата е „очајна“. Тој со години се бори против корупцијата во Грција и е шеф на атинската канцеларија на Транспаренси Интернешнал (ТИ). За новиот министер Бакурис вели: „Дури и господин Николудис е фрустриран, зашто вели: имам илјадници случаи, но моите даночни иследници се многу бавни, не се добро обучени, а веројатно некои и самите се корумпирани. Затоа се плашам дека собирањето даноци ќе оди многу бавно. Министерот за антокорупција сега итно мора да ги обучи своите луѓе, мора да вработи нови даночни иследници. Тоа мора да се направи сега.“

Значи, ќе потрае додека министерот ги принуди првите даночни ргешници да платат. Но потоа борбата против корупцијата ќе биде сериозна, во тоа Константинос Бакурис од ТИ е убеден. Тој верува дека политичарите на левичарскиот сојуз Сириза се способни за такво нешто: „Политички не сум многу среќен, но луѓето од новата влада барем не се заплеткани со моќните фамилии во Грција. Тие се независни, не мора да имаат обѕири кон никого. Тие се сосема нови, немаат ништо заедничко со сивата економија. Нема врски на економските лидери и владата. Затоа шансите за ограничување или искоренување на сивата економија се големи.“

Меѓутоа, според Бакурис, борбата против корупцијата во Грција не зема замав затоа што се‘ уште сите грчки министри се потполно зафатени со преговорите околу новите кредити за помош: „Ако успеат да постигнат согласност со европските партнери за целата должничка политика, тогаш има големи шанси за подобра борба против корупцијата отколку што тоа го правеа претходните влади.“

Само што прашање е дали новата грчка влада ќе биде доволно долго на власт за навистина да ја заврши оваа мамутска задача. Зашто, ако новата влада не успее да постигне согласност со кредиторите, тогаш Грција ќе биде банкрот, а владата на Сириза ќе стигне до својот крај уште и пред да почне вистински со работа.