1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: бизнисот растe, плати нема

М. Ригоцу/Б. Георгиевски30 септември 2014

На грчкиот туризам му тргна подобро, но дали тоа ќе биде доволно да ја повлече катастрофалната состојба во економијата? Невработени се околу една третина од граѓаните, а останатите мораат да преживуваат со намалени плати

https://p.dw.com/p/1DNTW
Фотографија: Imago

Се јавуваат првите сигнали за опоравување на грчката економија. На туризмот му оди добро, а летово беа уривани рекорди во посетеност од туристите. Но, најголемиот дел од Грците не ги чувствуваат овие промени, затоа што домашните претприемачи ги намалуваат платите, а честопати и ги исплаќаат со задоцнување.

„Според условите за работа се уште се наоѓаме во Средниот век. Во последните 3-4 години платите паднаа за 30 проценти“, вели Димитрис Карагеоргопулос, портпарол на ГСЕЕ, еден од двата најголеми синдикати во земјата. Но, не се само намалените плати во прашање. Околу 1,2 милиони работници ги добиваат своите плати со задоцнување од 3 до 12 месеци. Во некои случаи, иако спротивно на законот, наместо плата добиваат животни намирници.

Платите доцнат

37-годишниот Јанис и 40-годишната Марија живеат на островот Крит. Обајцата не сакаат да ги откријат своите целосни имиња. Стравуваат дека ќе ги загубат работните места. Јанис работи во една земјоделска компанија, која вработува повеќе од 100 луѓе. Фирмата извезува маслиново масло и вино во целиот свет, меѓу другите и во САД, Австралија и Германија. Но работниците немаат никакво фајде од добриот бизнис на фирмата. „Ова е најтешката година. Веќе пет месеци немаме земено плата“, раскажува Јанис. „Одвреме навреме земаме по малку пари, но тоа е едвај доволно за бензин“.

Griechenland Athen Bauarbeiter
Околу 1,2 милиони работници ги добиваат своите плати со задоцнување од 3 до 12 месециФотографија: picture-alliance/dpa/Orestis Panagiotou

Слично е искуството и на Марија. Таа веќе два месеци нема земено плата иако работи во пекарница со 250 вработени, на која бизнисот и оди одлично. „За некои кризата не постои. Тие се подготвени да газат и преку лешеви“. Во последните две години нето платата на Марија е намалена од 1.090 на 815 евра месечно, иако на фирмата и оди добро. Марија е фрустрирана: добива само четири слободни денови месечно, а од 2012 година не го искористила правото на одмор, иако законски и следуваат 30 дена годишно.

Да биде уште полошо, работниците- особено оние постарите, се под постојан надзор и притисок од сопствениците. Ги обвинуваат дека не работат доволно и дека пречесто одат на паузи. „Нивната цел е да не‘ натераат да си заминеме, за да вработат помлади работнички кои прифаќаат да работат и за 580 евра месечно“, вели Марија.

Преживување со помош на семејството

Но, како да се преживее кога газдите не исплаќаа плати, а државата речиси и ја укина социјалната помош? „Секоја се снаоѓа како знае“, вели Јанис, татко на две деца. „Јас имам едно мало кафуле во селото, но и таму работата падна за 50 проценти“. Марија ја преживува кризата со позајмици од роднини и пријатели. Најголемиот дел од луѓето преживуваат благодарение на семејството.

Griechenland Athen Bäcker
Фотографија: picture-alliance/dpa/Rainer Hackenberg

„За разлика од други држави, семејството во Грција ја презеде улогата на социјална служба и тоа се уште го прави“, објаснува синдикалецот Карагеоргопулос. Семејството помага кога некој ќе остане без работа или без социјална помош. „Ниту кога ќе станат пензионери, родителите не се откажуваат од можноста да им помагаат на своите деца. Но тоа станува сѐ потешко, затоа што и пензионерите се соочуваат со драстично намалени пензии“, вели Карагеоргопулос.