1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците пак си ги зголемија платите

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска 22 ноември 2014

Грчкиот премиер Андонис Самарас го анулира кратењето на платите и се препира со Тројката околу реформите во грчкото стопанство. Експертите критички гледаат на ова.

https://p.dw.com/p/1Dr6w
Фотографија: DW/I. Anastassopoulou

Грчките полицајци, војници, пожарникари и поморски граничари уште сега можат да се радуваат на декемвриските плати, зашто од следниот месец во помали месечни рати ќе добијат 50 проценти од парите, кои почнувајќи од август 2012 година им беа скратени во повеќе наврати во рамките на програмите за штедење. И грчките судии во идните недели ќе добијат опсежна исплата на скратените средства.

Делумното враќање на скратените пари од платите е резултат на една пресуда на Врховниот управен суд од јануари. Тогаш судиите го прогласија за неуставно намалувањето на платите на униформираните службеници. Се чини дека премиерот Самарас со својата великодушна политика на платите сака да даде сигнал за новиот почеток кој го најавува. Тој уште од крајот на 2013 година гордо укажува на фактот што Грција првпат по десет години имаше примарен суфицит, повисоки приходи од издатоци. Тоа значи плус во буџетот, но без земање во предвид на каматниот товар, расходите за финансирање на државниот долг.

„Сега политиката сака овој суфицит да го исплати повторно како дивиденда“, критикува Панајотис Петракис, професор по економија на универзитетот во Атина во разговор за Дојче веле. Економистот не се сомнева дека Грција и во наредните години ќе има суфицит, но прашање е дали ќе може трајно да го зголемува буџетскиот суфицит, за меѓународните кредитори да ги добијат назад своите пари.

Грција ја надмина рецесијата

За грчката влада нема никаква двојба околу тоа- во септември Самарас на отворањето на најголемиот трговски саем во Солун тврдеше-најлошото е пребродено. Малку подоцна тој навести намалување на даноците, платежни олеснувања за банкарските должници, како и државно гарантирана минимална плата, а дури и предвремено прекинување на програмата за штедење за Грција во првата половина на 2015 година. Иако, до крајот на 2014 година и онака завршува актуелниот пакет-помош од еврозоната. Но, програмата на ММФ, поврзана со строги мерки на штедење, треба да остане до март 2016 година.

Europaparlament in Straßburg Rede Antonis Samaras 02.07.2014
Андонис Самарас е оптимистФотографија: Reuters

Самарас гледа потврда на својот оптимизам во најновата прогноза на европската служба за статистика, Еуростат, за порастот во еврозоната: според неа, грчкото стопанство во третиот квартал од 2014 година третпат последователно зебележало пораст. Но, овој податок треба да предизвика претпазлива радост, смета професор Петракис: „Грција навистина остави зад себе шестгодишна рецесија, но во голем дел тоа се должи на фактот што кризата диктираше намален увоз. Не гледаме се‘уште одржлив извозен развој, а самиот туризам веројатно не е доволен“, предупредува економистот.

Еден дел од натамошно присутните проблеми тој сепак гледа и во Тројката составена од претставници на ЕУ, ММФ и Европската централна банка. Како пример ја споменува реформата на пазарот на труд: недозволливо е дури по шест години рецесија и при 1,5 милиони невработени во земјата да се преговара за олеснувања во отпуштањата. Ваквите болни реформи мора да следат уште на почетокот на програмата за спасување, пред населението да биде исцрпено од драстичните мерки на штедење, вели Петракис.

Кавга со Тројката

Кредиторите сепак укажуваат дека многу од одамна договорените реформски чекори уше не се реализирани. Од оваа причина, за почетокот на ноември планираната контролна посета на Тројката во Атина постојано се одложува, со образложение-се чека прво на адекватни предлози од грчка страна.

Levteris Koussoulis Politikwissenschaftler aus Griechenland
Лефтерис КусулисФотографија: DW/J. Papadimitriou

„Политичката класа во Грција е слаба и не е во состојба да се справува со проблемите“, критикува политикологот Лефтерис Кусулис. „Таа едноставно ги одлага работите за во иднина, за што е можно подолго да остане поштедена од нив“.

Тоа, патем, не важи само за владата, туку и за опозицијата, дополнува Кусулис.

Додека Тројката и натаму притиска на реформски гаранции и предвидува нова финансиска дупка во 2015 година, Атина опстојува на тврдењето-сите најавени подобрувања за народот се добро обмислени и ќе бидат достаточно финансирани.

„Владата, со оглед на евентуални нови избори, сака брзо да ги ублажи маките на гласачите“, објаснува Лефтерис Кусилис за Дојче веле. Политикологот верува дека во март 2015 година можат да бидат одржани предвремени парламентарни избори, бидејќи тогаш треба да биде избиран и нов грчки претседател.