1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски гледа јасна намера за помош од Германија и ЕУ

ЕМФ/миа/макфакс29 август 2014

Кај Германија, но и кај ЕК, има јасна намера повеќе да се вклучат во олеснување на решавањето на проблемите на Западен Балкан, оценува македонскиот премиер Груевски. Пораките од Берлин ги толкува и опозицијата.

https://p.dw.com/p/1D3kX
Фотографија: MIA

По самитот Германија-ЕУ-Западен Балкан што вчера (28.08) се одржа во Берлин, макеоднскиот премиер Никола Груевски оцени:

„Состанокот го оценувам како мошне добар. Имавме прво два часа средба ние шесте премиери од земјите од Југоисточна Европа со канцеларот на Германија, Ангела Меркел, на којшто јас во најмалку два навратa дискутирав и во политичкиот и во економскиот дел. Во политичкиот дел за Македонија главно беше спомнато за проблемот што ни го има отворено нашиот јужен сосед пред повеќе од 20 години. Практично тоа беше единственото што се спомна во делот на политиката и што беше нагласено, за што се разговараше и за што се потенцираше дека е добро да се реши колку што е можно побрзо, бидејќи тоа е клучниот проблем зошто Македонија ги нема започнато преговорите за членство во Европската унија и тоа не е тајна“, истакна Груевски.

Според Груевки, и во Берлин и во Брисел веројатно веќе има јасна слика дека стоењето во место во однос на решавањето на спорот „најмногу доаѓа од причина што нашиот јужен сосед не е подготвен да разговара за изнаоѓање решение заради други проблеми што тие ги наведуваат“:

„Проблемот стои, ние најмногу го чувствуваме и од тој аспект на состанокот беше изразена надеж дека ќе се работи повеќе во наредниот период и дека и другата страна ќе биде поактивна да се разреши ова прашање“, посочи макеоднскиот премиер.

Тој додаде дека дискутирал и за економските проекти и за македонските развојни планови што, како што посочи, е она што од крупните проекти сега се прави.

Westbalkan-Konferenz Gruppenbild Angela Merkel
Фотографија: Reuters

„Кај нас се градат три автопатишта во три различни правци, делови од коридори, се гради една железница кон Бугарија. Во план е и градба на експресен пат кон Бугарија и други проекти, енергетски проекти, така што ги спомнав и нив. Ги напоменав и идните планови како што е железница кон Албанија, за која што сега преку ИПА-средства се пристапува кон изработка на проект. Сите други наведоа што се нивни регионални проекти, значи планови за поврзување дали е тоа енергетска, дали е транспортно во смисла железничко или автопатско решение“, рече македонскиот премиер и оцени:

„Економиите може да се движат меѓу другото и со добра бизнис-клима, а за добра бизнис-клима една од клучните работи е владеење на правото и тука Македонија прилично добро стои. Тоа не е нешто што не се спомнува, напротив беше и

спомнато од неколкумина присутни дека Македонија е добар пример за привлекување странски инвеститори, а јасно е дека за да се привлечат странски инвеститори треба да имаат одредена сигурност, да не речам комоција во однос на условите во државата за правење бизнис, вклучувајќи го и владеењето на правото“, истакна Груевски по состанокот во Берлин.

СДСМ: Пораката на опозицијата дојде и од Берлин

По конференцијата за Западен Балкан во Берлин, со свои оценки се јави и опозицискиот СДСМ. Во реакцијата се вели дека „сите заклучоци во декларацијата од Берлин упатуваат на проблемите во Македонија на коишто укажува опозицијата веќе подолго време“.

„Се надеваме дека сега кога истата порака дојде и од Берлин, владата на Груевски ќе мора да прифати дека нема бегање од одговорност и дека е време за решителна акција“, велат од СДСМ.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Од партијата оценуваат дека иницијативата на Германија со којашто се реафирмира заедничкиот интерес на земјите од Западниот Балкан да станат дел од Европската унија е многу корисна за Македонија и за целиот регион.

„Ја поздравуваме завршната декларација од средбата во Берлин, во којашто со право, од целиот регион, се очекува вистински напредок и демократска иднина, базирана на владеење на правото. Во неа конкретно се бара слобода на медиумите, подобро владеење, независно судство, нулта толеранција за корупција, независни синдикати и економија ослободена од политички влијанија. Во заклучоците од оваа прва конференција за Западен Балкан, што ја иницираше канцеларката Ангела Меркел, се нагласува и дека ’мора да и’ се овозможи на опозицијата да ја одигра својата улога во парламентот’. Со тоа, на Никола Груевски во Берлин лично му е испорачана пораката дека мора да седне на разговори со опозицијата, за решавање на политичката криза во Македонија“, оценуваат од СДСМ.

Во реакцијата на опозициската партија се додава дека е жално тоа што самитот го потврдил уназадувањето на

Македонија во евроинтеграциите бидејќи, како што се вели, од некогаш прва во регионот, сега земјата воопшто не била спомената меѓу земјите кај коишто е истакнат напредок.

„Србија и Албанија беа далеку зад Македонија, а Косово не беше ни држава кога во 2005 година го добивме кандидатскиот статус. Загрижени сме што осум години подоцна, Македонија го губи чекорот со своите соседи“, истакнуваат од СДСМ.