1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевизам со Бранков закон

Костадин Делимитов25 март 2015

Стечајците скептични, бизнисмените претпазливи оптимисти, синдикалците задоволни, експертите со сомнеж. Колкав ќе биде бенефитот од субвенционираните мерки за вработување?

https://p.dw.com/p/1ExBd
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонската влада со амбициозен пакет мерки ќе се бори со невработеноста. Преку ослободување на персонален данок и придонеси во период од три до пет години ќе се стимулираат фирмите да отвораат нови работни места. Младите до 29 годишна возраст веќе не се единствените за кои ќе се доделуваат вакви поволности. Мерката се проширува на сите невработени, дури и за оние со над 58 години чии давачки за придонеси до пензионирање ќе бидат покриени од владата. Очекувањата се дека проектот ќе отвори десетици илјади работни места и ќе ги намали трошоците на стопанството. Еден од клучните бенефити според власта е што се отвора можност за работно ангажирање и на ранливите категории граѓани и повозрасните кои по разни основи веќе подолг период се без работа. Во ваквиот налет на оптимизам, клучната дилема според упатените и директно засегнатите е како ќе реагира пазарот, колку реално ваквата мерка е исплатлива, оправдана и би ги дала посакуваните резултати:

Профитираат само партиските војници

„За нас стечајците ваквата мерка би била добра прилика, има шанси за вработување, но не знам овој пат колку е таа изводлива. Еве зошто! Државата ќе ги покрие придонесите, но работодавачот треба да дава плата! Но прашањето е колку во моментов има подготвеност за тоа кај работодавачите, но и кај работниците од оваа категорија стечајци, колку се тие способни за работа во услови на нивна истоштеност, истрошеност, амортизираност на работната способност? Со години се без работа, ја имаат загубено. Затоа и јас не верувам дека ќе има некој бенефит за стечајците. Нашето горко искуство е дека стечајците само се обесштетуваат, но не сите туку само партиските војници. Досега имавме два закона и за жал тоа не снајде, добија само партиските војници. Сакаме да веруваме дека сега ќе има решение и за останатите но не сум оптимист. Ние го поздравуваме и фалиме секој што ќе ни пружи рака, но досега го критикувавме премиерот затоа што сите овие години не поведе сметка сите одеднаш да не обесштети еднаш засекогаш, туку цело време не цепкаа, не делеа. Оптимисти сме, но се сомневаме дека и од ова ќе има бенефит за нас“, смета Лилјана Георгиевска претседател на здружението на стечајци од Куманово.

Proteste der entlassenen Arbeitnehmer in Mazedonien
Протести на стечајците во 2010 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Популизам наместо решение

Дел од експертите повеќе препознаваат популизам отколку ефикасно решение, како што велат нешто што е веќе видено и од други влади, но без конкретни резултати:

„Таков закон беше Бранковиот закон кој доживеа фијаско. Тоа е само популистичка мерка, која што некој некогаш нешто ќе се надева дека некој ќе го прими на работа. Суштината на прашањето е каде има слободни работни места? Дали оваа држава знае каде има слободни работни места. Тоа што го слушаме само е брза контраодбрана во оваа новонастаната политичка состојба. Па од Нова година само слушаме бројки, 8.000, 5.000, 3.000, ајде нека покажат еден човек што вработиле и каде. Да се види, да биде транспарентно објавен список. Истата работа ја кажуваат пет години. Значи станува збор за мерки што не се ниту економски ниту базирани врз реална основа. Бранковиот закон сега е популизам на Груевски, ништо друго. Друг е проблемот, македонскиот работник е доведен до минимална плата која историски никогаш не била вака ниска, имајќи во предвид дека нема храна и превоз. Ако се спореди со минатото кога имаше храна и превоз сега платата излегува дека е четири, пет илјади денари за осум часови работно време. Не само платите, намалени се и придонесите, па само по основ на пензиско 20% се намалени придонесите“, коментира Драге Јовановски, поранешен синдикалец и експерт по трудово право.

Во услови на намалена но се уште рекордна невработеност според синдикатот е добредојдена секоја нова мерка која ќе стимулира вработување. Еден од клучните предуслови е како ќе се позиционираат работодавачите, колку тие ќе најдат простор за искористување на поволностите:

„Секоја мерка што ќе придонесе за вработување на невработените лица ја поддржуваме, затоа што без разлика колку и да се вработат ќе има бенефит. Ако работодавачите си го најдат својот интерес и под услов да ја испочитуваат обврската и по периодот на стимулацијата да го задржат работникот трајно, а не само за периодот кој државата му го покрива. Да не се случи ситуација додека дава поволности државата ќе ги користиме, а потоа не! Затоа велам дека работодавачите ќе треба добро да се пресметаат“, смета Пеце Ристески Претседател на СИЕР, синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.

Wahlen in Mazedonien
Бранко ЦрвенковскиФотографија: DW

Позитивни ефекти

Дел од стопанствениците го делат оптмизимот на Владата и очекуваат позитивни ефекти од новите мерки. Секое ослободување за компаниите е квалитетна одлука, коментира за Дојче веле Миле Бошков од конфедерацијата на работодавачи:

„Секоја мерка за поддршка на работниците ја гледаме и како поддршка за компаниите, оние кои имаат потреба од работници, за оние кои ја препознаваат можноста за водење на бизнис со намалени трошоци. Ослободувањето од придонесите може да се искористи и како шанса за компаниите кои држат непријавени работници, тоа е олеснување за фирмите да ги избегнат можните несакани последици од инспекциите. Мерката е насочена кон поттикнување на подобри услови за вработување, а компаниите и тоа како можат да го искористат ова доколку препознаат шанса и доколку сакаат да влезат во зоната за легално водење на бизнис, како општествено одговорна практика“, коментира Бошков.

Фирмите што ќе вработат млади до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години, со обврска да го задржат работникот уште една година. За вработување на лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа, предвидени се стимулации во период пет години со обврска уште една година да го задржат работникот. Оние, пак, кои ќе вработат лица над 50 години ќе бидат ослободени од персонален данок и социјални придонеси но и без обврска за да ги задржат вработените. Оваа мерка ќе се однесува и за оние кои ќе вработат лица над 58 години. Со мерката за вработување на млади до 29 години по овој принцип досега биле вработени над 7.000 лица.