1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сѐ стана поскапо“

Ерик Албрехт/ Симе Недевски2 март 2015

Војната на истокот на Украина создава се’ поголеми проблеми за економијата во земјата. Украинската валута гривна загуби на вредност. Населението тоа секојдневно го чувствува на својот паричник.

https://p.dw.com/p/1Ejnb
Kiew Wirtschaft Währung
Фотографија: DW/A. Köhler

Банани, пиперки, мандарини- само таму каде што стои вагата Наталија може да се види зад куповите овошје и зеленчук. Со години таа има тезга на пазарот Шитна во киевската населба Подил. Но, никогаш досега оваа работа не била потешка за оваа мајка на две деца. „Секој тука на пазарот само се обидува да ги доведе своите редовни купувачи“, вели Наталија. Многумина купуваат помалку од порано.

Додека на почетокот на украинската криза за едно евро можеа да се добијат 10 гривни, сега се добиваат повеќе од 30. Само во минатата недела украинската валута загуби речиси 20 процнти од својата вредност. Тоа Наталија го чувствува и кај увозот на пиперки од Израел, и кај бананите. Сега за бананите мора да бара 40 гривни, кои порано чинеа 17. „Веќе ни е непријатно на купувачите да им ги кажуваме цените“, вели Наталија. И таа самата се’ помалку може да си дозволи себеси.

Kiew Wirtschaft Währung
Фотографија: DW/A. Köhler

Поради кризата дел од пазарот затворен

Малку понатаму Лариса продава месо и маст и масна сланина која е украински национален специјалитет. Тезгата на која се наоѓаат месото, вага и калкулатор- тоа е се’ што оваа шеесетгодишна селанка го има на својот штанд. Вели дека не ги зголемила цените. Животните ги одгледуваат сама во близината на Киев. „Но, се’ останато поскапе“, вели таа. Пазарот Шитни е најголем пазар во украинскиот главен град. Под брановидниот бетонски кров изграден уште во советско време на површина со големина на фудбалски стадион има безброј тезги на кои продавачите нудат месо, риби, сушено овошје или туршија. На повисокиот дел на пазарот пристапот до поголемиот број мали павилјони е оневозможен со метални решетки. „Тука обично се продава облека“, вели продавачката на овошје Наталија. „Но, луѓето во моментов за тоа едноставно немаат пари“. Поради кризата е затворено.

Зголемување на цените повеќепати на ден

Киев е целосно под јаремот на кризата. Со оглед дека фирмите го намалија количеството пари кои го одделуваат за рекламирање, и на бројните огласни билборди се гледа само уште украинското знаме. „Целовита земја“, пишува преку знамето на украински и на руски јазик. Но, токму падот на вредноста на гривната на почетокот на минатата недела дополнително ги вознемири луѓето. За многумина посебно стана недостапна увозната стока. Некои продавници во нинатиот понеделник ги менуваа цените повеќепати во текот на денот.

Во канцелариите на интернет весникот „Украинска правда“ главната уредничка Севгил Мусајева-Боровик токму што се врати од украинската Централна банка каде водеше разговор со раководителката на банката Валерија Јонтарева. Војната на истокот на Украина парализираше 30 насто од украинскиот извоз, вели Мусајева-Боровик. „Тоа се покажува и во движењето на курсот.“

Претседателот Петро Порошенко и премиерот Арсениј Јацењук во меѓувреме курсот на националната валута го прогласија за работа од централно значење. „Слабостите на курсот некој ги користи за дестабилизација на земјата пред потпишувањето на договорот со ММФ“, изјави Порошенко во саботата.

Kiew Wirtschaft Währung
Фотографија: DW/A. Köhler

Соодветен меморандум за соработка со ММФ, Украина веќе потпиша. Украинскиот парламент, Врховната Рада, веќе денеска би требало да ги прифати законите кои ги бараше ММФ како услов за исплата на кредит од 17 милијарди долари. Конечна одлука потоа би требало да донесе директориумот на ММФ на 11. март.

ММФ бара поголеми цени на гасот

За Украинците тоа би можело да значи уште поголема скапотија. ММФ бара да се запре со субвенционирање на цените на гасот. Приватните домаќинства моментално плаќаат 87 долари за 1.000 кубни метри гас- а за да се покријат трошоците на држаниот снабдувач на гас Нафтогас мора во иднина да се бара пет пати поголема цена. Во Киев се очекува дека тогаш од државна помош би биле зависни и бројни семејства од средната класа.

Нина Олексиевна прстигна во Киев со ноќниот воз од Запорожје на југот на Украина. Всушност, многу работи треба да заврши во главниот град. Но, таа и покрај тоа најпрво оди на Плоштадот на независност да им оддаде почит на жртвите на Мајдан. „Претседателот Порошенко презема голем товар“, вели оваа 60-годишна пензионерка. И таа ја чувствува економската криза. Месечно добива 2.000 гривни пензија. „Порано тоа не беше малку“, вели Нина Олексиевна. Денес има помалку од три долари на ден. „Тешко е, посебно становите стануваат се’ поскапи.“