1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грешки на СДСМ или последици од надмоќта на режимот?

Катерина Блажевска15 април 2014

Во неконзистентната политика, погрешното менаџирање на очекувањата и одвоените кампањи на Пендаровски и партијата, дел од членовите на СДСМ ги лоцираат внатрешните причини за изборниот резултат од првиот изборен круг

https://p.dw.com/p/1Bi0k
Фотографија: MIA

Изборните резултати од првиот круг на претседателските избори, предизвикаа разочарување во редовите на опозицискиот СДСМ. Покрај оценките на партискиот лидер, Зоран Заев за системска кражба на гласови од страна владејачката партија и други екстерни причини кои го девалвираат изборниот процес, сѐ погласно се поставува и прашањето дали изборниот скор е резултат и на интерни, внатрепартиски грешки и слабости на СДСМ. Зошто во изборниот резултат не се потврдија последните теренски анкети за предноста на Пендаровски? Членови и функционери на партијата не сакаат јавно да зборуваат за нивните забелешки 'во овој суптилен момент', пред вториот круг од изборите, кој ќе биде уште поголем и потежок предизвик за партијата. Но, неофицијално, наведуваат неколку слабости, кои можеле да влијаат негативно, но велат дека за тоа ќе се прави темелна анализа по завршувањето на изборите. Според статутот на СДСМ, по избори, во рок од 90 дена треба да се одржи партиски конгрес.

„Прво, погрешно се менаџираа очекувањата, бидејќи во старт беа дигнати на високо ниво. Второ, секоја изборна стратегија се темели на бројки: колку е константното гласачко тело на партијата, колку може да привлече од неопределените гласачи, а над тоа да се надгради и потенцијалот на гласови што може да го добие претседателскиот кандидат со својот индивидуален рејтинг. Сега чиј е овој резултат? На Стево Пендаровски или на СДСМ? Не ја знаеме неговата структура. Но, се разбира, сето ова не влијае ни еден отсто на изборните резултати, колку што влијаат методите на изборни злоупотреби кои ги користи режимот на Груевски. Затоа, сега е време за уште посилна изборна офанзива и мобилизација“, вели член на СДСМ од партиската „централа“.

Mazedonien Zoran Zaev Präsident der oppositionellen Partei SDSM
Зоран ЗаевФотографија: MIA

Неконзистентост

Во корпусот забелешки се најде и „срамното непоканување“ на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски на конвенцијата за претседателскиот кандидат, кое според членови на партијата е „наивно подлегнување на притисоците од власта за уредување на состојбите во опозицијата“. Дел од членовите сметаат дека главен проблем е „неконзистентноста на партиските политики“.

„Многу влијае неконзистентноста на партиската политика, во стилот 'тргни-застани'.

Ако минатата година си имал став дека режим која ја фалсификува волјата на гласачите не може да се победи на избори, а сега одиш на избори против истиот режим и истите негови фалсификати. Мора да се биде доследен: има режим или нема режим? Лошо е што и очекувањата беа кренати на многу висок праг, во ситуација кога менталитетот на режимот ниту е сменет, ниту пак изборните правила гарантираат суштинска фер игра. Исто така, ни на терен не беше одработено да се спречат уцените и заплашувањата на гласчите, а одвоените кампањи на Пендаровски и СДСМ создадоа забуна кај дел од гласачите- стои или не стои партијата зад овој кандидат. СДСМ малку наивно се согласи со измени на Изборниот законик, во кои не влегоа клучните забелешки кои досега го нарушуваа принципот за фер избори, па сега се случуваат истите направилности како и во претходните циклуси“, вели член на партијата.

Според нашиот соговорник, вториот круг од претседателските избори ќе биде уште потежок, бидеќи треба да се санира разочарувањето од првиот и да се направи дополнителна мобилизација. Исто така, на пратеничките листи има многу нови лица, што се смета за добар и квалитетен потег, но партијата пропуштила шанса претходно да ги испромовира и темелно да им ги претстави на гласачите.

Класичен криминал

Владо Бучковски, поранешен лидер на СДСМ, кој денес е во партискиот дрес на Алијансата за позитивна Македонија, вели дека Пендаровски остварил добар резултат.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski
Владо БучковскиФотографија: Petr Stojanovski

„Не ги знам сега внатрешните состојби во партијата, но сметам дека СДСМ во овој момент не 'тежи' повеќе од 250.000 гласови. Остварениот резултат во првиот круг се должи исклучиво на индивидуалниот рејтинг на Стево Пендаровски, кој е повисок од рејтингот на партијата што го кандидираше. Но, изборните резултати во одредени општини покажуваат дека всушност партијата ја изгуби битката на теренот, односно дека не одработила како што треба. Второ, погрешна беше стратегијата СДСМ и Пендаровски да водат одвоени кампањи, а тој да биде претставуван како натпартиски кандидат. Тоа денес не проаѓа“, потенцира Бучковски.

Членството на СДСМ во внатрешноста не гледа никакви грешки во потезите на СДСМ, туку само последици од „ујдурмите на власта“.

„Веќе осум години сведоци сме на избори кои не се избори. Ако се решаваат со тоа што секој административец за власта треба да донесе 15 гласачи, а од годинава и 'тројца неопределени', за какви слободни и фер избори зборуваме? Тој клиентелизам, во кој власта обезбедува гласови со ветувања за вработување, за субвенции, за социјална помош, за отпис на долгови или за да не биде избркан некој од работа, во корен ја уништува рамноправноста на партиите во изборната трка. Тој што ја има власта, ги креира и изборните резултати. Изборниот процес се претвори во класичен криминал. И по сето ова, слушаме дека требало да си ги бараме грешките во партијата. Навистина ќе ги бараме, ама не во Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи тој не ги продуцира, туку друга партија која со притисоци и закани го компромитира избирачкиот процес, а законски е обврзана е да спроведе фер избори. Како не им е срам да се заблагодаруваат на поддршката на граѓаните, кога знаат на каков начин е обезбеден голем дел од таа 'поддршка'“, вели Пеце Трајкоски, од општинска организација на СДСМ во помала општина во земјата.

Заев: Почнуваме од нула

Зоран Заев, претседателот на СДСМ и вчера повтори дека изборните резултати се резултат само на систематскиот притисок на власта на Никола Груевски преку државните инструменти и најави борба до крај.

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Stevo Pendarovski
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

„Сепак, и покрај сите закани и уцени, зад опозицијата застанаа околу 330 илјади граѓани на Република Македонија, што е растечка тенденција, а уште огромен број гласачи од разни причини остананаа дома. Откажување нема. Наша должност е да го разобличиме системот на Груевски. Ситуацијата на теренот ја видовме со свои очи. Луѓето сакаат промени. И земјоделците, и јавната администрација на која и е смачено да гласа под уцени, и оние 55 проценти од младите кои се невработени и очајните семејства на над 20 проценти млади кои ја напуштија земјава. Јасно му е и на бизнисот дека македонското стопанство е во рацете на оф-шор компании поврзани директно со фамилијата на Груевски која функционира исклучиво за лични интереси. Прашањето што си го поставуваат најголем дел од граѓаните, како тогаш победува Никола Груевски, ви тврдам - ќе биде разобличено. Од денес почнуваме од нула!“, најави Заев.

Власта во второто полувреме од кампањата влегува со голема психолошка предност, а СДСМ најави дека ќе го открие и демаскира “кој е главниот креатор на криминалите во државата поради кои страдаат граѓаните“, што би можело да се толкува како најава дека наскоро ќе бидат обелоденети крупни афери за власта.

Според аналитичарите, токму сега СДСМ е пред вистинската жестока битка. Тие прогнозираат дека вториот дел од кампањата ќе влезе во „петта брзина“ и ќе биде многу поразличен од првиот: „Никој никого нема да штеди - ќе се оди на сѐ или ништо“.