1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓанската волја за ГТЦ немоќна пред цензусот!

Катерина Блажевска27 април 2015

Се бара поголем процент на излезност на референдум на локално ниво, отколку за избор на претседател на државата, велат од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, укажувајќи на една од причините за неуспешниот референдум

https://p.dw.com/p/1FFIq
Фотографија: MIA

Непрочистениот избирачки список, притисоци врз граѓаните да не излегуваат на гласање, блокирањето на лифтови во висококатниците, недоволната информираност и ред други причини, пресудија неуспех за вчерашниот референдум во општина Центар, на кои граѓаните се изјаснуваа дали се за зачувување на изгледот на Градскиот трговски центар.

Како што информираа граѓанските организации акредитирани за набљудување на гласачкиот процес, биле забележани лица кои ги евидентирале гласачите и ги одвраќале од гласање, а голем број се откажале од гласање затоа што не можеле да се најдат во избирачкиот список.

„Со разочарување можеме да констатираме и дека огромен дел од приватните медиуми кои се под контрола на власта, целосно го игнорираа референдумот. Ако тоа и може да се објасни со ставот на власта кој е негативен во однос на овој референдум, начинот на кој МРТ го бојкотира референдумот е целосно неприфатлив. Јавниот сервис ни денеска, на денот на гласање за референдумот, не ја остварува својата улога, доделена со законите и статутот на МРТ“, изјавија од „Цивил“.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги демантираат ваквите сознанија на набљудувачите.

„ВМРО-ДПМНЕ немаше повик граѓаните да не учествуваат на овој референдум и немаше кампања која би повикувала на гласање или не за овој референдум. Тоа оставивме сами да го одлучат сите граѓани, и оние кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на која било партија или воопшто не се членови на партии. Денес мнозинството на граѓани на Општина Центар покажаа дека не ги одобруваат политиките на СДСМ и на нивната коалиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Погрешни проценки
Штета е што една добра и автентична граѓанска иницијатива сега е под закана да се претвори во автогол за опозицијата од повеќе причини, оценува аналитичарот Петар Арсовски.

„Очигледно е дека стратегијата за распишување и спроведување на референдумот во Центар се базирала врз неточни проценки и анализи. Мислам дека проценката за тајмингот на референдумот и анализата за тоа колкава излезност може да се обезбеди, се базирале врз погрешни сознанија и заклучоци, бидејќи во ваквите истражувања веќе во серија се појавува дискрепанца помеѓу анкетите и реалноста на терен, слично како во случајот со тврдењата дека Пендаровски ќе победи. Ваквите погрешни проценки се стратегиски поблематични, а тоа се работи кои опозицијата во услови на ваква политичка распределба на силите не смее да си ги дозволи. Потоа, самата кампања премногу се фокусираше на т.н. мека промоција, новите медиуми и на граѓански капацитети, а не се вклучи и посериозна GOTV (Get Out The Vote) стратегија. Професионалните анализи покажуваат дека во Центар критичкото расположение е веќе освоено, сатурирано и дека не постои доволен контингент гласови за резултатите драстично да се подобрат. Затоа мислам дека овие бројки беа очекувани, особено имајќи го предвид квалитет на избирачкиот список во Центар и високиот праг поставен со законот“, анализира Арсовски.

Од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ укажуваат токму на законските нелогичности кои ја одредуваат судбината на референдумот.

Andrej Zernovski
Градоначалникот на општина Центар, Андреј ЖерновскиФотографија: DW

„Денеска ГТЦ освои повеќе гласови од сите претседателски кандидати досега во општина Центар. Луѓето се обединија и докажаа дека барокот нема поддршка. Но, ова ја покажува и целата нелогичност на Законот за референдум. Се бара поголем процент на излезност за референдум на локално ниво, отколку за избор на претседател на државата“, рече активистот Никола Наумовски.

Освен непрочистениот избирачки список, притисоците за неизлегување на гласање и слабата информираност за референдумот, нашите соговорници причините за вчерашниот епилог ги лоцираат и во други сегменти. Според Никола Велковски, поранешен директор на ГТЦ, постои и различна меморија за Скопје и за неговите вредности.

„Можеби постои и презаситеност кај граѓаните од избори во последните 7-8 години. Сигурно кај нив постои и мала доза на рамнодушност кон прашања кои не се однесуваат и не ги решаваат нивните социјално-економски проблеми. Исто така, со новите градби општина Центар доби и нови станари кои ја немаат меморијата и љубовта за Скопје од минатото“, укажува Велковски.

ГТЦ - културно наследство!

Што понатаму?Арсовски предупредува на следна опасност.

„Ако успешниот референдум ќе беше обврзувачки и ќе го спречеше барокот на ГТЦ, дали и обратното е вистина, дека неуспешниот референдум е de jure дозвола за барокизацијата? Оттаму, сметам дека конечниот исход за борбата за зачувување на ГТЦ да се изигра на една карта - на референдумот, е преголем ризик! Сигурен сум дека власта овие резултати ќе ги искористи за понатамошна пропаганда за менување на изгледот на трговскиот центар. Сепак, се надевам дека јасно изразената волја на граѓаните против ваквиот потег, ќе остави можност борбата за зачувување на автентичноста на ГТЦ да може да продолжи“, вели Арсовски.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски најави дека битката ќе продолжи и по овој резултат, „досега најголем во општината“. Според Жерновски, на референдумот изглегле околу 40 проценти од вкупниот број на гласачи, а 95 проценти од нив се изјасниле деке не го прифаќаат барокот.

„Педесет проценти излезност е многу во оваа и ваква ситуација, посебно со овој избирачки список каков што е, но и со притисокот од власта да не се оди на гласање. Над 95 проценти од оние што излегоа на референдум гласаа за зачувување на автентичноста на ГТЦ. Тоа значи дека ниту една власт не смее да го чепне ГТЦ. За мене овој референдум е прв чекор на враќање на власта кон гласачите, јас како градоначалник се ќе направам ГТЦ да остане како што е“, порача Жерновски.

И активистите од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ најавуваат дека ќе продолжат активностите за негов спас од барокот.

„Граѓаните покажаа дека ја ценат културата и традицијата. Се надевам дека она што власта го намерила, нема да го оствари. Не го даваме ГТЦ. Следен чекор е да се прогласи за културно наследство“, најави архитектката Даница Павловска.