1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граничниот спор-проблем во индо-кинеските односи

Габриел Доминикез. Ивана Стојкова17 септември 2014

Од денеска па се‘ до 19. септември, кинескиот претседател Ши Џинпинг е во Индија. Ова е негова прва посета, при што договорена е и средба со индискиот премиер Нарендра Моди.

https://p.dw.com/p/1DDrI
Фотографија: imago/Xinhua

Престојот на Ши во регионот, кој вклучува посета и на Шри Ланка, Таџикистан и Малдивите, се случува откако кинескиот сосед, Јапонија во следните 5 години реши да инвестира 35 билиони долари во Индија, вклучувајќи го и воведувањето на брзите возови. За време на посетата, претседателот Ши се очекува да договори инвестиција од милиони долари во индиската железничка мрежа, со што ќе се зацврстат трговските врски и покрај долгогодишниот територијален спор. Лиу Зонги, експерт за индо-кинеските односи на шангајскиот Институт за интернационални студии, во интервју за ДВ зборува за интересот на Кина во јужна Азија и објаснува дека без разлика на територијалниот спор околу Хималаите, двете земји треба да се фокусираат на соработката и одржувањето на мирот во пограничната област, со оглед на тоа што ова прашање нема да се реши во блиско време.

ДВ: Со оглед на многубројните несогласувања, почнувајќи од трговијата па се‘ до спорот околу терторијалната граница, како би ги опишале моменталните индо-кинески односи?

Лиу Зонги: Односите меѓу Кина и Индија вклучуваат и соработка, но и меѓусебно натпреварување, при што соработката нема граници, додека натпреварувањето е ограничено. Генерално, односите се пријателски, имајќи го предвид фактот што и двете земји имаат доста заеднички интереси: на глобално ниво, и двете се членки на БРИКС, БАСИК и Г20, потоа, имаат усогласен став во однос на многу прашања во рамките на Светската трговска организација, климатските промени, реформите на меѓународниот финансиски систем, конфликтот во Сирија итн. Во јули, Кина и Индија изјавија дека ќе формираат заедничка банка со Русија, Бразил и Јужна Африка. На регионално ниво, и двете сакаат стабилност и економски просперитет, а имаат заеднички интерес и во однос на антитероризмот и Авганистан. На билатерално ниво, Кина е најголемиот трговски партнер на Индија и билатералната економска соработка нагло се зголеми во последните десет години. За премиерот Моди, изградбата на инфраструктурата и фабриките е приоритет во индиската економска реформа, а Кина може да обезбеди евтина опрема и технологија. Се разбира дека се‘ уште постојат проблеми во односите, но верувам дека и тие ќе бидат решени по мирен пат преку преговори.

Liu Zongyi
Лиу ЗонгиФотографија: privat

ДВ: Што очекува претседателот Ши да постигне во политичките и економски односи за време на посетата на Индија?

Лиу Зонги: За време на неговиот престој, претседателот Ши би сакал да воспостави рамка за соработка со јужноазиските земји. Според извештаите, Кина веќе преговара со Индија за надоградба на железничкиот систем, обука на железничките работници како и градење на кинески индустриски зони. Се разбира дека за време на средбата ќе се разговара и околу прашањето за територијалната граница и други теми.

ДВ: Индија и Јапонија неодамна склучија посебно стратешко партнерство. Што претседателот Ши планира во индо-кинеските односи?

Лиу Зонги: Индо-јапонското стратешко партнерство нема некоја смисла. Индија сакаше да потпише нуклеарен договор со Јапонија и купи авиони-амфибии, но се разочара. Кина ќе обезбеди она што премиерот Моди најмногу го сака, а тоа е подршката за економските реформи.

ДВ: Каква улога игра спорот за територијалната граница во односите помеѓу Кина и Индија?

Лиу Зонги: Терторијалната граница е најголемиот проблем во односите, за границата се водеше и војна во 1962 година. Но, во изминатиот половина век, немаше никакви проблеми во пограничната област. Кина и Индија се‘ уште преговараат на оваа тема. Двете страни потпишаа рамковен договор со цел да го решат овој проблем и да одржуваат стабилност во оваа област. Проблемот е што граничната линија помеѓу двете територии е нејасна. Индиските медиуми и одредени воени елити често пати го потенцираат ова прашање, тврдејќи дека Кинезите вршат инвазија на индиската територија. Всушност, доста често се случува индиската војска да влезе на територијата на Кина, но кинеските медиуми не известуваат за тоа. Според кинески научник, ако Кина и Индија не го решат граничниот спор во скоро време, проблемот ќе се одолговлекува, наместо двете земји да се фокусираат на развивањето соработка во други области.

ДВ: Кои се главните интереси на Кина во Јужна Азија?

Лиу Зонги: Тоа се следниве интереси: да имаат мирна, стабилна и просперитетна околина, безбедност на Кинезите во Јужна Азија, растечка трговија, вклучувајќи ги кинеските странски директни инвестиции, како и безбедност на поморските линии за стоки и енергија покрај Индискиот Океан.

Лиу Зонги е научен соработник на Институтот за светски економски студии и Центарот за азиско-пацифички студии на шангасјкиот Институт за интернационални студии.